Иако последните недели имаше шпекулации, Apple всушност изненади многумина и претстави нов телефон – iPhone SE. Станува збор за поевтина верзија на iPhone која во САД ќе се продава по цена од 399 долари за верзијата со 64 GB простор за складирање.
iPhone SE по изгледот наликува на популарниот iPhone 8 со екран од 4,7 инчи, кој не го поркива целиот преден дел. Големото копче „home” на дното на екранот потсетува на постари верзии на iPhone и во себе сокрива читач на отпечатоци од прсти.
Освен основната верзија со 64 GB, во продажба ќе се најде и верзија со 128 GB за 449 долари и со 256 GB за 549 долари. Исто како другите телефони на Apple доаѓа со една година бесплатно користење на Apple TV Plus и во основни бои – бела, црна и црвена.
Иако Apple го рекламира како моќен нов паметен телефон со популарен дизајн, многумина не би се сложиле со тоа дека е нов. Имено, всушност станува збор за освежена верзија на iPhone 8 со нешто подобра камера и процесор со пониска цена. Она што е ново е дека во него има процесор A13 Bionic, како и во врвните модели iPhone 11 и 11 Pro.
Од Apple не објавија колкава работна меморија ќе има iPhone SE, ни колку ќе биде голема батеријата, но открија дека ќе поддржува безжично полнење. Новиот iPhone SE ќе биде достапен во САД од 24 април и во 40 земји во светот.