Загадениот воздух во 2016 бил главна причина за 400.000 предвремени смртни случаи во Европа. Дополнително поразителен е фактот што речиси секој жител на Европа, кој живее во градовите, е изложен на загадување над дозволеното.
Овие страшни податоци се наведени во извешртајот на Европската агенција за заштита на животната средина (ЕЕА), што беше објавен денеска.
“Загадувањето на воздухот во моментов е најголем ризик за животната средина кога станува збор за здравјето на луѓето“, се наведува во извештајот на ЕЕА.
Авторот на извештајот, специјалистот за квалитет на воздухот на ЕЕА, Алберто Гонзалез Ортиз, вели дека иако нивоата на опасни и штетни честички се намалуваат во европските градови, тоа не напредува со доволна брзина.
„Сè уште не сме достигнале до стандардите на ЕУ и далеку сме да ги достигнеме стандардите на Светската здравствена организација (СЗО)“, рече Гонзалес Ортиз.
Правните служби на ЕУ моментално бараат од земјите-членки да го проценат нивото на низа загадувачи, вклучително и озонот и честичките, и да преземат соодветни активности доколку се достигнат одредени надминувања.
Загадувањето во градовите стана предмет на поостри ограничувања откако Судот на правда на ЕУ донесе одлука во јуни дека градовите треба да постапуваат навремено веднаш штом нивоата на загадување се надминати дури и во една „црна точка“, а не со просечни вредности за поширок регион.
Во јули, Европската комисија, извршно тело на ЕУ, побара од Европскиот суд на правдата да преземе соодветни мерки против Шпанија и Бугарија поради лошиот квалитет на воздухот во двете земји, предупредувајќи дека нивните власти не успеваат да ги заштитат своите граѓани од загадување.
Границите утврдени од ЕУ ги определува загадувачот. Во текот на 2017 година, 16 од 28 земји-членки на ЕУ пријавиле барем еден случај што сугерира дека нивоата на азотниот диоксид, токсичниот гас од издувните гасови од возилата, се повисоки од законската просечна годишна концентрација во Европската унија.
На списокот се најдоа и Франција, Белгија, Холандија, Шпанија, Германија и Велика Британија.
Британската влада во вторникот изгласа нов предлог закон за животна средина кој содржи законски обврзувачки цели – да се намалат честичките во воздухот и да ги принудат производителите на возила да ги повлечат автомобилите што не се во согласност со регулативата поврзана со загадувачките емисии.
Намалувањето на бројот на автомобили е важен фактор во напорите да се намали загадувањето на воздухот во градовите, особено азотниот диоксид, посочува Гонзалес Ортиз.
“Кога се бориме против загадувањето, ние се бориме и против климатските промени, но исто така и против бучавата и промовираме поздраво однесување. Тоа е вин-вин ситуација”, додаде тој.