25 C
Skopje
четврток, јуни 4, 2020

Центарот за одржлив развој Алка развива веб платформа за промоција на македонскиот руралeн туризам!

Kabtel desktop

Разговараше – Верица Јорданова

„Онлајн маркетинг и комуникации за одржлив развој на руралниот туризам во Северна Македонија“ е потпроект поддржан во рамки на Проектот за локална и регионална конкурентност. Имплементиран од Центарот за одржлив развој Алка овој потпроект има за цел да ги зајакнува капацитетите и знаењата на давателите на туристички услуги во руралните средини за современ, дигитален маркетинг.

Каков тип на знаења и вештини добија лицата кои даваат туристички услуги во рурални средини и кои се очекувањата за нивниот иден развој разговаравме со Даниела Андреска, теренски координатор и Жарко Џипунов, проектен координатор.

За почеток, кажете ни кои се клучните цели на овој потпроект?

Ние се осврнуваме на детектираниот проблем „Ограничени онлајн маркетинг и комуникација, односно непостоечки интернет-маркетинг и комуникација на услугите во руралниот туризам„ и работиме на зајакнување на капацитетите во однос на современиот (дигитален) маркетинг со фокус на давателите на туристички услуги во руралните средини низ целата земја.

Поради тоа општата цел на потпроектот е да се зајакне руралниот туризам во Северна Македонија преку воведување на активности за јакнење на капацитетите на туристичките сервиси во однос на користење на онлајн маркетинг и комуникација. Првата специфична цел на потпроектот беше да се истражат, идентификуваат, опишат но и да се промовираат руралните туристички услуги во Северна Македонија, користејќи ги онлајн алатките. Ова наговестува и дека потпроектот се фокусира на развивање на онлајн платформа за промоција на руралниот туризам и маркетинг на производи од руралниот туризам, опфаќајќи ги сите десет (10) дестинации во Северна Македонија. Втората специфична цел на потпроектот беше да се овозможи обука и континуирана техничка помош за детектираните провајдери на рурални туристички сервиси во сферата на онлајн маркетинг и комуникации.

Што покажа идентификацијата на туристичките капацитети во руралните средини во 10 региони во Македонија?

Согласно првиот потпроектен резултат, каде се очекуваше да се идентификуваат и промовираат на интернет најмалку 250-300 објекти за рурален туризам и услуги, имаме добиено многу повисоки бројки. Првично се идентификувани вкупно 790 објекти и услуги за рурален туризам, и тоа: сместувачки капацитети од помал обем (355), Ресторани (138), Винарии (26), Манастири (39), Туристички центри (9), Фарма-Бачило (1), Планинарски домови (24), Кампови (7), Организации/настани за Воздушни авантури (6), Јавање (9), Пешачење (16), Поддржувачи на велосипедизам (9), Кајак (2), Лов-риболов (5), 4х4 екскурзии (2), Бањи (9), Археолошки локалитети (36), Пештери (17), Кањони (3), Водопади (10), Музеи (30), Споменици (11), Значајни настани (26).

Северна Македонија дефинитивно поседува голем потенцијал за развој на руралниот туризам. Постојат различни угостителски, културни и рекреативни услуги, изобилство на природни и културни ресурси и истите имаат можност да се вмрежат и зајакнат како одговор на сé поголемата побарувачка на туристите. Она што недостасува е нивно заедничко присуство на онлајн туристичките мапи, промоција на сите туристички производи во рамки на еден регион, односно давање на целокупна туристичка понуда како пакет, со цел задржување на туристите во регионот за подолг временски период. Во моментов, многу е тешко особено за странските туристи да ги откријат овие рурални туристички ресурси и услуги во целост во еден регионален пакет, а не пак низ целата земја.

Жарко Џипунов, проектен координатор


Кога ќе биде готова веб платформатa и како е замислена?

Со вториот потпроектен резултат треба да се добие развиена и промовирана онлајн платформа за рурален туризам. Моментално платформата е дизајнирана (ќе биде достапна исклучиво на англиски јазик), а сите подготвени документи и кратките описи на капацитетите, сервисите и местата за посета се поставуваат на онлајн платформата и тоа за: 290 сместувачки капацитети, 125 ресторани, 12 планинарски домови, седум места за кампување, 15 археолошки локалитети, 15 манастири, 13 села кои треба да се посетат и видат, 10 културни настани, 10 планински врвови. А тоа значи, вкупно 497 сервиси / локации ќе бидат промовирани преку платформата. Организациите спроведувачи на овој потпроект се обврзуваат платформата континуирано да ја обновуваат и дополнуваат и да се достапни за сите заинтересирани нови капацитети и сервиси кои сакаат да се промовираат. Онлајн платформата http://www.visitrural.mk/ се очекува да биде достапна до крајот на овој месец и е замислена како платформа на која се промовираат сите можни рурални капацитети, услуги, значајни места и настани од сите дестинации. Целта е домашните и странски туристи да ги детектираат сите места што може да ги посетат и истражат и сите нешта што може да ги вкусат, видат или почувствуваат во текот на нивното првично замислено патување.

Преку кои активности АЛКА и ДеСо ја промовираат и збогатуваат македонската туристичка понуда?

Руралните туристички дестинации и капацитети од земјава едвај се присутни на онлајн меѓународните туристички мапи и во моментов, како што претходно напоменавме многу е тешко за локалните и странските туристи да ги откријат руралните туристички ресурси и услуги низ целата земја. Ова првенствено се должи на фактот што малите капацитети не умеат или едноставно не се промовираат и продаваат на интернет. Ова води до затворен циклус на неразвиеност на услугите: недостигот од онлајн маркетинг ја задушува побарувачката, што за возврат ја намалува понудата. Многуте отворени мали рурални капацитети во текот на 2012-2015 година денеска се затворени токму поради некористењето на онлајн маркетинг и континуирано намалување на заинтересирани посетители. Така да сé помалиот број на функционални услуги дополнително го намалува маркетингот и промоцијата, што пак дополнително го намалува интересот на туристите.

Потпроектот нуди сет на активности кои паралелно работат на рашавање на овој предизвик: Сеопфатно детектирање на сите можни туристички капацитети и услуги, активности за градење на нивните капацитети за онлајн маркетинг и продажба, и воедно работи на подготовка на сеопфатна платформа со можност за меѓународно промовирање.

Третиот резултат е реализирањето на меѓународна онлајн маркетинг кампања на руралниот туризам. Активностите кои се реализираат за остварување на овој резултат се тековни, се подготвува дизајнот за кампањата, веб банерите и воедно тие се поврзани со пуштањето на самата платформа во оптек и нејзино меѓународно промовирање. Меѓународниот аспект овде се потенцира бидејќи целта на потпроектот е македонските капацитети, услуги, места и настани да се промовираат надвор од државните граници и да се привлечат поголем број на странски туристи. Мора да се потенцира дека локацијата на нашата земја, со кратка оддалеченост и ниски цени на летови до многу европски метрополи, во комбинација со ниските трошоци за живеење и престој, претставува одлична можност за странските туристи. Руралниот туризам совршено се вклопува во современите трендови особено меѓу европските патници, кои бараат автентични, уникатни искуства и запознавање со локалните животни стилови. Европските патници сакаат да доживеат рурални, природни, недопрени пејсажи и автентично сместување. Токму руралните заедници имаат одлични ресурси за да понудат такви искуства.

Како поминаа обуките за маркетинг за потенцијалните даватели на туристички услуги? Каква е состојбата на терен?

Согласно четвртиот потпроектен резултат беа спроведени шест регионални тренинзи при што беа опфатени 120 даватели на рурални туристички услуги и други релевантни чинители и беа обучени во сферата на онлајн маркетинг и комуникации. Очигледно е дека постои недоволно присуство на туристичките чинители во сферата на онлај промоцијата и маркетингот. Многу од туристичките услуги особено руралните капацитети од мал обем имаат многу слаба видливост, немаат своја веб страна, немаат професионални мејл адреси за бизнис комуникација, не ги користат правилно социјалните медиуми, недоволно ги користат вистинските алатки за поголемо промовирање и продажба преку социјалните мрежи. Најчесто ги користат за нив ограничувачките страни како Booking, Airbnb, но и Pazar3. Многу малку од нив сметаат дека промотивните материјали и професионално изработени фотографии би ја зголемила понудата на нивниот капацитет или сервис или воопшто не испланирале дел од својот буџет за промотивни активности. Скоро никој од нив нема изготвено стратешки чекори за промоција и продажба.

Поради тоа, од корисниците, овие обуки беа препознаени како нешто што е неопходно за капацитети особено од мал обем и во рурални средини. Во неколку наврати беше потенцирано дека вакви обуки треба постојано да се спроведуваат, но не со регионален пристап, туку со одржување на обуките на локално ниво, особено во делови од државата, кои се карактеристични по тоа што имаат поголем број на капацитети и услуги од мал обем.

Петтиот резултат е воспоставен центар за поддршка, кој е веќе составен од лица од самите организации спроведувачи на потпроектот, кои во соработка со експери и консултантска помош обезбедија дополнителни 3.000 часови техничка помош за приближно 80 даватели на рурални туристички услуги во различни сфери: промоција на рурален туризам, онлај маркетинг, фотографија, е-комуникација (онлајн бизнис комуникација), самостојно онлајн учење.

Токму овој центар за поддршка одговори на барањата на корисниците за континуирани обуки. Овој центар е воспоставен и за понатамошното опстојување на онлај платформата и комуникација со нови заинтересирани сервиси, како и континуирана поддршка на сервисите во развивање на нивните способности. За таа цел моментално се подготвуваат кратки, лесно читливи прирачници за претходно наведените теми, кои ќе бидат споделувани со заинтересираните корисници во хартиена форма и по електронски пат преку платформата.

Колку Проектот за локална и регионална конкурентност го поттикна иновативниот пристап при изработката и спроведувањето на вашата идеја?

Потпирањето на Интернетот денес е широко распространето во сите економски сектори и е исклучително важна алатка особено за промоција на бизнис продажбата. Покрај тоа, Интернет-базираниот маркетинг станува многу распространет и меѓу туристичките оператори. Поради тоа употребата на информатичко – комуникациските технологии (ИКТ), како додадена вредност на туристичките услуги и производи, е неоходно се повеќе да се промовира и користи во Северна Македонија. ИКТ има способност да влијае на целиот синџир на вредности на туризмот и да влијае на процесот на управување и испораката на услугите во секторот, на локално но воедно и на глобално ниво. Бидејќи информациите се извор на енергија во туристичката индустрија, ефикасното користење на ИКТ е од клучно значење за активностите поврзани со маркетингот и промоцијата. Потпроектот затоа се фокусира на развивање на онлајн платформа за локална, регионална и глобална промоција на руралниот туризам и маркетинг на сите производи од руралниот туризам, опфаќајќи ги сите десет дестинации.

Кои се клучните проблеми во овој сегмент?

Повторно да се напомене дека руралниот туризам во земјава е недоволно развиен, и покрај изобилството на можности, природни и културни ресурси. Една од причините за жал е сеуште рудиментарната рурална инфраструктура, која влијае на зголемување на незадоволство кај туристите, и неисполнување на нивните основни потреби и конечно нивен намален интерес повторно да се вратат.

Друга причина е негрижата од локалните власти за поддршка на овој тип на туризам со немање на вистински стратешки чекори и соодветно ефективно планирање. Се се завршува на подготовка на план за развој на туризмот во општината без соодветна реализација. Регистрирањето на капацитетите од мал обем во некои општини сеуште е во почетна фаза и сеуште општините имаат проблеми при подготовка на потребните документи и барања, но и се судруваат со проблемот од недоволно кадар за да се спроведе во целост процесот на регистрација. Тука воопшто не ни станува збор за поддршка и промовирање на малите капацитети од нивните општини.

Малите капацитети се снаоѓаат на индивидуална база, се промовираат самостојно колку што можат, со цел да го продадат својот продукт. Ги користат сите свои капацитети да понудат нешто иновативно, честопати влегувајќи во непотребен ризик. Ретко кој има посетувано обуки за стратешко – бизнис планирање, онлајн промоција и маркетинг, бизнис комуникација, основни стандарди за рурални туристички капацитети и сл. Поради немањето на поддршка и обуки, и судирање со многу ризици, младите се повеќе го губат интересот да се носители на ваков мал бизнис.

Позитивните примери на успешни мали бизниси, скоро и да не се поддржани од локалната власт и не се промовирани во регионот или државата, со цел да бидат водилка, пример и поттик за останатите.

Потребно е и дополнително поврзување и вмрежување меѓу туристичките агенции и капацитетите и услугите од мал обем, со цел истите да станат дел од понудените пакети од страна на агенциите и да се промовира партнерски настап на туристичкиот пазар.

„Проектот за локална и регионална конкурентност се финансира од страна на Европската Унија и Владата на Република Северна Македонија. Проектот го администрира Светска Банка, а истиот се спроведува од Кабинетот на Заменик Претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори.“

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •