Најново од креаторот на „Мој Воздух“, апликација „Мој Миленик“ за ефикасно наоѓање на загубените миленичиња

- Advertisement -

Разговараше- Сања Наумовска

Да се најде загубеното милениче или да се пријави незгрижено животинче најдено на улица, за некој да може да го вдоми, е целта на најновата апликација МојМиленик која ја изработи Горјан Јовановски, познат како творец на апликацијата МојВоздух. Социјалните мрежи секојдневно се полнат со објави за изгубени миленици, а очајните сопственици бараат помош од случајните минувачи, со надеж да го пронајдат своето куче или маче.

- Advertisement -

Апликацијата МојМиленик е уште една аплатка плус, со која се зголемуваат шансите да се најдат загубените миленици. Функционира на тој начин што преку неа, корисниците можат во секој момент да ги прегледуваат и да бидат во тек со сите објави за миленици што се изгубени, без разлика дали се работи за кучиња, мачки, птици, влекачи…. Една од можностите на апликацијата е корисниците кои изгубиле или пронашле миленик на улица да можат да поставуваат и фотографии, да го опишат миленикот и да ја додадат и неговата последна позната локација.

„МојМиленик е апликација наменета да им помогне на сегашните и идните сопственици на миленици. Ја работевме заедно со Елена Адреева, која е дизајнер со фокус на развивање на дигитални продукти, во текот на изминатите неколку месеци. Веќе сега е достапна за корисниците и може да се симнува. Секој што има Android или iOS телефон може да ја преземе на https://mojmilenik.mk. Во овој момент, достапна е во Македонија, а откако ќе ја усовршиме со сите можности што ги имаме замислено, ќе се обидеме да ја прошириме и надвор од границите на Македонија“, вели Горјан во интервју за Иновативност.

- Advertisement -
Eлена Андреева

Тој и Елена, како вљубеници во природата и животните, решиле да го искористат своето знаење и професијата и да создаваат алатки кои ќе бидат корисни во секојдневието, за доброто на луѓето, животните и животната околина. Преку апликацијата, сите нејзини корисници ќе добиваат нотификации за секоја нова објава, врз основа на локацијата на која се наоѓаат. Како што вели Елена, на тој начин им се дава шанса да помогнат во барањето на изгубеното животинче во нивна близина и да го олеснат и забрзаат неговото пронаоѓање, еден тип на crowdsourcing. Во исто време, секој корисник што ќе пронајде миленик на улица што личи дека е домашен, може да го пријави во апликацијата и да помогне за лоцирање на неговите сопственици.

„Сакам да работам на проекти кои ја поткреваат социјалната и еко свеста и им го поедноставуваат секојдневието на корисниците. Сметам дека технологијата треба да се прегрне и да се искористи за добри цели“, нагласува Елена.

- Advertisement -

Горјан, пак, покрај МојМиленик е познат во јавноста и како автор на апликацијата МојВоздух, преку која граѓаните особено во зимските месеци се информираат за нивото на концентрациите на ПМ 10 честичките во воздухот. Горјан живее и работи во Амстердам веќе четири години, во Booking.com како менаџер и девелопер, но вели дека во план му е наскоро да се врати во Македонија и да се фокусира на локалните проекти.

Верувам дека секој треба да придонесува за подобрување на општеството, без да чека на некој друг да ги реши сите проблеми. Мојата сила е знаењето како да правам апликации и го користам тоа во решавање на проблеми што мене ми се важни. Чувстувам должност кон сите дека треба да продолжам, но не сам, туку заедно со сите други мотивирани млади и стари луѓе кои што сакаат да живеат во едно подобро општество“, нагласува Горјан.

МојВоздух во моментов е достапна во осум земји, на поранешните југословенски простори и во Албанија и Грција, а планот на Горјан е да се зацврсти присуството на тие пазари. Тој вели дека целта на МојВоздух е да биде алатка на граѓаните за притисок врз властите за преземање мерки околу загадувањето, па токму во таа насока подготвува и нови опции!

Сподели!
- Advertisement -