ИФЦ, членка на Групацијата Светска банка, денес потпиша меморандум со Министерството за финансии на Северна Македонија за поттикнување на развојот на преработувачката индустрија во земјата. Партнерството е дел од вкупните напори на ИФЦ за отворање работни места, за зголемување на домашниот извоз и за придвижување на економскиот развој во регионот Западен Балкан.
Проектот во Северна Македонија е поддржан од Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија (СЕКО) и предвидува советување на државните агенции од страна на ИФЦ за олеснување на процедурите и намалувањето на преобемната бирократија и за донесување прописи со кои ќе се поддржи преработувачката индустрија. Се предвидува и советување на локални мали и средни компании од страна на ИФЦ, помагајќи им да го подобрат своето работење, да добијат пристап до финансиски средства и да воспостават врски со фирми во Еврозоната. Тоа е важно за Северна Македонија каде многу локални производители се соочуваат со предизвици со влегувањето на западноевропскиот пазар и нивна интеграција во синџирите на снабдување на мултинационалните компании.
„Ова партнерство ќе помогне Северна Македонија да стане поатрактивна дестинација за странските производители и ќе го охрабри развојот на локалните производители,“ – рече Драган Тевдовски, министер за финансии на Северна Македонија. „.Со развивање на синџирите за набавка и преку подобрување на знаењата (know – how) на компаниите, ефектите врз целата економија ќе бидат поголеми.“
Ова партнерство претставува прва фаза од планираната програма на ИФЦ за поддршка на производителите во Северна Македонија, Србија и во Косово.
„Преработувачката индустрија е клучен извор на работни места и на странски инвестиции во овој регион,“ – изјави Џорџина Бејкер, потпретседателка на ИФЦ за Европа, Централна Азија, Латинска Америка и Карибите. „Со поддршката на локалните производители можеме да го поттикнеме извозот, да ги подобриме врските со глобалните синџири на вредности, да го забрзаме отворањето работни места и да поттикнеме поодржлив раст.“
Швајцарската амбасадорка Сибил Сутер Тејада рече: „Приватниот сектор го има клучот за отворањето работни места и за движењето на растот во Северна Македонија. Преку давањето совети на приватните бизниси, особено на производителите, можеме да и помогнеме на земјата да го капитализира овој огромен потенцијал.“
Ова е првиот советодавен проект во рамките на новата Рамка на Групацијата Светска банка со Северна Македонија за периодот 2019 – 2023. Еден од столбовите на оваа стратегија е развојот на приватниот сектор во земјата, клучен извор на работни места и на иновации.