Првиот „Светски ден на вранецот“ ќе се одржи на 5 октомври во Скопје

- Advertisement -

Оваа година првиот „Светски ден на вранецот“ ќе биде одбележан во Скопје, на 5 октомври. Организатор е асоцијацијата „Wines of Macedonia” во соработка со производителите на вранец од регионот.
Како што истакнува Елена Младеновска-Јеленковиќ, извршна директорка на здружението „Wines of Macedonia”, вранецот е исклучително значителна сорта која доаѓа од нашето поднебје и неопходно е светот да ја запознае, а ова е исклучителна прилика да се претстави.
„Светскиот ден на вранецот“ ќе биде на исто ниво како и другите меѓународни денови кои со децении ги слават многубројните сорти ширум светот. Од друга страна, одбележувањето на одредена сорта може да донесе бенефити меѓу кои е позиционирање на меѓународниот пазар, но и зголемување на продажбата. Нашиот регион ќе биде попрепознатлив како вински и ќе ја отвори вратата на другите сорти вино, укажува Младеновска-Јеленковиќ.
Годинешната средба има за цел претставување на сортата со која Балканот се гордее. Она што е потребно е што повеќе да се промовираат регионалните сорти за во наредниот период да се смени светската винска мапа и на неа Балканот да заземе значајно место.
Сите вина кои содржат вранец се исклучително овошни, а во нив доминира аромата на капина, темна зрела слива, а има и нота на слатки зачини, додека купажата дава структура и полност, како и афинитет за понатамошно зреење.
– Настанот е исклучително значаен за винската индустрија во регионот и се тежнее кон тоа да се гради препознатливост на Балканот како вински регион и, секако, да се зголеми волуменот на продажба на сортни вина Вранец на меѓународниот пазар. Сакам да истакнам дека ќе имаме исклучително ценети гости од светот, а меѓу нив се Master of Wine стручњаци и вински новинари како Caroline Guilby, Peter McCombie, Darrel Joseph, Robert Paul Bloom и други, со гордост истакнува Младеновска-Јеленковиќ.
Една од целите кои се поставени е забрзан развој на лозарството и производството на вино во правец на експоненцијален раст на квалитетот на виното. Се тежи кон производство на органски вина кои се сè побарани во светот, а меѓу нив ќе биде и Вранецот.
– Познато е дека Вранецот е сорта која потекнува од Црна Гора и како балканска сорта се ширела и одгледувала во целиот регион. Со време станала толку распространета во Македонија, така што денес имаме дури близу 11.000 хектари и најголемо производство. „Wines of Macedonia” со поддршка од Министерството за земјоделство на Македонија досега инвестираше околу 2.000.000 евра во последните 15 години. Вранецот е сорта која е отпорна на високи температури и со оглед на климатските промени во светот, може да стане уште поинтересна за поднебјето надвор од Европа. Затоа е потребно заедно да работиме на промоција на оваа сорта која е перјаница на регионот и да укажеме на нејзиниот потенцијал. Следната година овој ден ќе се одбележува ширум светот. Во меѓувреме потребно е заеднички да организираме промоции во светските престолнини на саеми за да ги запознаеме со нашите вина светската јавност и купувачите. Последните години сортата Вранец често е наградувана на натпреварите, но сè уште не е доволно препознатлива и затоа е потребно уште повеќе да се работи, нагласува Младеновска-Јеленковиќ.
Организацијата „Wines of Macedonia” постои од 2010 година и континуирано работи на проекти за интернационална промоција на македонските вина, но и  вината од регионот. WOM е иницијатор за формирање на Балканската винска мрежа која е креирана во 2019 година и која на 4 октомври во Скопје ќе ги постави и објави своите цели и планови за развој на винарството и лозарството во регионот.

Сподели!
- Advertisement -