7 C
Skopje
недела, февруари 28, 2021

Профeсор Димитров: Развиваме паметен фотоволтаичен модул кој едновремено произведува и складира електрична енергија

Kabtel desktop

За развојот на иновативниот производ – паметен фотоволтаичен акумулациски модул, кој во себе ќе интегрира најсовремени батерии и управувачка електроника за да може да акумулира енергија, а воедно да може да се користи и како градежен материјал во покривните конструкции, разговаравме со проф. д-р Димитар Димитров од ФЕИТ, кој е координатор на проектот

Разговараше- Верица Јорданова

Краен резултат на проектот „Развој на паметен фотоволтаичен модул (ФВ-ПАМ)“ ќе биде нов, револуционерен и иновативен производ кој едновремено произведува и складира електрична енергија добиена од сонце!
Носител на проектот е градежната компанија Торакс ДОО, специјализирана за енергетско-ефикасни фасади и покриви, кој го спроведува во соработка со Факултет за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ преку Центарот за трансфер на технологии и иновации, ИНОФЕИТ и компанијата Интебако. Компанијата Торакс е една од над 70 домашни компании/конзорциуми поддржани од Фондот за иновации и технолошки развој во рамките на првиот јавен повик од владиниот План за економски раст.

Професор Димитров, што всушност развивате преку овој проект кој започна да се реализира пред неколку месеци?

Во насока на зголемување на својата палета на производи од областа на енергетско-ефикасните фасади и покриви, компанијата Торакс ДОО, во соработка со ФЕИТ, преку новоформираниот центар за трансфер на технологии и иновации ИНОФЕИТ и компанијата Интебако, реши да ја искористи можноста што ја понуди Фондот за иновации и технолошки развој и предложи проект за развој на нов иновативен производ, кој се очекува да има големо влијание врз пазарот во иднина.

Иновативниот производ го нарековме паметен фотоволтаичен акумулациски модул (ФВ-ПАМ). Тој покрај стандардните карактеристики што ги имаат фотоволтаичните модули, ќе може да акумулира електрична енергија, како и ќе може да се користи како градежен елемент за компонирање водонепропусни покривни и ѕидни површини. Сето ова го постигнуваме со користење на постојни компоненти на пазарот (фотоволтаични модули, батерии, електронски елементи итн.) и нив ги интегрираме во еден производ.

Кои би биле идни корисници на овој иновативен производ?

При функционирањето, класичните фотоволтаични системи во електроенергетските мрежи создаваат варијации на напонот. Со тоа бројот на вакви инсталирани системи е ограничен. Можноста за акумулирање на електричната енергија и нејзиното управување го надминува ова ограничување и не само тоа – туку може да го зголеми и капацитетот на мрежата за поврзување на нови потрошувачи. На ваков начин значително може да се намали инвестицијата за приклучок фотоволтаичниот систем со мрежата, што значи дека инвеститорите во вакви системи ќе имаат бенефит.

Корисници на ФВ-ПАМ би можеле да бидат снабдувачите со електрична енергија, затоа што во своето портфолио во себе содржат централи кои можат да ја балансираат набавената и потрошената електрична енергија и со тоа да ги намалат трошоците во тековното работење. Понатаму, корисници можат да бидат потрошувачите кои може да калкулираат во кој момент да ја даваат или земаат енергијата, зависно од моменталните тарифи. Градежните фирми се други потенцијални корисници при што ќе монтираат кровни и ѕидни конструкции, кои воедно генерираат и акумулираат енергија.

Се надеваме дека овој производ ќе да најде широка примена, што ќе овозможи поголема застапеност на фотоволтаичните системи.

Кои би биле придобивките за компаниите кои би одбрале вакви иновативни фотоволтаици?

Акумулирањето на енергијата сè уште е скапа работа. Поради високата цена за складирање и некои технички ограничувања, ниту во Македонија ниту во светски рамки, акумулирањето на енергија сè уште нема значајна примена. Нашиот производ ќе биде поевтин отколку ако двата системи (за генерирање и за складирање) се купат посебно. Од друга страна, акумулирањето на енергија само по себе е штедење, затоа што електричната енергија е специфична па кога ќе се произведе – веднаш мора да се потроши. Ако нема систем за акумулирање или потенцијален потрошувач, кој ќе ја потроши таа енергија, тогаш електричните централи работат со пониска ефикасност. Да не заборавиме, дополнително ФВ-ПАМ претставува и градежен материјал.

За колку ќе биде поскап ФВ-ПАМ од класичните фотоволтаични модули?

Секако дека цената на ФВ-ПАМ е важна, но во овој момент не е благодарно да се кажуваат конкретни цени и проценти. Како и да е, тие ќе бидат поевтини и со подобрени перформанси во однос на класичните решенија.

Како законски сега е регулиран овој енергетски сегмент?

Во моментов семејствата кои генерираат енергија од фотоволтаични системи истата можат да ја користат за свои потреби, но не можат вишкот енергија да го предадат во енергетскиот систем на Македонија. Тој сегмент не е сèуште правно регулиран. Во фаза на изработка се правилници за предавање на вишокот енергија во мрежата, но сèуште не се во сила. Ако во овој момент нашиот производ беше готов и комерцијално достапен, тогаш домаќинствата ќе можеа вишокот енергија да го акумулираат и да го користат навечер.

Кај компаниите е малку поинаку. Оние кои се на либерализиран пазар, имаат можност да се договорат со снабдувачот на електрична енергија како ќе ја регулираат испораката на вишокот енергија произведен од своите фотоволтаични централи.

Каде планирате да го пласирате овој производ?

Наши потецијални клиенти се домаќинствата, големите компании, постојните фотоволтаични централи, големите компании кои произведуваат фотоволтаични модули, итн. Постојат различни модалитети на соработка, но она што е важно е дека ќе понудиме решение за складирање на енергија.

Секако таргетираме и на светскиот пазар. Ваков сличен производ, но со далеку послаби перформанси развивале и други. Сепак, поради големите предизвици со кои се соочиле не успеале да го комерцијализираат. Ние користиме посебни технологии за да креираме интегриран производ и да ги одбегнеме проблемите, од типот на поголемо загревање, ограничен работен век и слично.

Колкав тим работи на развој на овој иновативен производ?

Тимот што го работи проектот вбројува 30-тина учесници. Апликант и носител на проектот е градежната фирма Торакс ДОО, која прави енергетски ефикасни фасади.

Има неколку подизведувачи, а Инофеит, кој ангажира научно-истражувачки кадар, работи на развој на контролната електроника, концептот на целиот систем, итн. Во изработката и развојот на ФВ-ПАМ, ќе бидат вклучени повеќе истражувачи, докторанди, магистранти и студенти од ФЕИТ, а секако ќе биде позитивен пример за примената на современите истражувања во практиката, во случајов, во насока на развој на иновативни производи. Проектот трае две години.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •