Oдлична инспирација: Одбери ново ВЕЛО доживување

- Advertisement -

Каде ќе возиме утре? Да се качиме на врвот на Водно и да се спуштиме оф-роуд до Долно Соње, па да одиме на кафе во викендичка кај Игор?

Да планираме одење на „Тура преку Слива“ што се вози во околината на Прилеп. Каква Слива? Да, името го добила по превојот Слива познат како Порта Мариовска (1110 м.н.в.). На турата се посетува и Кралската гробница Старо Бонче кај археолошкиот локалитет Павла Чука. Првпат слушам, звучи интересно?…

А дали сте слушнале за новата мобилна апликација за самоводечки тури со велосипед која неодамна ја промовираа Националната асоцијација за дојдовен туризам (НАИТАМ) во партнерство со туристичката агенција Македонија Травел? Да, вчера ми ја препорача еден колега од работа. Се работи за нова иновативна туристичка понуда за самоорганизирани домашни и странски активни туристи. Нудат интересна самоводечка тура преку планината Галичица која тргнува од Отешево на Преспанското Езеро и завршува во селото Коњско на брегот на Охридското Езеро. Таму може и да ручаме. По пат може да застанеме и да го посетиме и археолошкиот локалитет во Заливот на коските. Мобилната апликација има мапи и опис на рутата. Слушнав дека апликацијата е подготвена со поддршка на некој проект? Да, подготвена е во рамките на потпроектот за изработка, организација и продажба на самоводечки тури за самоорганизираните туристи со поддршка на Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК). Супер, значи одиме преку Галичица… баш се радувам, никогаш не сум бил на местото каде се гледаат и двете езера, а ти? …

- Advertisement -

Вакви и слични разговори се водат во нашата неформална група Враголани на Viber, составена од љубители на рекреативен планински велосипедизам. Знам дека постојат уште многу вакви неформални групи на велосипедисти кои воглавно се организираат преку социјалните медиуми и кои во последните години придонесоа за се поголема популарност на планинскиот односно брдскиот велосипедизам. Овој спорт уште се нарекува и маунтин бајк (од англиски mountain bike или скратено MTB/МТБ) бидејќи со посебен вид на велосипеди без задна суспензија односно заден амортизер за ублажување на ударите од неравниот терен (hardtail) или со целосна суспензија (full suspension), се вози, покрај, на асфалтни патишта и по неасфалтирани или оф роуд патеки, што се наоѓаат во шуми, брда, планини, полиња, и слично. Спортот исто така го популаризираат и повеќето увозници на велосипеди.

Во изминатите неколку години сведоци сме на зголемен број на активности, се организираат рекреативни тури, како и спортски натпревари кои придонесоа голем број на вљубеници на велосипедизмот да се приближат кон природата, да рекреираат, но и подобро да ги запознаат убавините на својата татковина.

- Advertisement -

Во периодот од мај до ноември 2019 година во земјава се организираа преку 20 МТБ настани кои вклучуваа голем број на љубители на планинскиот велосипедизам. Најголемиот број на настани е сконцентриран во периодот од мај до јуни кога времето е убаво, а температурите сеуште не се премногу високи. Авантурите на Бистра, Азот – Богомила, Алшар – Кавадарци, Мистериите на Беласица – Струмица, Галичица се само некои од турите кои веќе имаат одржано неколку изданија. И секоја година се појавува некоја нова тура. Овие тури се вообичаено со должина од 30 – 60 км. Нив ги организираат локални вело клубови – здруженија на граѓани кои исто така го поттикнуваат идентификувањето, маркирањето и развојот на велосипедските патеки буквално низ целата држава, ги промовираат историските и природните локалитети, а со тоа го поттикнуваат и развојот на локалниот одржлив туризам. Тие воедно се грижат и за сигурноста на учесниците што е секако еден многу важен сегмент, бидејќи планинскиот велосипедизам покрај опремата бара и одредени предзнаења, искуства и техники за оф-роуд возење.

Неодамна се запознав со еден многу интересен факт кој делумно ја објаснува популарноста на маунтин бајкот. Имено, нашата земја има повеќе од 50 езера и 34 планини повисоки од 2.000 метри. Таа е петта според просечната надморска височина во Европа со 741 метар зад Андора, Швајцарија, Австрија и Турција. Тоа воедно го открива и нејзиниот потенцијал од туристички аспект. Можностите се големи бидејќи ширум земјава постојат извонредно многу оф-роуд и крос патеки.

- Advertisement -

Европа е најголем пазар за велосипедскиот туризам. Постојниот пазар изнесува 25 милиони патувања на вело-туристите кои вклучуваат ноќевања или 3% од вкупните туристички патувања генерирани од страна на жителите на ЕУ. Околу 20 милиони велосипеди се продаваат во Европа секоја година, со најголема продажба во Германија. Велосипедизмот е популарен и во помалите земји како Холандија, Белгија и Данска. Популарноста на електричните велосипеди рапидно се зголемува во Европа, делумно како резултат на стареењето на популацијата.

Одморите со  возење на велосипед можат да бидат поврзани со одредена централна локација (одреден град) или пак да бидат организирани како патување (турнеја). Прилагодени и самоводечки рути се повеќе и повеќе се бараат.

Сепак, треба да се исполнат одредени предуслови како на пример: безбедни и соодветно означени велосипедски патеки, добра инфраструктура за велосипедизам, квалитетна опрема и материјали, комфорно сместување кое опфаќа и соодветно сместување на велосипедите, транспорт на багажот и водичи со соодветни знаења.

Типичниот профил на еден европски туристички велосипедист е: машките се во малку поголем број од  женските велосипедисти; најчесто се на возраст од 40-60 години; генерално се со добро образование и со поголема куповна моќ; обично уживаат во велосипедизмот како форма на спорт или физичко вежбање; сакаат да бидат блиску до природата; често патуваат во парови или во мали групи; и честопати самите си го организираат патувањето и сместувањето.

Можностите што ги нуди развојот на вело-туризмот во земјава, а посебно планинскиот велосипедизам како алтернативна форма на активен туризам се препознаени и од Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК) кој е водечки проект за развој на туризмот во земјава. ПЛРК е четиригодишна инвестициска активност за поддршка на локалните заедници и туристичките дестинации со цел надградба на нивната туристичка понуда, подобрување на  туристичката инфраструктура, развој на вештини на туристичките работници и создавање на работни места во туризмот.

„Преку проектот се поддржани поголем број на потпроекти што содржат активности со кои се поттикнува или промовира вело туризмот. ПЛРК обезбедува поддршка за создавање на нови туристички производи во сите десет дестинации како на пример производи за планински велосипедизам, со кои се подобрува впечатокот и нудат нови доживувања и искуства на туристите кои ја посетуваат земјата. Така на пример Винарската визба Попова Кула го спроведува потпроектот „Збогатување на понудата на Винарска Визба Попова Кула“ каде што има  уредено место за паркинг и складирање на велосипедите. Во рамките на потпроектот „Реновирање и модернизација на постоечки капацитети и услуги на Хотел Пела – Охрид“ набавени се велосипеди и oрганизирани се велосипедски тури. Следејќи ги веќе споменатите трендови Ски Клубот – Полар набави 10 електрични велосипеди преку потпроектот „Четири сезонска авантура“, додека Националната асоцијација за дојдовен туризам на Македонија изработи, организира и продава 26 самоводечки тури во печатена и дигитална верзија за претходно уредени и маркирани планински и велосипедски патеки во пет дестинации (Скопје, Тетово, Охрид, Битола и Крушево)“ – објаснува г-ѓа Антонија Шишак, Директор на Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК).

Проектот за локална и регионална конкурентост поддржува активности во потпроектите за збогатување на туристичката понуда со нови производи (услуги за изнајмување на планински велосипеди и водичи), како и за подобрување на пристапноста и туристичката инфраструктура (изградба на велосипедски патеки). Во туристичката дестинација Малешево и околината се поттикнува развојот на планинскиот велосипедизам. Имено, Планинарско Спортскиот Клуб Малешевска Корија – Берово набави 20 планински велосипеди за возрасни и 5 за деца, вклучително и соодветна опрема (по 25 кациги, бидони и ракавици). Со ова се креира нова туристичка понуда за активен туризам – изнајмување на планински велосипеди за рекреирање во планината и се овозможува туристите да се здобијат со нови и убави искуства.

„Во рамки на потпроектот „Малешевска корија – Дестинација за планински велосипедизам“ спроведени се обуки на кои се обучени двајца водичи за планински велосипедизам и тие се лиценцирани. На тој начин се подигнува културата, се подобрува квалитетот на услугата и се зголемува безбедноста на туристите. Сигурноста на вело-туристите е извонредно важен сегмент за развојот на ваков тип на активен туризам и за нас претставува апсолутен приоритет“ – истакнува г-ѓа Дина Муцунска од Планинарско Спортскиот Клуб Малешевска Корија од Берово.

Во Општина Центар Жупа се вложува во подобрување на инфраструктурата со цел подобрување на општиот впечаток на туристот. „Со поддршка на ПЛРК ја подобривме пристапноста до двата острови во Дебарското езеро. Извршивме реконструкција и надградба на пешачко-велосипедската патека која го поврзува центарот на општина Центар Жупа со Дебарското езеро и изградивме одморалиште и сето ова ќе им овозможи на посетителите уживање, рекреација и набљудување на прекрасните природни пејзажи низ целата патека“ – вели г-дин Мухарем Имеровски координаторот на потпроектот од Општина Центар Жупа.

Проектот за локална и регионална конкурентност се финансира од страна на Европската Унија и Владата на Република Северна Македонија. Проектот го администрира Светска Банка, а истиот се спроведува од Кабинетот на Заменик Претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори.

Како за крај, постојат повеќе причини да се заљубите токму во маунтбајкингот. Еве неколку аргументи: тоа е спорт кој покрај пливањето, ангажира најголем број на мускули и мускулни групи во нашето тело; тоа е авантура која ви нуди можност да истражувате, да среќавате нови луѓе, места и атракции или пак веќе познатите места да ги гледате со „други очи” или од друг досега недоживеан агол; овозможува сами да ја изберете и планирате рутата, всушност вие избирате од која страна ќе се искачите на некој рид или планина; вашето тело го одржува во добра форма, бидејќи потребен е одреден напор кога се искачувате по ридски предели, но исто така и при спуштање, па така еден час маунтбајкинг согорува 500–600 калории; позитивно влијае на ослободувањето од стресот со самиот факт што поминувате неколку часа на отворено и во природа; прави да се чувствувате сигурни во своите способности и ви ја покачува самодовербата кога ќе освоите некој врв или совладате некој предизвик, итн. Но затоа пак како голема награда за Вашиот напор, секој пат ќе добиете надреални пејсажи, величествени глетки кои ви го запираат здивот, планински села со типична архитектура зачувани од минатото, богатство на ендемични флора и фауна, планини со единствена убавина, како и кристални реки и глацијални езера. Попатно може да вкусите и диви боровинки, капини или јагоди, или да испиете некое пиво пред коперација.

Планинскиот велосипедизам не претставува само обично возење велосипед. За најдобро да искусите како е да се вози велосипед во дивина и недопрени предели треба едноставно да пробате, за почеток можеби на некоја од споменатите рекреативни тури. Тоа секако ќе биде подобро од било каков опис или текст, па нека е тоа и овој нашиов.

Па, каде ќе возиме следниот викенд?

Сподели!
- Advertisement -