Ова се наградените студенти од ФЕИТ за концептот за домување на возрасни лица

- Advertisement -

Проектот „Концепт за напреден систем за домување на возрасни лица“ на студентите Катерина Билбилоска, Милан Јанковски, Матеј Пунтевски и Константин Кузмановски од Факултетот за електротехника и информациски технологии освои награда најдобар проект во категоријата симулација на Меѓународната културна и академска средба на студентите по технички науки (International Cultural and Academic Meeting of Engineering Students – ICAMES 2019).

Годинава, 24-тото издание на ICAMES се одржа од трети до деветти мај во Истанбул, Турција, во организација на Друштвото на инженери од Универзитетот Богазиџи. Според менторот на студентите, вонредниот професор Александра Крколева Матеска, овој настан има повеќедимензионален карактер – академски, натпреварувачки, социјален и мултикултурен.

- Advertisement -

Со ова, студентите на ФЕИТ ја продолжуваат традицијата на освојување награди, затоа што и минатата година освоија награда на ICAMES 2018, за проектот за енергетска ефикасност за зградата на Факултетот, кој ги интегрира конвенционалните и обновливите извори на енергија.

„Покрај натпреварувачкиот дел, во кој се претставуваат студентски проекти и се вреднуваат студентските достигнувања, учесниците имаат исклучителна можност да се запознаат и да се дружат со своите колеги кои доаѓаат од повеќе земји во светот. Оваа година, на ICAMES 2019 учествуваа студентски тимови од повеќе земји, вклучувајќи ги Финска, Италија, Украина, Азербејџан, Турција, Јордан, Египет, Бангладеш, Северна Македонија а дел од земјите беа претставени од повеќе тимови. Студентските проекти треба да бидат поврзани со однапред зададена тема. Oваа година темата беше роботика и вештачка интелигенција“, вели професорката.

- Advertisement -

Македонскиот тим е составен од студенти од студиската програма Електроенергетски системи од ФЕИТ. Според нив, ова признание претставува „можност да се направи нешто повеќе отколку само да се студира. Претставува почеток на наредните успеси на различни настани и конференции, прозорец да се продолжи напред и како тим и како поединци. За ФЕИТ, ова претставува конзинстентно продолжување на создавање квалитетни студенти, кои ќе бидат инспирација за другите колеги. Ова претставува и презентација на Македонија во најдобро светло“.

Практично, наградата за најдобар конкретен (изведен) проект и наградата за најдобар проект во категорија симулација се највисоки признанија кои можат да се добијат на ICAMES. Оценувачите, кои беа составени од менторите на студентските тимови и еминентни професори од Универзитетот Богазиџи, особено го вреднуваа трудот и резултатите на самите студенти, нивните идеи и начинот на кој ги претставуваат своите проекти.

- Advertisement -

„Успехот на нашите студенти е резултат на нивното знаење, упорност и желба да го покажат она што го знаат и умеат. Покрај тоа, од особено значење беше поддршката од ФЕИТ, Институтот за преносни електроенергетски системи и здружението МАКО СИГРЕ“, додава Крколева Матеска.

Сподели!
- Advertisement -