Текстилната фабрика „Кули“ од Прилеп е пример за семеен бизнис кој успешно работи речиси три децении, иако предизвиците на текстилната индустрија, особено негативната кампања присутна во нашата земја ги засегнуваат и големите фирми. Моделот на Кули, за поуспешно освојување на европските пазари е инвентивен и иновативен. Инвестициите во нова опрема и машини во сопствената, но и во фабриките на помалите партнери, во рамките на програмата за кофинансирање на УСАИД е добитниот модел, кој оваа фабрика го практикува во последните неколку години.
За предизвиците да се остане конкурентен на странските пазари, за третманот на текстилните работници и итната потреба за модернизација на индустријата разговараме со Александар Мариновски, сопственик на конфекцијата „Кули“ од Прилеп.
Разговараше – Сања Наумовска
Г-дин Мариновски, кажете ни повеќе за компанијата „Кули“, со што конкретно се занимава овој семеен бизнис?
„Кули“ е семеен бизнис кој функционира од 1992 година, основан од Васил Мариновски, кој во оваа компанија го преточи своето претходно знаење и искуство во текстилната индустрија. Денес „Кули“ има 260 вработени, а заедно со партнерските компании ангажира речиси 400 работници. Конфекцијата произведува капути, блејзери и сакоа, а има одреден капацитет и за фустани, пантолани и здолништа, кои ги реализира во соработка со партнерски текстилни компании како подизведувачи. Нашите партнери се помали конфекции кои ги шијат овие модели, додека, пак, во „Кули“ се кројат и пеглаат. Целото производство е наменето за европските пазари, пред се холандскиот, германскиот и францускиот. Лон производството во последните пет години го надополнуваме со полу-лон, со тоа што одредени материјали самите ги набавуваме и вградуваме во нашите производи, со цел да им обезбедиме подобри услови за работа на нашите странски клиенти.
Она што е специфично и иновативно е вашиот модел на работа со другите помали добавувачи, во случајот мали конфекции. Објаснете ни го принципот на ваши инвестиции во нив?
Целта на ангажирањето подизведувачи е да ја истакнеме нашата намера да бидеме што повеќе флексибилни и конкурентни на широки пазари и да можеме успешно да одговриме на барањата на клиентите за изработка на цел сет производи. Во моментов соработуваме со три помали фирми кои имаат стотина вработени, кои заедно со нас работат најмалку 11 месеци во годината. Овој принцип на работа овозможува да ги пробиеме и овие фирми, иако се помали, да работат успешно и со нас, партнерски, да настапуваат на европскиот и светскиот пазар. Тоа е добро и за индустријата, која вработува над 35.000 лица, што не е занемарлива бројка.
Покрај тоа, ние активно инвестираме во овие компании, на тој начин што помагаме финансиски во одредени месеци кога има потреба, а најважно од сè, им купуваме нови машини. Така, партнерски со УСАИД преку програмата за коинвестирање, купивме машини за двајца наши добавувачи, две компании што беа во многу тешка ситуација, а со овие инвестиции се вратија во живот. Тоа се текстилни фабрики од Македонски Брод и од Битола на кои им купивме машини за кроење и за шиење како и клима уреди. Овие инвестиции, со кои директно допринесуваме за подобрување продуктивноста, но и на условите за работа помогнаа пополека да се врати оптимизмот на луѓето околу иднината на оваа гранка. Поголемото задоволство на работниците е во наш интерес, особено во време на дефицит на работна сила. Работниците се нашето второ семејство, а ние се грижиме за нив и кога не се на работа.
Како се решивте за ваков принцип на работа?
Ние сме член на Tекстилната Асоцијација на Македонија, преку која бевме сведоци на развојот на оваа индустриска гранка во соседна Бугарија. Промените во позитивен правец во последните години ја направи Бугарија бренд на Балканот. Од тоа искуство увидовме дека, доколку сакаме да опстанеме, и ние мораме да се модернизираме, а доколку сакаме да се пробиваме на поширокиот пазар, мораме да работиме со подизведувачи. Mораме да ги прошируваме палетите и да одиме напред. Секој самостојно не може да биде мултифункционални, заради што партнерствата се вистинскиот избор. Во нашата земја има голем број текстилни фирми, специјализирани за одредени дејности, кои се вклопуваат во нашата визија. Некои се помали фирми, а некои биле големи фирми кои не успеале да фатат чекор со модернизацијата. Нашата цел ние е да им купуваме нови машини, затоа што сметаме на долготрајна соработка со голема продуктивност. За тоа да го постигнеме и тие треба да пораснат и да се модернизираат, што е наш заеднички интерес. Позитивно е што оваа практика е прифатена и од други текстилни фабрики во земјава.
Колку долго функционирате по овој иновативен модел на инвестирање и колку луѓе имаат директен бенефит од него?
Веќе две години работиме на овој начин, а речиси 400 луѓе имаат бенефит од нашите инвестиции. Планираме во блиска иднина и нови инвестиции во други партнерски фирми. Истовремено инвестираме во фотоволтаици со кои ќе ги покриеме потребите на фабриката за електрична енергија, а вишокот ќе го продаваме во системот. На тој начин во следните години ќе овозможиме поголеми можности за нови инвестиции.
Веќе подолго време се алармира на неповолна состојба во текстилната индустрија. Според Вас, кои се клучните предизвици на оваа индустрија во моментов?
Според нашите пресметки, на текстилната индустрија и припаѓа околу 23 отсто од целото индустриско производство во Македонија. Сепак, не можеме да се пофалиме дека е состојбата е сјајна. Иако ние поголемите компании многу се трудиме да најдеме добри партнери за соработка, имаме голем проблем да најдеме квалификуван кадар. Иднината не е розова, заради тоа бараме алтернативи. Тоа е модернизацијата на машинскиот парк, со што ќе си овозможиме со една машина да замениме повеќе операции, и да го оптимизираме бројот на работници. Добар дел од вработените се веќе во поодминати години, а вака ќе можат да ја исполнат нормата и да ги одработат годините до пензија. Заради тоа многу вложуваме во нови мултифункционални машини, кои ќе ни овозможат да останеме конкурентни и да ги исплатиме минималните плати кои од неодамна се зголемија. Морам да потенцирам дека платите за две години пораснаа за 30 до 40 отсто, а цените кои ни ги плаќаат клиентите се зголемени за помалку од пет отсто. Разликата е голема, заради што ние сме многу активни на средбите со Министерството за труд и социјална работа, за наоѓање решение како државата ни помогне да го издржиме товарот.
Во вакви услови во земјата и на светскиот пазар, кои се следните чекори за текстилната индустрија?
Тоа се инвестициите во модернизација и привлекување на високи брендови во Македонија. Помалите брендови веќе се преориентирани кон фабриките во Азија и во последните десетина години и ги заобиколуваат европските пазари. Заради тоа ние мораме да се стремиме кон квалитетот, а не кон квантитетот. Предноста на Македонија во споредба со Азија е брзиот транспорт. Азиските компании не прифаќаат мали налози и брзи нарачки, а нашите фабрики, на големите брендови во Германија, Холандија, Белгија, можат да им понудат секоја недела на излозите да имаат нова модна линија.