Дали знаете дека во Македонија има дигитална платформа за режија, фотографија и продукција?„Кукл“ е ултра иновативна едукација!

- Advertisement -

Специјално за Иновативност, Кристина Христова-Николова ја промовираше „Кукл“, нова дигитална едукативна платформа за режија, фотографија и продукција

Компанијата КТ Филм и Медиа ја стартуваше „Кукл“ (KOOCKLE) дигитална едукативна платформа која нуди курсеви од областа на креативните индустрии меѓу кои и за фотографија, режија, продукција, маркетинг, програмирање и други.

- Advertisement -

Според Кристина Христова-Николова, управител во КТ Филм и Медиа, платформата е пред се наменета за младите кои сакаат да се доквалификуваат или преквалификуваат во некој сегмент на креативните индустрии, како една од најбрзорастечките индустрии во моментот.

Новинар – Сања Наумовска

- Advertisement -

Г-ѓа Христова-Николова, кажете ни колку долго постои „Кукл“ (KOOCKLE) и која беше инспирацијата за креирање на ваков тип на платформа? Кој е тимот кој стои зад истата?

Идејата за „Кукл“ тлееше неколку години, но со нејзина реализација почнавме откако ја добивме поддршката од Фондот за иновации во 2021 година. Конечно, на наше големо задоволство, платформата беше лансирана во јавноста годинава. Како и сите други, за време на Ковид-19 пандемијата се соочивме со проблем за одржување на физички настани и предавања. Тогаш увидовме дека е потребно едно иновативно решение коешто ќе овозможи одржување на онлајн курсеви. Иновативно решение не само во поглед на технологијата туку и во поглед на бизнис моделот кое ќе овозможи поголема пристапност на курсевите.

- Advertisement -

„Кукл“ е дигитална едукативна платформа која вклучува алатки и туторијали за едукација како и високо-квалификувани едукатори кои доаѓаат од секторот на високото образование и која овозможува евтино образование и квалитетни материјали за обука и дообука на кадри.

Преку платформата може да се следат девет курсеви. Kажете ни нешто повеќе за нив, што им нудите на вашите потенцијални клиенти?

Нудиме широка лепеза на курсеви од областите на креативните индустрии коишто се една од најбрзо растечките индустрии, а конкретниот избор на курсеви е еден вид комбинација на области коишто се веќе релативно познати како фотографија, режија, продукција и одредени „нови“ индустрии кои имаат огромен потенцијал – маркетинг, програмирање и сл.

Почетните курсеви се базирани врз извршени анализи за кои има реална потреба на пазарот.  Тие се „Основи на програмирање“, „Основи на филмска режија“, „Основи на стоп анимација“, „Основи на кинематографија“, „Основи на дизајн на звук“, „Основи на монтажа“, „Основи на фотографија“, „Нови форми на креативно пишување“ и „Социјални медиуми и нивно менаџирање“.

За кого се наменети овие курсеви, која е вашата целна група?

Овие курсеви се наменети за почетници коишто сакаат да ги започнат своите кариери во соодветните области. Целна група се млади лица кои имаат потреба и сакаат да се доквалификуваат или преквалификуваат во некој сегмент на креативните индустрии. Секако и компаниите кои имаат потреба од ваков кадар или ги упатуваат своите вработени за доквалификација.  

Нудите и приватни консултации со обучувачи. Објаснете ни го начинот на стекнување знаења преку „Кукл“.

Како што е слоганот на нашиот проект „вештини на барање“ тоа што го издвојува „Кукл“ од конкуренцијата е што првично нуди курсеви на барање, а дополнително и менторство преку приватни консултации. Тоа се снимени курсеви со коишто се овозможува првично запознавање во тие области. Преку приватните консултации се овозможува дополнително усовршување и надополнување на знаењата од видеата. На тој начин овозможуваме флексибилност за секој од куристите да може да си ги усоврши знаењата и вештините коишто смета дека му се битни.

Зошто се одлучивте токму за едукативна платформа која нуди курсеви за креативни индустрии?

Едукацијата, сепак, е темелот за развој во секоја област, вклучувајќи ги креативните индустрии. Потребите за вештини и знаења во овие индустрии постојано се менуваат и во таа смисла образованието треба да го следи тој тренд. За развој на едукацијата во креативните индустрии клучна е соработката помеѓу различни чинители како институциите, кои се креатори на политики, бизнис секторот кој има се поизразена потреба од професионалци кои поседуваат знаења и вештини од областите на креативните и дигиталните индустрии, институциите кои пружаат едукација и оние на кои тие знаења се наменети.  

Каква е состојбата на пазарот на трудот во земјава кога се работи за овие индустрии? Според вашите сознаија каков кадар се бара, дали има квалификувани работници?

Ние сме мала земја и нашиот пазар е ограничен. Но, креативните индустрии се во подем на глобално ниво и пазарот на трудот, посебно во ова дигитално општество, не е веќе национален, дури ни регионален, туку глобален. Тоа значи дека тие што работат во креативните индустрии со своето знаење и искуство може да се конкурентни на глобалниот пазар на трудот и многу полесно од порано да работат за глобални работодавачи, клиенти и слично. Појавата на дигитални номади е потврда на ова и ќе напоменеме дека повеќето дигитални номади работат во креативните индустрии.

Каде го гледате потенцијалот за развој во овој правец? Какви се вашите планови за во иднина?

Планираме во иднина да нудиме нови курсеви, не само во поглед на нови области, туку и напредни курсеви коишто ќе бидат за веќе етаблирани професионалци кои сакаат да усовршат конкретни знаења и вештини.

Платформата ќе се проширува, преку соработка со универзитети и провајдери на знаење и професионалци од регионот. Курсевите ќе бидат достапни за сите заинтересирани, а ценовната стратегија ќе се прави според условите на пазарот со цена која соодветствува на цените за слични вакви курсеви на пазарот. Активностите на „Кукл“ би се прилагодувале на барањата на стопанските чинители и во голема мера би ја олеснувале соработката и интеракцијата помеѓу образованието и бизнис заедницата.

Сподели!
- Advertisement -