Генетската мутација на новиот корона вирус кој го предизвикува КОВИД-19 и кој денес преовладува во светот се покажала поспособна да ги зарази човечките клетки отколку оригиналниот облик кој се појави зимоска во Кина. Тоа го покажа најновотo истражување на корона вирусот кое беше објавено вчера во списанието Cell.
Истражувањето било спроведено во лабораториски услови, а асоцира на тоа дека мутацијата на вирусот би можела полесно да се пренесува од човек на човек во споредба со првичната варијанта во Кина, но тоа уште не е докажано.
„Мислам дека податоците покажуваат дека постои една мутација која овозможува вирусот подобро да се размножува и можеби да се концентрира во поголем број. Нема информации дали заразените луѓе се во полоша состојба поради тоа или не. Само се чини дека вирусот поуспешно се размножува и можеби полесно се пренесува, но тоа допрва треба да се потврди“, вели во коментар за медицинското списание Journal of the American Medical Association главниот американски инфектолог, Ентони Фаучи, кој не бил вклучен во најновото истражување.
Научниците од лабораторијата Лос Аламос во Њу Мексико и од Универзитетот Дјук во Северна Каролина соработуваа со Универзитетот Шефилд за да анализираат примероци кои ги објавил GISAID, светскиот извор за секвенци на геноми. Утврдиле дека сегашната варијанта на вирусот, наречена D614G, има помалубројни, но помоќни шилци од протеини на површината кои вирусот ги користи за пробивање и заразување на човечките клетки.
Научниците ги објавија своите први резултати во април на страницата bioRxiv, но тогаш беа критикувани затоа што не докажаа дека самата мутација е причина за доминантноста на вирусот во светот. Затоа тимот направи и други истражувања. Тие анализирале податоци од 999 британски пациенти хоспитализирани поради КОВИД-19 и забележале дека тие кои ја имаат новата, доминантна варијанта на вирусот имаат поголема концентрација на вирусни клетки во органзимот, но немале потешка здравствена состојба.
Лабораториските истражувања покажале дека новата мутирана верзија на вирусот е 3-6 пати позаразна за луѓето. Но, сепак, лабораториските услови не се реалните динамични услови во реалниот свет. Според досегашните сознанија, иако варијантата на вирусот која сега се шири е позаразна, таа може, но и не мора побрзо да се шири кај луѓето.
(Cell, Dnevnik.hr)