Компанијата „Свисслион“ Скопје објави намера за преземање на целата компанија „Агроплод“ АД Ресен.
Според информацијата објавена на Македонска берза, „Свисслион“ планира да откупи 8.364 обични акции со право на глас со што ќе стане сопственик на 100 отсто од акциите издадени од ресенската компанија.
Според намерата „Свисслион“ планира за овие акции да понуди 13.530 денари по акција.
Позитивно мислење за преземањето дадоа органите на управување и синдикатот на „Агроплод“, а Комисијата за хартии од вредност треба да даде дозвола за преземање.
„Свисслион“ подолг период е сопственик и најголем акционер во „Агроплод“ каде што поседува 18.126 обични акции, односно 68,41 отсто од акциите.
„Агроплод“ има издадено 21.025 акции. Пред издавањето акции од втората емисија чија книговодствената вредност лани изнесувала 13.563 денари. Годинава е реализирана втора емисија на 5.455 обични акции од компанијата во вкупна вредност од 73.806.150 денари со што вкупниот број на обични акции на целото друштво изнесува 26.480 акции.
Акциите од втoрата емисија ги купи „Свисслион“.
Лани компанијата остварила пониска добивка поради пониски приходи и зголемени трошоци.
(instore.mk)