Кинематограферите на „Медена земја“, Самир Љума и Фејми Даут, се добитници на наградата за најдобра кинематографија за Документарен филм на 34. доделување на ASC наградите (The American Society of Cinematographers).
„ASC Award“ важи за најпрестижна светска награда во областа на кинематографијата, бидејќи ја доделува Асоцијацијата на кинематографери на Америка (ASC).
Наградата на кинематограферите им ја врачи режисерот Тод Филипс, кој во својата најава рече дека ова е „златно време на документарниот филм“.
„Медена земја“ е во трката за претстојните „Оскари“ во две категории – за најдобар документарен филм и за најдобар странски филм.
Филмот е во режија на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска, продукцијата е на Атанас Георгиев, кој е и монтажер, а кинематографијата е на Фејми Даут и Самир Љума.
Ова е најнаградуван македонски документарен филм. Приказната е за последната одгледувачка на диви пчели во Европа, Атиџе Муратова, која се соочува со предизвици откако во нејзиниот крај пристигнуваат пчелари номади кои го прекршуваат основното правило: земи половина од медот, а другата половина остави им ја на пчелите.
Филмот е сниман во речиси недопрената дивина на Овчеполието, во и околу селото Бекирлија, општина Лозово.