Делегација од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) од утре ќе престојува во четиридневна посета на Македонија и ќе има средби со владини претставници, бизнис лидери и граѓански организации.
Посетата се реализира како подготвителна активност за стратегијата на ЕБОР за Македонија за периодот од 2019-2023 година. Целта е да се договорат приоритетите на македонската Влада и да се идентификуваат клучните области каде ЕБОР може да се ангажира за да се интензивира деловниот и политичкиот дијалог.
Делегацијата ќе ја предводи директорот на ЕБОР за Холандија, Кина, Монголија, Македонија и Ерменија, Франс Викерс.
Предвидено е директорите на ЕБОР да се сретнат со премиерот Зоран Заев, министерот за финансии Драган Тевдовски, претставници од Кабинетот на вицепремиерот Кочо Анѓушев и со гувернерката на Народната банка на Република Македонија, Анита Ангеловска-Бежовска. Делегацијата од ЕБОР ќе има состаноци и со меѓународни финансиски органзиации, Европската унија, комерцијалните банки, компании од енергетиката во државна сопственост, како и со претставници од граѓанскиот сектор и дипломатскиот кор.
ЕБОР има инвестирано над 1.8 милијарди евра во 113 проекти во Македонија,фокусирајќи се на поддршка на интеграцијата на земјата во регионалните и глобалните пазари, преку инвестиции и политички дијалог, особено во интензивирање на соработката со клучните партнери како Европската Унија и Европската Инвестициона Банка.
Од ЕБОР најавуваат и одржување на Трет инвестициски самит за Западен Балкан на кој ќе присуствуваат шест премиери од регионот. Годинава, Годишното собрание на ЕБОР ќе се одржи во Сараево на 8 и 9 мај.