Иван Штериев: Македонска Берза ја донесе Funderbeam платформата за групно финансирање на македонскиот пазар!

- Advertisement -

Funderbeam е crowdfunding платформа која е развиена во Естонија за финансирање на стартапи и мали и средни претпријатија, кои во актуелните услови на домашниот пазар на капитал се соочуваат со хроничен недостаток и потежок пристап до финансии. Платформата наскоро, преку Македонската Берза, ќе биде подостапна и за македонските стартап компании. На оваа тема разговараме со првиот човек на Македонска Берза, Иван Штериев

Разговараше- Верица Јорданова

Г-дин Штериев, кажете ни до каде се подготовките на Македонска берза за нудење и промоција на Funderbeam платформата во Македонија?

- Advertisement -

И до пред аранжманот на Македонска берза со Funderbeam, постоеше можност некоја македонска фирма да се обиде преку оваа платформа да дојде до инвестиции. Но, веројатно поради повеќе причини тоа не беше случај. Во моментов, Македонска Берза има ексклузивитет во нашата држава да биде едукатор и промотор на начинот на функционирање на платформата, за инвеститорите и компаниите да почнат повеќе да ја користат. Funderbeam веќе се користи во Естонија, Хрватска и неколку други земји, а ние на 5 јуни и официјално ќе ја започнеме нашата кампања за објаснување како сето ова функционира и промовирање на оваа иновативна платформа за колективно финансирање и инвестирање.

Она ште е важно инвеститорите и компаниите да го знаат е дека користењето на платформата е согласно постојните правни прописи. Таа постои од 2014 година во меѓународни рамки, при што го има минато филтерот на регулаторите во неколку земји. Во изминатиот период Македонска Берза ги анализираше сите нормативни аспекти за истата и во Македонија да може да биде функционална. Позитивен момент беше што се направи либерализација на девизниот режим, па домашните инвеститори можат да инвестираат преку структурата на Funderbeam платформата, односно да извршуваат девизни плаќања што порано не беше возможно. Funderbeam преферира во нашиот регион да влегува во партнерски односи со берзите (Хрватска, Словенија, се водеа разговори и во Србија), а Македонска Берза од Комисијата за хартии од вредност доби „виза“ да се бави со промоција на оваа платформата во нашата држава. Со Народната банка и деловните банки ги проверивме и потребните канали за плаќање. Добивме поддршка, односно грант од Проектот за развој на деловниот еко-систем поддржан од УСАИД. Дел од средствата се наменети за темелно да се испитаат сите правни и даночни аспекти кои ги тангираат корисниците на платформата. Во наредниот период, откако ќе се заврши сето тоа, ќе се создадат услови платформата на Funderbeam да ја користат сите чинители на екосистемот на стартапи и мали и средни претпријатија.

- Advertisement -

 

[quote]Нашиот таргет е годинава да има барем една успешна компанија која ќе ги исполни условите и ќе ја прифати Funderbeam, да ја ставиме на платформата заради прибирање капитал[/quote]

- Advertisement -

 

Зошто токму Берзата се јавува како промотор на crowdfunding платформа за инвестирање во стартап компании?

Funderbeam групацијата, која е регистрирана во Велика Британија и има подружници во Естонија и Хрватска, е во доминантна сопственост на луѓе кои се излезени од формалниот дел на пазарот на капитал (берзи, комисии за хартии од вредност итн.) кој е поконзервативен и се стреми да обезбеди поголемо ниво на заштита. Оттука, довербата што овие луѓе ја имаат во берзите како институции.  Во Хрватска главен партнер е Загребската Берза. Тие таму формираа и заедничка компанија со берзата од Загреб, Funderbeam Southeast Europe, со која ние склучивме договор за соработка. Во регионот неколку берзи делиме иста визија, дека треба да ја прошириме лепезата на услуги, да не бидеме фокусирани само кон позрелите компании. Логиката на небанкарското, алтернативно пазарно финансирање ќе се обидеме да ја доближиме до организационите форми кои не се АД, туку се ДОО или ДООЕЛ. Тоа ќе значи дека ќе можеме да дадеме помош за небанкарско финансирање на фирми во сите фази на развој, од стартапи, мали и семејни фирми, преку ДОО, до големи акционерски друштва.

 

Кој тип компании кои можат да бидат финансирани преку Funderbeam? Дали ќе се финансираат конкретни проекти или самите фирми?

Пристапот на Funderbeam е да се финансираат компании кои веќе имаат барем протитип на производ или услуга. Искуствата од Естонија и од Хрватска покажуваат дека во оваа платформа најчесто успешно влегуваат иновативни компании од ИТ секторот, но и локални бизниси од други дејности кои можат дополнително локално да се развиваат. Во Хрватска досега имаше осум кампањи од кои седум успешни, во кои прибрани се околу три милиони евра. Сега во тек е деветатата. Една од нив е кампањата за паметните клупи на Include, потоа  може да го споменеме Sense Consulting, крафт пиварницата Медведград, мала, семејна пиварница за производство на домашно пиво која имала потреба да ги зголеми капацитетите и преку Funderbeam собрала милион евра. Тоа значи дека платформата нема формални ограничувања за дејностите на фирмите кои можат да собираат средства преку истата.

Со оглед на тоа дека веќе се зборува во јавноста за Fundеrbeam,  пројавиja ли веќе интерес некои наши комапнии?

Во моментов сме во фаза на информирање и разговори со повеќе чинители на овој екосистем и пријатно сме изненадени од отвореноста на потенцијалните водечки инвеститори, но и на претприемачите. Сите се заинтересирани да слушнат за платформата, бидејќи се свесни дека се отвора еден канал за финансирање кој моментално не е лесно достапен во Македонија. Знаеме дека пристапот до банкарското финансирање е проблематичен за стартапите, а пристапот до други вакви платформи надвор од земјата не така лесен, бидејќи бара исполнување на многу други услови, меѓу кои често е и барањето за миграција на седиштето на фирмата во странство. Патем, за првите три компании кои ќе излезат на платформата со поддршка од Проектот за развој на деловниот еко-систем поддржан од УСАИД обезбедивме и мала финансиска помош за нивна промоција.

Досега зборувавме за корисниците на платформата, но кажете ни кој може да се јави како инвеститор на платформата?

Во поглед на типот на инвеститори нема никакво ограничување, тоа можат да бидат и физички и правни лица. Платформата е онлајн и секој може да се регистрира како потенцијален инвеститор за било која кампања која оди на Funderbeam. Треба само да отидете на funderbeam.com и да ја следите соодветната постапка за регистрација. Во моментов има регистрирано инвеститори од 113 земји и тие се во тек со кампањите кои се одвиваат во различни земји. Тоа значи дека и македонските инвеститори можат да инвестираат во било која кампања. Во Хрватска, на пример, 60 отсто од инвеститори во наведените досегашни успешни кампањи се физички лица од Хрватска, а другите се од странство, многу од нив и од нивната дијаспора. Долниот лимит на инвестиција е 100 евра.

Funderbeam се базира на структура дека не се градат директни сопственички односи помеѓу малите инвеститори и самата фирма, заради што за секоја кампања се основа посебна фирма во Естонија преку која одат сите вложувања во домашната фирма и која во Централниот регистар ќе се регистрира како содружник кој ќе стане сопственик на определен процент од стартапот. Фирмата има двајца управители, еден е претставник од Funderbeam (кој се грижи за правата на инвеститорите согласно договорената структура на инвестицијата и правилата на Funderbeam), а другиот е т.н. водечки инвеститор (кој го направил т.н. инвестициски синдикат и кој на некој начин ги застапува другите мали инвеститори во управувањето со стартапот).  Сите вложувачи добиваат поврат на инвестицијата, но само ако има некои потенцијалните распределби на идните добивки. Суштествена е улогата на т.н. водечки инвеститор кој може да биде самиот претприемач или било кој друг успешен деловен човек, кој заедно со претприемачот ја осмислува и води целата кампања за прибирање на капитал.

Постоењето на водечки инвеститор е задолжително. Тој прави евалуација на компанијата – пред и после прибирањето на новиот капитал. Додека  трае кампањата сите подетални прашања одат и кон него, бидејќи тој е компетентен и е лицето на кампањата. Таков е примерот на Ивана Шољан, сопственичка на хабот 385 во Загреб, која веќе втор пат е водечки инвеститор на кампањата на младиот претприемаш Иван Мрвош од Include, кој прави иновативна паметна клупа која веќе се пласира на многу светски пазари. Во текот на следниот период ние овде треба да создадеме пул на потенцијални водечки инвеститори и заедно со нив да идентификуваме и потенцијални компании – кандидати за оваа платформа. Наше е да стапиме во контакт со стартапите и другите заинтересирани фирми и да им укажеме на придобивките од оваа платформа.

 

Да сумираме, кои ќе бидат придобивките од Funderbeam ?

Макроекономски, во услови на успешно сценарио ќе се придонесе за полесна алокација на вишоците во финансискиот систем и во економијата и кон овој тип на правни субјекти – стартапи, мали и средни претпријатија. Ова ќе биде и нова алтернатива за домашните инвеститори, наместо овие средства, на пример, да завршат во банка или да бидат инвестирани во недвижен имот. Тоа значи ќе се развие еден посистематизиран канал за пренасочување на вишоците на финансиски средства кон овие фирми кои имаат реален проблем со обезбедување финансии. Притоа, ќе се понуди и прецизна структура со права и обврски и за компаниите и за инвеститорите. Поради недостиг или неумеење да се изгради ваква структура многу зделки не се финишираат. Исто така, многу е важно што Funderbeam ова ќе го прави на чисто пазарни основи, па ќе видиме дали нашите стартапи имаат добри идеи и дали ќе можат во услови на глобална конкуренција да обезбедат финансии, а тоа да не се грантови. Притоа, транспарентно ќе се зборува и за ризиците коишто се и тоа како присутни во оваа сфера од економијата. Сето ова секако ќе значи нови можности за раст за некои иновативни помали компании, а со тоа и отворање на нови работни места.

Берзата од своја страна има неколку цели. Првенствено, со ова повторно генерално ќе продолжиме да ја промовираме идејата за пазарно финансирање на компаниите. Второ, кај некои од компаниите, доколку адекватно пораснат, постои можност егзитот на инвеститорите да се случи преку берза – ИПО и слично. На крај Берзата добива процент од процентот на Funderbeam, кој за целата работа зема еден одреден процент од прибраните средства како надомест за својата услуга.

 

Сподели!
- Advertisement -