Производството на автомобили оваа година може да биде за 20 проценти помало по обем, пренесува Дода.
Како резултат на пандемијата, ќе бидат направени само 71 милион патнички возила на глобално ниво, но повеќе загрижувачки е фактот што околу пет милиони работници во производството и продажбата ќе ги загубат своите работни места. Згора на се, кризата се совпаѓа и со технолошката револуција и преодот на електрични возила за кои се потребни далеку помалку работници.
Работниците кои со години произведувале мотори и менувачи во фабриките за автомобили, ќе добијат отпремнини или ќе бидат отпуштени како технолошки вишок. Според аналитичарите нив ќе ги заменат значително помалку работници од поинаков профил за производство на електрични возила.
Најмногу работни места ќе бидат укинати во Европа, особено во Германија. Помалку работници значи и помалку менаџери, бидејќи трошоците мора да бидат сведени на минимум.
„Започнуваме нова ера во автомобилизмот и ќе има отпуштања. Обезбедивме побогати отпремнини за нив од кои ќе бидат задоволни и синдикатите и работниците бидејќи ќе можат да започнат сопствен бизнис“, вели Ола Калениу од Daimler.
Повеќето производители на автомобили ги запреа производните ленти најмалку на еден месец, што на крајот од годината би довело до 19 милиони помалку возила од планираното.
Поради коронавирусот, продажбата во април се очекува значително да се намали, како во Северна Америка, така и во Европа, бидејќи закрепнувањето од пандемијата веројатно ќе оди бавно.
„Одреден баланс очекуваме да се постигне до крајот на годината. Ако падот на продажбата на нафтените деривати е 50 проценти, тоа е добар показател дека пазарот ќе се намали за 40 на 50 проценти во 2020 година, голем удар што може да се одржи само со рационализација“, додава Калениус.
Кина започна со производство на автомобили, поради што се очекува падот на продажбата на овој пазар да биде помал од светскиот просек или околу 12 проценти.
Поединечни експерти од автомобилската индустрија веруваат дека сите големи региони влегоа во економска рецесија, а поради тоа и брзо закрепнување повеќе не е реално.