Општина Карпош ќе биде првата локална самоуправа во која ќе започне да се спроведува проектот за ограничена употреба на мобилните телефони и другите електронски уреди во текот на наставата, во сите десет основни училишта.
Почетокот на овој проект беше повод за јавна дебата, во организација на здружението „Ајнштајн“, во Public Room, под мотото „Како технологиите влијаат врз развојот на децата?“. Во изминатиот период, овој проект кој е поддржан и од Европската Унија беше пилотиран во десетте основни училишта во Карпош, при што се одржаа консултативни средби со ученици, наставници и родители, со цел да се осети пулсот на сите засегнати страни.
На дебатата се обрати и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, кој говореше за успешната соработка со здружението „Ајнштајн“ и намерите на Општината.
– Факт е дека проектот „на прва“ може нема да им се допадне на учениците, но токму нивниот интерес најмногу се заштитува. Да се вклучи внимание, а не Facebook и Instagram за време на часовите. Од друга страна, сметам дека ова ќе ги мотивира и наставниците да бидат покреативни во своите предавања, за да го одржуваат вниманието на учениците. Значи 45 минути учениците нема да бидат active на социјалните мрежи, на Интернет, но потоа ќе си заштедат од слободното време и ќе им треба помал временски период за да совладаат одредена лекција или слично. Затоа што најдобро се учи кога се следи наставата, посочи Богоев.
На почетокот на секој час, учениците ќе ги оставаат своите мобилни телефони во наменски организатори, т.н нумерирани џебови, кои ќе бидат поставени во секоја училница, а меѓу часовите и за време на одморот ќе имаат можност да комуницираат со своите родители, пријатели и блиски. На дебатата се обрати и Првата дама на Република Северна Македонија, Елизабета Ѓорѓиевска, која напомена дека сите емоции не можеме да ги изразиме преку емотикони на социјалните мрежи туку треба да зборуваме гласно и да ги манифестираме јавно нашите ставови.
Подоцна се обратија и повеќе експерти од сферата на психологијата, комуникациите и социологијата, при што се осврнаа на паметното користење на технологијата и бенефитите од овој проект.
Градоначалникот Богоев посочи дека не е противник на користењето на социјалните мрежи.
– Напротив, и јас и Општината инсистираме на проактивна комуникација, но таа да биде насочена и корисна. Основачот на Facebook не е виновен што креирал платформа на која денес може да се соочиме со говор на омраза или слично. Нашето однесување на социјалните мрежи е рефлексија, огледало на нашиот карактер. Затоа е потребна регулација на овој простор, двонасочна комуникација со граѓаните, за спречување на лажни вести и подигнување на јавната свест, заврши Богоев.