Кога сакаме да го намалиме загадувањето кое ние го оставаме во околината најдобро е да почнеме од пластичните шишиња за вода. Една нова компанија Cove се надева дека целосно ќе ја искорени употребата на пластични шишиња за еднократна употреба со својот производ – 100% биоразградливо шише за вода. Шишето го носи името како и компанијата Cove, а ќе биде достапно наскоро
Според Cove, нивното шише е прво такво во светот – биоразградливо шише за еднократна употреба. Шишето е направено од PHA, односно природен биополимер, а етикетата е направена од хартија, нетоксично мастило и нетоксичен лепак.
Откако ќе ја испиете водата од шишето, од Cove препорачуваат да го реупотребувате шишето додека не измине рокот нa употреба, а потоа да го фрлите во сад за компостирање. На страницата на компанијата пишува дека шишето ќе се разгради во компост и ако го фрлите некаде во природа, во вода или дури и во океанот. Сепак, потенцираат дека не можат прецизно да наведат колку време ќе треба да се почека додека се разгради.
Досега сета биопластика и другите еколошки алтернативи мора да се рециклираат за да се искористи материјалот, а ова шише е првото кое само ќе се претвори во компост. Cove е првото шише за вода во светот кое не создава токсичен отпад.
Алекс Тотерман е основач на Cove. Тој објасни зошто ова шише кое го дизајнирал самиот е толку поинакво. „PHA е единствениот полимер кој е целосно разградлив во каква било средина, па нема потреба од рециклирање. Ние едноставно сакаме на луѓето да им дадеме нешто што изгледа едноставно, а всушност е многу битно“ вели тој.
Освен тоа, компанијата Cove се труди целиот производен процес да биде локален. Како што објаснуваат на нивната страница, првата пратка шишиња ќе биде достапна само во Калифорнија, а водата во шишињата ќе биде од природни извори во Калифорнија. Како што ќе се шири, Cove планира да продолжи водата да ја снабдува локално за да се намали растојанието и трошокот за транспорт.
Cove може да се нарача во претпродажба на страницата на компанијата, а првата пратка се очекува да биде доставена во Калифорнија во мај годинава. Моментално пакет од 12 шишиња чини 24 долари.