По 25 години реиздаден прирачник за правоговор на деца и возрасни

- Advertisement -

Издавачката куќа „Либи“ (дел од „Арс Ламина ‒ публикации“) по 25 години го реобјави и онлајн го промовираше прирачникот за правоговор „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“  од авторите Владо Димовски и Јордан Јорданоски. Иако е објавен во 1995 година, книгата и денес е меѓу најупотребуваните практични прирачници во областа на артикулативно-говорна и јазична проблематика.

По цели 25 години прирачникот излегува повторно од печат, преуреден и осовременет со нови илустрации, што одговараат за дадената (лексичка) положба на секоја од разработените фонеми – соопшти издавачот за прирачникот кој се применува во практиката за работа со деца и го користат воспитувачи, наставници и логопеди.

- Advertisement -

По повод објавувањето на новото издание, еден од авторите, Владо Димовски, на промоцијата истакна дека идејата настанала во времето кога со коавторот (починатиот Јордан Јорданоски) ја подготвувале утринската емисија „Јазична работилница“ на Македонското радио.

Оваа книга е една голема љубов, без некакви специјални претензии. И затоа е успешна. Еден долготраен процес, прецизно планиран, со соодветни вежби, но и со песнички и приказни кои лесно се паметат. Сериозна, но и шарена книга, со многу илустрации, со една единствена цел, да им се допаднеме на децата, да споделиме љубов. Брзо ја прифатија воспитувачите во градинките и наставничките во нижите одделенија во основните училишта. Всушност, открија дека со книгата можат сами да ги водат и да ги осмислуваат вежбите со децата кои имаат проблеми со изговорот на некој глас – истакна Димовски на онлајн-промоцијата.

- Advertisement -

Покрај реизданието на овој прирачник, издавачот промовираше и новата книга на Димовски, насловена „За секоја буква приказна“. Таа може да се користи како дополнување (вежбанка) на прирачникот, но и независно во фазата на описменување на децата. Оваа нова книга содржи 31 приказна – за секоја буква од македонската азбука.

Сподели!
- Advertisement -