Хабитат Македонија, национална афилијација на меѓународната непрофитна организација Habitat for Humanity International, во соработка со Тервилигер центарот за иновации во домувањето од Атланта, САД, распиша повик за изразување на интерес за користење поддршка од Проектот за развој на пазарот во секторот домување со кој се обезбедува техничка и финансиска поддршка за иницијативи кои вклучуваат иновативни пазарни решенија со кои се унапредуваат условите за домување. Од избраните иницијативи се очекува развивање нови и иновативни бизнис модели, усвојување нови и иновативни технологии, вклучително и нов или надграден производ или услуга, како и проширување на дејноста кон нови географски подрачја и кон сегменти на клиенти со ниски приходи. Хабитат Македонија има особен интерес за иницијативи кои ќе ја унапредат енергетската ефикасност на индивидуалните или колективните станбени објекти во земјата, како и за иницијативи кои ќе создаваат соодветен кадар или ќе отвораат т.н. зелени работни места.
Хабитат Македонија ги охрабрува малите и средни компании кои остваруваат приходи од дејност која е дел од секторот домување, се занимаваат со оспособување квалификувана работна сила за секторот домување, урбанистичко планирање, производство на градежни материјали, изведување градежни работи, производство на уреди, опрема и енергенси за домот, инсталација на уреди и опрема за домот, управување и одржување на станбени згради, финансирање на домувањето, но и со развивање софтверски алатки за паметни домови и паметни градови, да аплицираат на повикот до 15 април 2019 година.
Комбинираната техничка поддршка и донацијата може да изнесуваат најмногу 25.000 американски долари во денарска противвредност. Некомерцијалниот заем и еквити инвестицијата за еден подносител може да изнесуваат најмногу по 100.000 долари во денарска противвредност. Деталите на повикот се дадени на следниот линк http://habitat.org.mk/povik. Апликацијата се поднесува на македонски јазик.