Во рамките на проектот „Поттикнување на принципите за бизнис и човекови права“, денес во хотел Арка се одржа национална „Конференција за бизнис и човекови права“. Осумдесетина претставници од стопанските комори, компании, граѓанските организации и меѓународни експерти заклучија дека имплементацијата на Водечките принципи за бизнис и човекови права на ОН (ВПОН) во политиките и работењето на бизнисите во голема мера зависи од создавањето на поттикнувачки услови од страна на државата и од напорите на бинисите и нивните организации. За посветеноста на државата кон човековите права и нивната поврзаност со ЕУ интеграциите говореа министерката за труд и социјална политика, г-ѓа Мила Царовска и Висок Претставник на Делегација на Европската Унија во Република Северна Македонија, г-ѓа Вирве Вимпари.
Во своето обраќање, г-а Никица Кусиникова, извршна директорка на Здружението Конект, рече дека ново поглавје во начинот на кој компаниите ширум светот го водат својот бизнис почна во 2011 година кога Обединетите нации ги усвоија Водечките принципи за бизнисот и човековите права.
„Додека претходно државата ја имаше примарната улога во почитувањето на човековите права, сега е општо прифатено дека компаниите имаат подеднакво одговорност да ги почитуваат во сите сегменти на рботењето, од вработените, потрошувачите, ланците на снабдување, заедницата во која што работат. Во нашата земја рамката за бизнисот и човековите права е многу малку позната па преку оваа иницијатива сакаме нашите компании, иниституции и други чинители да ги вклучиме во глобалните текови“, рече извршната директорка на Конект, организација која што долги години работи на поттикнување на општествената одговорност.
Отворено се дискутираше за имплементацијата на ВПОН во јавните политики на државата и во внатрешните политики на компаниите. Покрај тоа беа споделени наодите од истражувањето „Почитување на човековите права во бизнис секторот“ од коешто произлегува заклучок дека компаниите повеќе декларативно се грижат за човековите права во обемот во кој тоа го налагаат правните прописи, додека е сѐ уште мал бројот на компании, коишто имаат направено обид за интегрирање на ВПОН во своите интерни политики и спроведуваат претходна проверка на човековите права. Во пракса мал број компании применуваат суштински приод кон заштитата на човековите права. Само 28,8% од вклучените компании прават проценка на ризиците поврзани со човековите права, а 13,6% потоа преземаат некаков обмислен пристап во оваа насока.
На конференцијате се споделија најдобрите приоди на локално и меѓународно ниво од домашни и странски бизнис претставници и експерти. Говореше г-а Мариа Алексиу, директорка за општествена одговорност од Групацијата Титан- Грција, а гостин говорник беше и г-а Звездана Олујиќ од канцеларијата на ILO (Меѓународната организација на трудот) за Централна и Источна Европа. „Работодавачите треба да ги искористат ВПОН и добрите практики што ни беа пренесени како платформа за развивање на својот бизнис“ – истакна г. Миле Бошков, претседателот на Бизнис Конфедерација.
„Конференцијата за бизнис и човекови права“ покажа дека потребни се континуирани напори за зајкнување на свеста и капацитетите за имплементација на ВПОН кај сите релевантни чинители (државните органи, бизнисите, организациите на работодавачи и работници, граѓанските организации и граѓаните) во насока на создавање на клима на транспарентност, отчетност и одговорност.
„Конференцијата за бизнис и човекови права“ се организираше во рамки на проектот „Поттикнување на принципите за бизнис и човекови права“ финансиран од Европската Унија, а имплементиран од Конект во партнерство со Бизнис Конфедерација.
Почитувањето на човековите права е обврска на државата и на сите сопственици на бизниси, манаџери и вработени
- Advertisement -
- Advertisement -