Германскиот министер за труд Хубертус Хајл изјави дека има намера да предложи воведување на законско право за работа од дома во случаите во кои тоа е изводливо, со што тоа би станало возможно и откако ќе заврши пандемијата со коронавирусот, пренесува „Ал Џазира Балканс“.
За германските медиуми тој изјави дека таков закон сака да предложи на есен и дека според првичните проценки, процентот на луѓе кои работат од дома се зголемил од 12 на 25 проценти за време на пандемијата. На тој начин досега работно се ангажизирани околу осум милиони.
„Секој што го сака тоа, а на кого работата му дозволува, треба да биде во можност да работи од дома, дури и кога ќе заврши пандемијата со коронавирусот. За време на пандемијата, дознаваме колку работи во денешно време можат да се прават од дома“, додава Хајл.
Социјалдемократската партија на Германија, каде членува Хајл, а која е партнер во владејачката коалиција уште во декември побара да се воведе правото на работа од дома, но предлогот беше отфрлен од Конфедерацијата на здруженија на германските работодавачи.