Фондот за иновации и технолошки развој со поддршка на амбасадата на Обединетото Кралство во РСМ и УНИЦЕФ покрена иницијатива за поддршка и развој на талентирани деца со цел да се креира системско решение со кое државата во иднина ќе вложува во развивање и поддршка на таленти кај младите.
На денешната панел дискусија „Развој и поддршка на талентирани деца“, во организација на ФИТР, десетина експерти од оваа област излегоа со конструктивни предлози и решенија за горливите проблеми со кои се засегнати талентираните и надарени деца како и нивните семејства.
Мотивација за оваа иницијатива се децата како осумгодишниот Христијан Арсов – Кико, дете со натпросечна интелигенција, кој го отвори панелот што беше вовед во интересна дебата.
Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој, најави отворање на посебна државна програма за развој и поддршка на талентирани деца.
„Наша должност како општество е да се грижиме за најталентираните и најспособните, но и на сите да им овозможиме еднаков и фер пристап до поддршка за да ги реализираат сопствените потенцијали. Ова е само почеток на еден процес со кој вистински и конкретно ќе вложиме во иднината на оваа држава. Вложување во вас младите е вложување во нашата иднина “, посочи Деспотовски.
Тој исто така нагласи дека ФИТР само во изминатата година има инвестирано близу 10 милиони денари во реализација на програми наменети за млади и деца од децата од различни возрасти, со цел поттикнување на нивната критичка мисла и иновативност.
Рејчел Галовеј, амбасадор на Обединетото Кралство, во своето обраќање потенцираше:
„Образовните институции без разлика дали се градинки, основни и средни училишта, или универзитети треба да ги исполнуваат потребите на сите ученици. Но, пред да побараме од училиштата и наставниците да обезбедат повеќе поддршка, треба да знаеме какви капацитети треба да развиеме. Многу е битно што Фондот за иновации ја отвора оваа дебата на национално ниво да разговараме за можностите што Северна Македонија ги има и областите каде е потребен повеќе развој со цел да им се помогне на надарените и талентираните деца, да им е пријатно во образовниот процес и целосно да се развива нивниот потенцијал.“
Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ во нашата земја во своето обраќање истакна:
„Секое дете е посебно и секое дете има потенцијал. Дарбата или талентот сами по себе не гарантираат успех. Ние мора да им дадеме шанса на сите деца да го остварат својот потенцијал, можност да ги откријат и негуваат своите таленти, поддршка да ги развиваат вештините, охрабрување да бидат љубопитни и истрајни, а не треба да ја заборавиме и важноста на скромностa. Способноста да се негуваат квалитетни меѓучовечки односи и да се покаже благодарност се подеднакво важни. За да изградиме култура во која секој ќе го достигне својот максимум, мора да им дадеме можност на сите деца да ја откријат сопствената големина и да напредуваат.“ – рече г. Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.
Во рамки на повеќе панели, домашни и меѓународни експерти дебатираа на темите: „Категоризација, идентификување, развој и поддршка на способностите кај децата“, „Лични искуства во поддршката и развојот на талентираните деца“ и „Како кон подобар систем на поддршка и развој на талентираните деца“.
Меѓу гостите кои исто така учествуваат во дебата се универзитетски професори, наставници од основни и средни училишта, претставници од Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, Делегацијата на Европската Унија во земјава, од повеќе амбасади, фондации, здруженија, од локалната самоуправа, како и ученици кои се директно засегнати од темата.