Ана Чоловиќ-Лешоска, добитничка на престижната награда „Голдман“: Борбата за балканскиот рис продолжува

- Advertisement -

Трендот на одржлив развој- преку иновација и нови технологии, кој остава доволно ресурси за наредните генерации, без нарушувања на природата треба да е обврска на секоја држава и глобална посветеност, вели во интервју за Иновативност Ана Чоловиќ –Лешоска, екологистка која неодамна ја доби престижната награда за животна средина „Голдман“!

Грижата за животната средина, зачувувањето на природата и заштитата на видовите кои се загрозени, пред се заради себичните човекови активности, се дел од секојдневитето на Ана Чоловиќ –Лешоска, екологистка, по професија биолог, која ѝ е добро позната на македонската јавност. Ана е извршна директорка во Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко свест“, граѓанска организација која речиси две децении активно работи на подигнување на јавната свест за прашања поврзани со животната средина преку многу проекти. Еден од нив е и кампањата „Спаси го Маврово“, за заштита на живеалиштето на балканскиот рис од потенцијалната опасност-изградбата на хидроцентрали во заштитеното подрачје. Седумгодишната борба на Ана и нејзините соработници резултираше со повлекување на главните инвеститори на проектите, а за тоа Ана неодамна ја доби престижната награда за животна средина „Голдман“. Тоа беше поводот Иновативност да поразговара со Ана за наградата, за проектите кои претстојат, но и за многу други актуелни еколошки теми.

 Разговараше: Сања Наумовска

- Advertisement -

Ана, твојот активизам во рамките наЕко свест“ и пошироко одамна ѝ е познат на македонската јавност. Изминативе седум години ја водеше кампањата Спаси го Маврово, за стопирање на изградбата на хидроцентрали во националнот парк и успеа да придонесеш кон заштита на живеалиштето на Балканскиот рис. Како потврда на долгогодишната борба неодамна ја доби наградата за животна средина Голдман. Очекуваше ли ваков исход кога ја започна кампањата?

Како активист за заштита на животната средина секако знаев за постоењето на наградата „Голдман“, како најпрестижна награда за која секој активист би можел да сонува. Но, воедно знаев дека оваа награда се доделува само на најистакнатите и најпожртвуваните борци за заштита на животната средина.

- Advertisement -

Искрено, нашата заедничка борба за спас на Маврово ја сметав како моја обврска кон природата и кон идните генерации и оттука чувствував поврзаност со кампањата. Но, никогаш не ни имав на ум дека некој можеби би ме номинирал за наградата „Голдман“. Целата постапка и проценка од страна на Фондацијата „Голдман“ во 2018 година се одвивала без мое знаење.

Кампањата за спас на националниот парк „Маврово“ ја започнавме како и секоја друга, со вообичаените истражувања на документации, консултации со експерти и писмена комуникација со институции. Една работа која ми беше двигател сите тие години беше мојата лична визија за Паркот без штетни инфраструктурни проекти. Токму оваа мисла ме поттикнуваше во најтешките моменти од кампањата. Не би можела со сигурност да кажам дека знаев дека исходот ќе биде позитивен, но секако се надевав секој ден, од тие долги седум години.

- Advertisement -

Сметаш ли дека борбата за живеалиштето на рисот е завршена или има уште опасности со кои ќе мора да се соочиме?

За жал, безбедното живеалиште на балканскиот рис е сведено на релативно мала територија во Македонија, која е под заштита. Регионално, неговата територија се простира и во источниот дел од Албанија и дел од Косово. Но, поважно од големината на оваа територија се притисоците од страна на луѓето на истата. Инфраструктурните зафати во овие подрачја, кои се сметаат за витални за неговиот опстанок, можат да придонесат кон пад на неговата популација и евентуално истребување.

Изградбата на малите хидроелектрани во заштитени подрачја е една од тие инфраструктурни активности кои имаат огромно негативно влијание врз дивиот свет. Присуството на машини, луѓе, детонации и бучава, загуба на шумите и трајно видоизменување на целиот екосистем придонесува кон уништување на истиот, вклучувајќи ги тука и дивите животински видови.

Владата на Македонија предвидува нови хидроцентрали во заштитени подрачја, што е во спротивност со насоките за заштита на природата и живеалиштата на критичните видови кои ги имаме. Затоа, сметам дека Владата е таа која треба да ја избере насоката со тоа што ќе покаже посветеност кон заштитата на видовите и ќе воспостави програми и механизми за нивна долгорочна заштита, кое меѓу другото вклучува и солидно стратешко и просторно планирање на своите економски и инфраструктурни проекти. Ова значи, дека ќе дефинира каде и како е возможна реализацијата на инфраструктурните проекти за истите да не предизвикаат неповратна штета. Само на овој начин Владата ќе може воопшто и да ги исполни насоките од Европската Унија за заштита на природата, тема од клучно значење за преговорите за пристап кон ЕУ.

Добитници н наградата Goldman Environmental Prize 2019: (L-R) ANA COLOVIC LESOSKA, Europe; JACQUELINE EVANS, Islands &Island Nations; BAYARJARGAL AGVAANTSEREN, Asia; BELEN CURAMIL CANIO South & Central America; ALFRED BROWNELL, Africa; LINDA GARCIA, North America.

Како човекот, генерално во светски рамки, и кај нас, да ги прилагоди своите апетити насочени кон природата и да научи да ги почитува и ресурсите и живите организми, со оглед на тоа дека не се работи само за рисот, во Македонија загорзени се и мечките и волците и илјадници други животни и растенија, од кои многу и ендемски?

Љубовта кон природата, како извор на живот се учи од мали нозе. Чувството за припадност на Планетата и поврзаноста помеѓу луѓето и природата треба да се развива уште од најраната возраст. Нашиот образовен систем (а тоа не е случај само кај нас) не посветува доволно внимание на ова, па така децата ја губат поврзаноста со природата и не разбираат дека таа е извор на живот.

Во светот преовладува трендот на одржлив развој- преку иновација и нови технологии, што е позитивен напредок и ветува дека ќе вроди со плод. Определбата за ваков развој, кој остава доволно ресурси за наредните генерации, без нарушувања на природата треба да е обврска на секоја држава и глобална посветеност. Борбата со климатската криза е нешто што можеби ќе му ги отвори очите на светот за потребата заеднички да се најдат решенијата за спас на Планетата. Младите и нивните барања за акција од страна на политичарите се светла точка во ова наше црно секојдневие на разочарувања во справувањето со најгорливите проблеми за човештвото.

Како го оценуваш нивото на свеста на домашната јавност за грижата за животната средина?

Минатата година спроведовме истражување на јавно мислење на репрезентативен примерок на граѓани во Македонија. Дури 55 отсто од нив сметаат дека самите тие можат да влијаат врз квалитетот на животната средина, што покажува високо ниво на свесност и поврзаност помеѓу нивните секојдневни навики и квалитетот на животот и околината. Дури 70 отсто од населението би направиле конкретни измени во начинот на греење во домот и би примениле мерки за енергетска ефикасност, што го потврдува горенаведеното.

Сметам дека во минатите неколку години значително порасна свесноста кај граѓаните за состојбите со животната средина, можеби и главно поради нивното влошување бидејќи бележевме зголемувања во смртните случаи од рак и од кардиоваскуларни и респираторни болести, и пораст на астмата и алергиите кај децата. Корелацијата помеѓу животната средина и човековото здравје никогаш не била поевидентна за нашите граѓани.

Кои се најголемите еколошки предизвици на Македонија?

Согласно споменатата анкета, справувањето со отпадот и квалитетот на воздухот се двете најсериозни теми од областа на животната средина во Македонија. На ова, би го додала и континуираниот притисок врз природата и екосистемите.

Последниве години неколку македонски градови се светски шампиони според загаденоста на воздухот. Како ќе го решиме тој проблем?

Решавањето на аерозагадувањето не се случува преку ноќ. Тоа е долготрајна и тешка битка не само од страна на надлежните, туку и од сите граѓани во урбаните средини. Проблемот ќе се реши само со поставување на долгорочни цели за намалување на штетните честички и гасови во воздухот, и план за нивно постигнување, преку долгорочно финансирани програми за: измена на начинот на греење во домаќинствата на одржливи ресурси, промени во урбаното планирање, финансирањето на општините, оданочувањето на имотот и сообраќајот во градовите (со акцент на транзиција кон пешачење и користење јавен превоз и велосипед), зазеленување на урбаните средини, стимулирање на производството на електрична енергија од обновливи извори и напуштање на јагленот како енергенс и со примена на мерките за енергетска ефикасност. Воедно, силната и независна инспекција треба да овозможи доведување на целата индустрија во рамки на законските прописи со ригорозни казни за непочитувачите на истите.

Сподели!
- Advertisement -