Големите градови задушени од сообраќај, регионите во кои се произведува јаглен, индустриските региони опкружени со планини – црните точки на загадувањето јасно се видливи на европската мапа за квалитет на воздухот. Додека во речиси целата Европска унија десетици милиони Европејци се изложени на разни нивоа на загадување, кои ги надминуваат препораките на Светската здравствена организација, некои живеат во ситуација која е многу полоша.
На мапите на Европската агенција за околина, долината на реката По, опкружена со планини на северот од Италија, е полна со црвени точки кои означуваат проблематична ситуација. Според консолидираните податоци за 2016 година, неколку градови во тој регион се на врвот на листата според количината отровни честички во воздухот помали од 2,5 микрометри, кои се одговорни за 391.000 случаи на прерана смрт во ЕУ и околу 60.000 во Италија на годишно ниво. На пример, годишниот просек на концентрација на PM 2,5 честички достигнува 30 микрограми на метар во Падова и и 29 во Торино и во Милано, додека дозволениот европски просек е 25. Торино и Милано се и меѓу најзагадените градови со озон и сулфур диоксид – загадувањето со азот диоксид го надминува дозволениот годишен просек од 40 микрограми по метар квадратен и изнесува 70, односно 67 микрограми.
Друга црна точка е југот на Полска, подрачјето на Шлеска и околу неа, поради термоелектраните на јаглен и греењето на јаглен и дрво. Кога станува збор за PM 2,5 честичките, Краков во 2016 година беше најзагадениот град во Европа со просечна годишна концентрација од 38 микрограми по метар квадратен, пред Катовице со 34.
Според неодамнешниот извештај на Greenpeace, во кој се наведуваат податоците за 2018 година базирани на друг систем, Катовице и уште еден град во Полска се меѓу десетте најзагадени со PM 2,5 честички во Европа. Податоците на Европската агенција за околина за 2016 година покажуваат дека Краков и Катовице го надминуваат дозволениот годишен просек на концентрација со азот диоксид со повеќе од 50 микрограми по метар квадратен.
Сите големи европски градови секоја година се соочуваат со големо загадување со разни отровни супстанции во воздухот главно поради сообраќајот. Според извештајот на Greenpeace, Софија во 2018 година била најзагадена престолнина со PM 2,5 честички во светот. Потоа следуваат Варшава, Букурешт, Никозија, Прага, Братислава, Будимпешта, Париз, Виена итн. Податоците на EEA за 2016 година покажуваат покачени просечни вредности на PM 2,5 честички во Варшава (26 микрограми по метар квадратен), Софија (22), Загреб (21) и во Атина (20). Поради старите возила и енергетските системи кои некаде уште зависат од јагледн, централна Европа особено е погодена од такво загадување.
Големите градови на западот од Европа кои се гушат во сообраќаен метеж особено се погодени со загадување од азот диоксид, а некои многу ги надминуваат дозволените граници. На пример, Лондон е на врвот на табелата со просек од 89 микрограми по метар квадратен, потоа следува Париз (83), Штутгарт (82), Минхен (80), Марсеј (79), Лион (71), Атина (70), Рим(65) итн.
Сончевиот југ на Европа е жртва на озонот, секундарниот загадувач кој настанува поради хемиски реакции меѓу загадувачите на воздухот (азотни оксиди, органски честички) и сонечвата светлина. Најголема концентрација на озон главно има на работ на Медитеранот напролет и во лето. Особено погодени региони се Италија, Шпанија и Грција.