Гојазноста е еден од најсериозните и најконтроверзни предизвици кога е јавното здравје во прашање. Тоа е криза за која најголем дел од луѓето имаат свое мислење, но за која никој досега нема најдено соодветно решение. Се уште често може да се слушне како обичните луѓе, но и обучени експерти велат дека на гојазните луѓе им недостига волја за работа или дека тоа е избор на животен стил за кој треба да се преземе поголема одговорност. Дури и во некои модерни бизниси се чини дека е во ред да се применува дискриминаторска пракса против луѓето кои се гојазни.
Неодамна Пакистанската интернационална авиокомпанија им нареди на гојазните членови од екипажот да ослабат или ќе ги отпуштат. „Никој не сака да има дебел екипаж“ изјавија од компанијата. Во Англија 60% од мажите и 50% од жените се гојазни или имаат поголема тежина од нормалната. Една четвртина од мажите и жените се гојазни и во изминатите 30 години тој број се зголемува. За споредба, во 1980 година само 7% биле гојазни.
Доказите покажуваат дека причините за гојазноста се комплексни. Според Светската здравствена организација, повеќе од 33% луѓето кои не работат се или сериозно гојазни или гојазни и се од посиромашни средини. Тоа значи дека гојазните луѓе од пониските социоекономски групи се здебелуваат побрзо отколку луѓето од повисоките социоекономски слоеви. Одличен пример за тоа е Франција, каде што во периодот меѓу 1997 и 2012 година најниската работна група од општеството со најмали примања три пати побрзо ја покачила телесната тежина отколку тие со повисоки примања.
Гојазноста на работната сила се уште е тема за која не се зборува доволно, но станува посериозен проблем. Јавното здравство на Англија проценува дека една третина од луѓето кои работат се гојазни и дека има 16 милиони отстуства од работа годишно токму поради гојазност. Цената која ја плаќа САД, пак, поради намалена продуктивност како резултат на гојазност е 15,1 милијарди долари.
Она што е јасно е дека има негативни стереотипи за гојазните луѓе и ефективноста на работа. гојазните луѓе се перципираат како мрзеливи, помалку компетентни, без самодисциплина, помалку совесни и немотивирани. Гојазните работници често имаат пониска плата и поретко се вработуваат – 4% од работодавците во светот велат дека поретко вработуваат гојазни луѓе затоа што не се сметаат за добри лидери или како луѓе со потенцијал за развој на кариера, а често се мета на шеги и подбивање, додека гојазните жени ретко добиваат работа каде што имаат директен контакт со клиенти.
Работната средина може да биде навистина тешко место за гојазните луѓе. Според едно истражување за дискриминацијата при вработување покажа дека колку е поголема тежината на работникот, толку е поголема веројатноста за дискриминација на работното место. Работниците со прекумерна тежина имаат 12 пати поголема веројатност да пријават дискриминација на работа во споредба со гојазните работници кај кои тој процент е 37%, додека кај сериозно гојазните работници таа веројатност е 100% поголема од луѓето со нормална тежина. Исто така, 16 пати поверојатно е дека гојазните жени ќе пријават дискриминација отколку мажите. Тоа е така затоа што услужниот сектор е пазар каде што има одредена прифатена слика за естетскиот изглед на вработените.