Ивона и Владимир нудат уникатно запознавање со Охридското Езеро на СУП даски за стоечко веслање

- Advertisement -

Ивона и Владимир Вељаноски се родени Oхриѓани и израснати со голема љубов за езерото, а тоа денеска резултира со посветена работа за заштита на неговата убавина и вредности. Тие, својот бизнис, организирање на туристички тури по езерото, го водат на начин кој обезбедува одржливост и заштита на животната средина. Ивона и Владимир се посветени на зачувување на чистотата на водата, заштита на биодиверзитетот, а најважно од се и на зголемување на свеста за вредноста на нашиот бисер, и кај нивните сограѓани и на сите кои секоја година го посетуваат Охрид.

Ивона и Владимир својот ентузијазам и љубов кон езерото го делат и со други истомисленици со кои организираат редовни волонтерски акции за чистење на плажите од отпад, а особено на местата кои се достапни само по воден пат. Тие сметаат дека секој може да придонесе со по некој  свој мал чекор кон одржливоста и до тоа да направи големо влијание.

- Advertisement -

Новинар – Сања Наумовска

Вашиот клуб СУП клуб од Охрид организира еко тури на Охридското Езеро. Кажете ни нешто повеќе за вашата дејност, со што точно се занимавате?

- Advertisement -

Приказната за СУП Клуб Охрид започна во 2018 година, како резултат од љубовта кон водните спортови, езерото и природата. Во тој период, стоечкото веслање на даска беше релативно ново и непознато во нашата земја. Од хоби за кратко прерасна во изнајмување и организирање тури со цел да ги доловиме убавините на езерото и да ја збогатиме целосната понуда за странските и домашните туристи.

Нашата главна дејност е организирање на еко тури со даски за стоечко веслање (СУП) и кајаци, тим билдинг активности, тренинзи, обуки, настани и разни искуства. Организираме и СУП јога на вода, обуки за едрење на даска, можност за индивидуално изнајмување на опрема, СУП на полна месечина, зајдисонце, натпревари и игри, итн. Турите кои ги организираме се погодни за почетници, имаме и авантуристички за понапредни веслачи, како и специјализирани, во зависност од барањата. Има голем интерест од домашни и странски туристи кои сакаат да уживаат во природните убавини на езерото и да доживеат едно ново искуство и авантура на вода.

- Advertisement -

Покрај тоа организираме и сме дел од бројни настани, особено сме горди на Фестивалот на водени спортови Охрид кој е спој на сите водни спортови во Охрид со богата програма во текот на девет дена. Целта е промоција и заштита на природното богатство, развој на локалната заедница и позиционирање на Охрид како дестинација за активен туризам.

Што ве инспирираше да го започнете вашиот семеен бизнис и токму на овој начин да работите и да придонесете за заштита на Езерото?

Jас и Владимир сме родени и израснати тука, на истото место каде што денес работиме – Канео. Овој прекрасен предел ни е во срцето уште од детството. Уште од мали нозе сме опкружени со убавината на Охридското Езеро и водните спортови. Владимир е поранешен професионален кајакар на мирни води, дел од Кајакарската федерација на Македонија и репрезентативец на светско првенство и бројни државни, меѓународни и европски првенства со кајак на мирни води. Двајцата сме се растеле со водни спортови како пливање, веслање скиф, едрење и кајак. Од таму најверојатно доаѓа и инспирацијата, спонтано и природно. Љубовта кон езерото, желбата да ја споделиме убавината на езерото со што повеќе луѓе преку ваков спој на водни спортови и активен туризам.

Се одлучивме да работиме на начин кој активно придонесува за заштита на езерото. Целата опрема е еколошка, како и настаните, активностите, и турите кои ги организираме. Освен тоа имаме и редовните волонтерски акции за чистење на плажите и места достапни само по вода.

На овој начин не само што го зајакнуваме чувството на заедништво и одговорност, туку и оставаме позитивен пример за локалната заедница и туристите. Веруваме дека секој мал чекор кон одржливост може да има големо влијание, и сме горди што тимот и членовите на СУП Клуб Охрид како и локалната заедница ја поддржува и промовира оваа цел.

Кои се начините кои можат да се искористат во туризмот за обезбедување одржливост и заштита на биодиверзитетот на езерото?

Примери од светот покажуваат дека едукацијата на туристите и поддршката на локалната заедница можат значително да придонесат за заштита на природните ресурси. Воведувањето на строги регулативи за заштита на биодиверзитетот, ограничувањето на бројот на туристи во чувствителни области, употреба на еколошки транспортни средства, како и воведување и примена на правила за однесување. Дополнително, активниот и одржливиот туризам, еко тури и активности за чистење придонесуваат за зголемување на свеста и поттикнуваат позитивни промени.

Покрај тоа, некои практики на локалното население и туристите и нивното однесување треба да се променат, воведувајќи еко политики и глоби за прекршување на истите. Овие мерки ќе придонесат за долгорочна заштита на природните ресурси и биодиверзитетот.

Колкава е свеста на туристите за загадувањето што доаѓа од транспортните средства во езерото?

Свеста на туристите за загадувањето од транспортните средства е сѐ уште релативно ниска, особено за негативните последици што моторните чамци и други транспортни средства ги имаат врз водниот екосистем. Затоа е важно постојано да се едуцираат и информираат какво е директното влијание од нивното однесување врз животната средина.

Што треба да се смени за да се обезбеди заштита на езерото и животната средина? Кои се најголемите закани во моментов во Охрид во овој поглед и кои се решенијата?

Најголемите закани во моментов се непланската урбанизација, прекумерната туристичка активност, загадувањето од отпадни води, зголемениот број на моторни пловила. Решенијата вклучуваат креирање и спроведување на планови за одржлив туризам, подобрување на инфраструктурата за третман на отпадни води, активна едукација на локалното население и туристите за заштитата на природата, третманот на отпадот, воведување на строги регулативи, употребата на еколошки транспортни средства.

Какви се вашите планови за во иднина?

Нашите планови за иднината вклучуваат проширување на нашите услуги со нови авантуристички и еко тури, воведување на повеќе активности за подигнување на свеста за заштита на животната средина и зголемување на соработката со локални и меѓународни организации за заштита на природата.

Сподели!
- Advertisement -