Глобалната емисија на CO2 се намали на најниско ниво во последните 15 години во текот на карантините поради корона вирусот. Тоа е глобален пад од 17%, но дали тоа е доволно за да се намалат климатските промени? Секако дека не е доволно ако станува збор само за еднократно намалување.
Според Обединетите нации, потребно е годишно намалување на емисијата од 7,6% секоја година до 2030 година со цел да се достигнат таргетите предвидени со Парискиот климатски договор.
Научниците велат дека ефектите од рестриктивните мерки поради корона вирусот се екстремни, но предупредуваат дека веројатно нема да траат. Најголемиот пад на емисијата на стакленички гасови беше забележан на почетокот на април, кога важеа најрестриктивни мерки.
Дневната емисија на СО2 во тој период падна за 17 милиони тони во споредба со истиот период лани затоа што немаше возиал по патиштата и не работеа голем дел од индустриските капацитети во светот. Намалениот број на авионски летови придонесе со 10% во тој пад.
За време на врвот на епидемијата земјите во просек произведуваа 26% помалку CO2, но ако економските активности од почетокот на јуни се вратат во нормала, вкупниот годишен пад на емисијата на СО2 ќе биде значително помал – некаде околу 4%. Ако економнските рестрикции потраат малку подолго, во 2020 година ќе има вкупен пад на емисијата на гасови од 7%.
(фото: PublicDomainPictures)