Адеми: Поддршка од 12 милиони евра за млади до 29 години преку платежни картички и ваучери

- Advertisement -

Три типа на парична поддршка за младите во Северна Македонија со цел нивно полесно прилагодување на новата реалност, преку одржување на нивото на ученичкиот и студентскиот стандард, како и на куповната моќ, предвидува третиот сет мерки на Владата за поддршка на стопанството и граѓаните во услови на вонредна состојба предизвикана од ширењето на вирусот КОВИД-19.

Новите мерки наменети за младите денес ги презентираше министерот за образование и наука, Арбер Адеми, кој рече дека Министерството за образование и наука како носител на задолжението за нивна имплементација, заедно со неколку други институции веднаш пристапува кон креирање на оперативен план со цел средствата што поскоро да стигнат до оние за кои се наменети.

- Advertisement -

Адеми информираше дека е предвидено доделување на два типа на ваучери. Првиот во еднократен максимален износ до 6.000 денари наменет за студенти и средношколци од семејства со ниски примања, а средствата ќе се користат исклучиво за покривање на партиципација за студирање на универзитетите и за сместување во ученички домови, студентски домови и во регистрирани приватни сместувачки капацитети.

Вториот тип на ваучер во максимален износ до 30.000 денари е наменет за млади до 29 години, за кофинансирање на обуки, тренинзи и курсеви за ИТ и дигитални вештини, кои, како што рече Адеми „и тоа како се потребни и барани години наназад, а сега веќе нивното поседување е дури и основен услов за пронаоѓање на работен ангажман во било кој сегмент и ќе им овозможат брзо вработување во новата развојна економија“.

- Advertisement -

Третиот тип на поддршка е домашна платежна картичка со расположлив износ од 3.000 денари, која ќе биде наменета за студентите и ќе се користи исклучиво за купување на домашни производи и услуги во одредени услужни дејности кои се најпогодени од кризата.

„Според проценките, влогот за овие три мерки наменети за младите ќе биде 12 милиони евра, а ќе бидат опфатени околу 100.000 корисници, наши млади сограѓани“, потенцираше Адеми, додавајќи дека за тоа што ќе биде подготвено како конкретно решение во следните денови, јавноста навремено ќе биде запознаена од аспект како и на кој начин ќе се аплицира за добивање и искористување на овие средства. Инаку, согласно усвоениот план од страна на Владата предвидено е овие средства да бидат распределени најдоцна до крајот на месец јули.

Сподели!
- Advertisement -