Комората на медијатори пристапи во Сојузот на стопански комори (ССК) со што таа е официјално 34. комора vo ССК. Комората на медијатори работи на алтернативно решавање на споровите со медијација, во заеднички активности за поддршка, унапредување, промовирање, јакнење и развој на медијацијата во Македонија. Претседателот на Сојузот, Данела Арсовска и претседателот на Комората на медијатори, Славе Младеновски официјално потпишаа Догoвор за пристапување на Комората на медијатори во Сојуз на стопански комори на Македонија.
Арсовска истакна дека со пристапувањето на Комората на медијатори во рамки на Сојузот внесуваме уште еден, значаен сегмент во работењето, а тоа е сеопфатниот структуриран систем за алтернативно решавање на споровите со медијацијата или постапка за компромисно решавање на споровите
„ Недовербата во судскиот систем се зголемува, владеењето на правото е еден од предизвиците на кои алармираат и меѓународните институции во извештаите, а судските постапки траат несразмерно долго што е и причина за незадоволство кај деловната заедница. Должината на траење на судските постапки резултира со пролонгирање на разврска на должничко доверителските спорови, при што неможноста да се наплатат побарувањата имаат за последица проблеми во ликвидност на компаниите, а кај оние со големи побарувања во судски спорови дури и отпочнување на постапки за стечај поради неможност за сервисирање на обврските. Сојузот како застапник на интересите на приватниот сектор, алармира на потребата да се афирмира како алтернативен начин на решавање на стопанските спорови со акцент на заштеда на време и средства кај компаните, во време кога е неопходно да се отпочне со реализација на структурни реформи во судството кои би ја вратиле изгубената доверба кај деловната заедница. “ истакна Арсовска.
Претседателот на Комора на Медијатори, Младеновски, на официјалното пристапување во Сојузот, истакна дека во период што следи ќе се заложат нашата земја да биде лидер во регионот во областа на медијацијата.
„Комората на медијатори со пристапувањето во Сојузот на стопански комори на Македонија продолжува со политиката на градење мостови на соработка и пријателство со деловната заедница. Ние во Сојузот гледаме партнер, соработник и пријател. Видовме големи можности заеднички да направиме промени во пристапот кај стопанствениците во решавање на споровите. Со предавања и информирање ќе ги запознаеме со предностите и карактеристиките на медијацијата. Со изборот на оваа постапка деловната заедница ќе испрати јасна порака во јавноста, дека е подготвена за соработка врз основа на интересот“, изјави Младеновски и додаде дека со медијацијата се придонесува во намалување на големата поделеност по различни основи и во намалување на конфликтноста во општеството.
Од Европските земји, Кралството Холандија, имаат висок процент на застапеност на медијацијата во решавањето на споровите. Во Македонија, вкупната бројка на медијации од 2007 до 2016 година, не можеше да достигне троцифрен број, од 2017 година, се забележува драстична разлика. Лиценцираните медијатори, заклучно со 10 Април 2019 година прикажаа внес на 1364 предмети во регистарот на Министерството за правда. Согласно статистиката на Министерството за правда, од вкупно 1364 предмети кои досега се евидентирани во регистарот на Министерството за правда, 79%, односно 1079 завршиле со спогодба. Што се однесува до стопанските спорови, од 395 медијации по овој основ пред медијаторите, 129 или 32,6% завршиле со постигнати спогодби.
Сојузот на стопански комори на Македонија е наголема деловна организација во земјава со 34 стопански комори, секторски, билатерални, регионални и со над 30 групации, здруженија и асоцијации.