Sound of Markets, македонска апликација со која се слушаат берзите како „зборуваат“

- Advertisement -

Можете ли да замислите дека бројките на берза се музички тонови?  И додека ги гледате бројките за берзанските движења всушност да слушате музика? Токму тоа е идејата на македонската апликација Sound of markets, која ја замилија и изработија македонските девелопери Игор Јовчевски, Александар Трпески и Никола Миноски. Sound of Markets е првата и досега единствена апликација која ви овозможува да ги слушнете податоците од берзите наместо да ги гледате. Тимот ја разви апликацијата во Македонија и ја патентираше во Канцеларијата за патенти на Обединетото Кралство (Patent Office UK). Засега апликацијата е бесплатна на три берзи, а со претплата може да се користи на другите берзи.

Овој необичен начин на добивање податоци од берзите за „Иновативност“ го претстави еден од членовите на тимот, Игор Јовчевски.

 

- Advertisement -

Апликацијата Ѕound of markets е необичен начин на добивање податоци од берзите. Што ве натера да размислувате за нешто вакво?

Јас за овој производ размислував речиси 10 години, откако почна финансиската криза во 2008 година. Во тоа време се трудев да научам и самиот да почнам да тргувам на Forex, во што не успеав. Но, научив многу работи за тоа како функционираат берзите и генерално, како се одвива тргувањето. Она што ме заинтригира беше анализата на цените, која речиси секогаш вклучуваше табеларни пресметки и повеќе технички индикатори базирани на промените во табелите. Повеќето од нив се работеа со доцнење и ретко кога се базираа на податоци во реално време. Според мене, најбитно е чувството што го имате затоа што и најуспешните трговци на берза имаат повеќе инсајдерски податоци освен основните. Кога размислував за тоа и за фактот дека цените мора да имаат временска структура, речиси некој вид на ритам, се роди идејата за правење музика од тоа. Идејата долго време ја носев во себе се додека не се преквалификував во девелопер на софтвер. По неколку години конечно направив прототип заедно со едни од најдобрите девелопери во земјава, Александар (Кекс) и Никола. Она што ни треба сега се луѓе за да можеме да ја „протуркаме“ апликацијата и да склучиме неколку договори. Затоа, сите што ќе го читате ова, ако мислите дека можете да ја продадете, ве молиме да не контактирате.

- Advertisement -

Дали запознавте некој кој има направено слична апликација?

- Advertisement -

Досега се испробани неколку слични идеи, главно за мониторинг на еден финансиски инструмент и генерално, за правење звук со генератори, но не може баш да се слушне нешто и не се пријатни за уво. Колку што сме запознаени, нема друга компанија која се обидела да употреби хармонични / MIDI интерфејси за генерирање звучни сигнали од берзанските податоци.

Како работи апликацијата? Каде и кој може да ја користи?

Апликацијата може да ја користи секој кој се занимава со анализа на финансиски податоци, дури и менаџери со хеџ фондови, трговци на берза, како и квантитивни аналитичари.

Кои се бенефитите oд апликацијата за брокерите?

Апликацијата им овозможува на трговците на берза да добијат уникатен увид во движењата на цените кои генерално не се гледаат од табелите.

Има ли интерес за апликацијата? Се користи ли некаде?

Засега имаме неколку клиенти кои плаќаат за користење на апликацијата и околу 500 корисници кои не плаќаат. Бидејќи е нова алатка на пазарот, ќе мора да обезбедиме иницијален договор со некој голем играч со цел да добиеме поголема покриеност и повеќе клиенти кои ќе плаќаат.

Имате ли некаков фидбек од корисниците? Како ја оценуваат Sound of markets?

На сегашните корисници многу им се допаѓа како функционира. Една работа за којашто се сложуваме сите е дека мора да се подобри корелацијата и хармонијата меѓу повеќе истовремени  звучни сигнали.

Имате ли инвеститори?

Да, дефинитивно сме отворени за инвестиции, па ако некој сака да ни биде партнер и мисли дека ова што го правиме е добро, нека не контактира.

Сподели!
- Advertisement -