Сервисот за претплата на магазини Readly состави листа од најчесто употребуваните зборови во изминатата деценија врз основа на истражување спроведено врз 4,000 публикации. Најголемиот број од термините потекнуваат од интернетот, додека пак некои биле сленг-зборови кои евентуално станале дел од секојдневните разговори, објави www.marketing365.mk.
1. Instagram
Името на апликација за споделување на фотографии го промени начинот на кој ги споделуваме, но и опишуваме фотографиите. Односно, “Instagram“ е именка која укажува на апликација, но истовремено може да се сретне и како глагол со значење „постирање на слика“, додека пак придавката „instagrammable“ укажува на нешто што би било соодветно за постирање на инстаграм. Исто така ја употребуваме и именката „Инстаграмџија/Инстаграмџика“ како назив за човек кој ја користи апликација, па дури и како посебна професија.
2. Woke
Да се биде “woke” („буден“) се однесува да се биде свесен за неправдите во општеството и често се користи како потсетување да се остане информиран за проблемите со кои се соочува светот. Со други зборови – „останете будни “.
3. Slay
Во денешниот свет, “slay” („убиј“ ) го нема традиционалното буквално значење да се убие некој насилно, туку се користи како опис „да се биде импресивен преку напредок и стил“. Доколку изгледате извонредно, некој може да каже дека „убивате“. Зборот доби на особена популарност во рамки на ЛГБТ+ заедницата.
4. Snowflake
Терминот “snowflake” („снегулка“) се однесува на индивидуа која е претерано чувствителна и очекува дека другите постојано ќе ѝ угодуваат заради некоја нејзина „специјална“ карактеристика. Терминот беше популаризиран со филмот Fight Club, кој го вклучува дијалогот „Ти не си специјален. Ти не си убава и уникатна снегулка.“
5. Fake news
Терминот “fake news” („лажни вести“) е само-објаснувачки и во основа се однесува на погрешни информации. Популарноста на зборот порасна со кампањата и мандатот на американскиот претседател Доналд Трамп и често се употребува како потсетник дека луѓето не треба да веруваат на сé што ќе видат или прочитаат.
6. Staycation
Зборот “staycation“, кованица на “stay” („остани“) и “vacation” („одмор/распуст“), се однесува на одмор во сопствената држава, најчесто за да се избега од дневната монотона рутина и да се прошета и истражи непосредната околина.
7. YOLO
“YOLO” е скратеница за “You Only Live Once” („Само еднаш се живее“) и иако тоа во основа е точно, терминот најчесто се употребува како оправдување за импулсивно и нерационално однесување. Раперот Дрејк го употреби овој збор во песната „The Motto“, поттикнувајќи ги младите да го проживеат својот живот до максимум.
8. Twerk
„Тверкањето“ се однесува на танцување во кое индивидуата ги движи своите колкови и задник на провокативен начин. Овој вид на танц стана популарен со настапите на Мајли Сајрус.