Навивачите на фудбалскиот клуб Барселона ќе се запознаат со начинот на функционирање на криптовалутите, односно со блокчеин технологијата. Имено, клубот ќе издаа дигитални токени за употреба на платформата за ангажирање навивачи.
Токените ќе им овозможат на сопствениците да гласаат за разни одлуки за фудбалскиот тим, како што е, на пример, музиката која ќе се пушта на стадионот кога тимот ќе даде гол. Идејата е да им се овозможи на навивачите од целиот свет да учествуваат во носењето побитни и помалку битни одлуки во клубот.
За да ги добијат дигиталните пари фановите можат да ја преземат апликацијата Socios.com, да купат монети познати како „чилз“, а потоа да ги користат за купување на токени на Барселона.
„На навивачите ќе им бидат понудени 40 милиони монети по 2 евра, а најголем дел од приходите ќе одат за клубот. Не ги таргетираме навивачите на стадионите, туку оние 99,9% кои не се на стадион“ велат од Socios.com. Со токените „чилз“ се тргува на неколку берзи за криптовалути, а може да се чуваат во дигитален паричник.
Инаку, ова не е новина. Откако во декември беа претставени навивачките токени, се пријавија околу 110.000 корисници, кои купија монети во вредност од просечно 20 долари.