„Агросенс“, македонска иновација која креира агрометеоролошка станица за земјоделците и ги советува во релно време

- Advertisement -

Поголемо производство и поквалитетен род на нивите, како и помали трошоци за заштита и одржување со што ќе се обезбеди поголема конкурентност на производите на пазарот. Тоа е целта на тимот на стартап компанијата БИО-ИЦТ, која во моментов ја развива платформата „Агросенс“.

Првиот човек на компанијата Александар Зиси, во интервјуто за Иновативност, вели дека „Агросенс“ е многу корисна алатка за земјоделците која врши мерење на сите витални метеоролошки параметри на атмосферата и почвата, анализира и изготвува препораки кои се најдобрите мерки за заштита, прихрана или за наводнување за да се добијат најквалитетни производи.

Зиси посочува дека „Агросенс“ е иницијален продукт на старт-ап компанијата, а во иднина тимот на БИО-ИЦТ планира да креира поголемо портфолио на технолошки производи и услуги од областа на дигитализацијата, трансформација на општеството, а поконкретно во секторот земјоделие, сточарство и производство на здрава храна.

- Advertisement -

Разговараше – Сања Наумовска

Г-дин Зиси, кажете ни нешто повеќе каков продукт е платформата „Агросенс“?

- Advertisement -

„Агросенс“ е високо-технолошка платформа (internet of things – IoT), сочинета од хардвер и софтвер и претставува сопствена агрометеоролошка мерна станица наменета за субјектите од агро-комплексот. Корисниците на „Агросенс“ би ги изведувале неопходните агротехнички активности врз база на добиените податоци од сопствените површини.

Идејата за развој на ваков вид производ потекнува од децениски стекнатото знаење и практично искуство на членовите на тимот на БИО-ИЦТ во полето на примената на напредните технологии, како и големото искуство од областа на земјоделието и проблемите и предизвиците со кои истото се соочува. Тимот на БИО-ИЦТ одлучи да создаде наменска АГРО-ТЕК платформа која ќе биде целосно во функција на зголемување на ниската продуктивност во агро-комплексот. Со тоа, земјоделците би станале попрофитабилни, поконкурентни и подготвени за идните предизвиците на стратешката стопанска гранка – земјоделието. Во моментов, „Агросенс“ платформата се развива интензивно пет месеци, со претходно дефиниран детален технички и функционален дизајн.

- Advertisement -

Каков бенефит ќе имаат земјоделците од платформата, какви мерења опфаќа и на кој начин се вршат?

Хардверскиот дел од „Агросенс“ продуктот врши мерење на сите витални метеоролошки параметри на атмосферата, почвата и на растенијата и добиените податоци од земјоделските површини ги испраќа во податочна база (cloud database). Моменталната состојба на плантажата и зачуваните податоци од изминатиот период се прикажуваат графички на смарт телефонот на корисникот. Покрај визуелниот приказ, податоците понатаму се обработуваат и врз база на напредните алгоритми за вештачка интелигенција се изготвуваат аналитички извештаи во форма на готови препораки за изведување на неопходните агротехнички мерки за заштита, прихрана или за наводнување на културите. На тој начин, се одржуваат оптималните услови за заштита на растенијата, нивен натамошен развој и раст на самиот род.

[quote]Агросенс  е ИКТ платформа за мерење, следење и анализирање на метеоролошките и агротехнички параметри (температура, влажност, осветлување на сонце, брзина на ветерот и насоката, врнежи од дожд, влажност на почвата и слично.) во реално време и на специфична геолокација за оптимална употреба на ресурсите за подобрување на приносот и заштита од болести.[/quote]

Борис Танасковски, член на тимот

Што е иновативниот дел од проектот, зошто клиентите би го одбрале токму „Агросенс“?

Иновативноста на платформата е во фактот дека на корисниците им отвора нова димензија со 24/7 базирана контрола на состојбата на нивните култури. Со постојаниот увид во метеоролошките и почвените состојби на земјоделските провршини, земјоделците ќе можат правилно и навремено да ги изведуваат агротехничките мерки за максимизирање на квалитетот и на квантитетот на произведениот род. Информациите и препораките ќе им бидат достапни во секое време и на секое место, со што менаџирањето на производството ќе биде полесно, а продуктивноста зголемена.

Платформата, во моментов е во напредна фаза на развој во која се вршат напредни тестирања во реални услови. Убедени сме дека со користењето на „Агросенс“ земјоделските компании и индивидуалните земјоделци ќе добијат доверлива алатка која што ќе им овозможи зголемена продуктивност и пазарна конкурентност. Целта е „Агросенс“, со своите функционалности да придонесе за поголемо производство, поквалитетен род, а воедно помали трошоци за заштита и одржување на земјоделските култури.

За кои други сектори може да се прилагоди употребата на „Агросенс“?

Покрај земјоделските гранки како лозарството, овоштарството, градинарството или оранжериските култури, платформата може да надгради за да се употребува и во пчеларството, сточарството или некоја сосема друга дејност каде што е неопходно постојано далечинско мерење на одредени параметри или појави.

Кога платформата ќе стане достапна на пазарот за нашите земјоделци?

Следната фаза во развојот на „Агросенс“ е испораката на тестни прототипови на неколку заинтересирани корисници во текот октомври годинава. До декември во план е комплетирање на комерцијалниот прототип, за веќе од јануари идната година организирано да настапиме на домашниот пазар. Со оглед на тоа што проблематиката која ја адресира „Агросенс“ е од универзален карактер, предвидено е да го понудиме и на регионалните и на пошироките пазари.

Соработувате со УКИМ акцелераторот, кажете ни нешто за таа соработка.

Нашата стартап компанија БИО-ИЦТ, со иновативната идеја „Агросенс“, беше селектирана да биде една од шесте компании учесници во првата акцелераторска програма на Бизнис акцелераторот УКИМ. Учеството во програмата несомнено го зголеми внатрешниот капацитет на компанијата за менаџирање на иновативната идеја и нејзина првична комерцијализација. Стекнатите сознанија од областа на истражувањето на пазарот, маркетингот и менаџирањето на финансиите ќе бидат од голема полза на тимот на БИО-ИЦТ.

Сподели!
- Advertisement -