Кај тетка Весна во Лесново душата ќе ви се наполни со преубави вкусови и духовен мир

- Advertisement -

Пишува: Марија Георгиевска

Кога сакате да ја откриете целата распослана убавина на македонското парче земја, тешка е одлуката на која страна да се упатите и кој крај да го откривате. Овој пат  тргнав во еден питом и убав крај на североистокот, во злетовско-пробиштипскиот  крај, околу Лесновскиот манастир. Убавината на Лесново не се раскажува во два реда, за неа се потребно повеќе зборови и подолг текст. Секоја помисла да се замине таму, потсетува на уникатноста на природата, која го сместила Лесново на вулканскиот кратер-како единствено село од ваков карактер и на духовноста, отсликана преку манастирот Св.Гаврил Лесновски. Таква беше и мојата намера за оваа семејна посета, да ги доживеам сите овие убавини.

- Advertisement -

Освен тоа, станавме побогати и за едно ново пријателство со една насмеана и топла домаќинка, каква што е тетка Весна, во нејзиниот семеен ресторан, „Етно Лесново“. Сместен среде прекрасна природа, помеѓу зеленило на убавата полјана, како негово вредно обележје. Во ова селско домаќинство, толку убаво, а толку едноставно, обдарено само со она што го дала природата и го создале нејзините раце, во вкусни домашни јадења и традиционални специјалитети за овој крај.

село Лесново

Но, да тргнам од почеток. Го посетивме манастирот, за да се вдахнеме со духовност, а потоа продолживме да бараме место каде ќе можеме да вкусиме традиционална храна, за да го заокружиме целиот ден, во стилот на една ваква рурална прошетка. Првата дестинација беше еден етно ресторан, каде не добивме избор на менито, кое ќе се вклопи во руралната приказна за овој ден, па се упативме по уличката, низ црното тесно патче каде забележавме една табла, „Кај тетка Весна“. Продолживме, љубопитни да видиме каде ќе не однесе патчето. Наидовме на селски куќи. Кога стигнавме пред дворот на една од куќите, пред нас се распосла една убава зелена појлана. Навлеговме внатре и кон нас со раширена насмевка доаѓаше домаќинката, тетка Весна. На прашањето дали можеме да добиеме традиционална домашна храна, таа во еден здив одговори “секако, повелете“. А, кога уште од портата некој ќе ве пречека со насмевка и ќе ве прегрне топло, секој миг поминат со него е вечност од спомени во душата. Така беше и овојпат, по срдечниот пречек, започнува трчаницата околу поставувањето на софрата и набрзо задоволството станува комплетно кога на трпезата ќе си ги видите омилените јадења: мекици, пита со праз, домашно овчо кисело млеко, качамак, пинџур, домашно сирење, овошна ракија, домашен сок, овошен колач, речели (слатко од тиква), блага пита, и уште какви ли не изненадува од тетка Весна.

- Advertisement -

Од идеја до селски туризам

Семејството Петрови  започнува да нуди вакво уживање во својата селска  куќа, пред повеќе години. Најпрвин Зоран започнува со ваков тип на работа, нудејќи храна и сместување во Лесново. Подоцна, како што поминувале годините и домаќинката Весна, која прво немала голема надеж во опстојување на еден ваков бизнис, постепено  препознала дека луѓето го сакаат природното, вкусното, домашно приготвеното јадење, сакаат да уживаат во природата и да најдат мир и спокој барем на неколку часа. Тоа ја охрабрило и започнала  да го нуди тоа што најдобро знае да го прави, во својот семеен двор. Овде таа одгледува зеленчук и домашни животни. Собира плодови и лековитите билки од природата од кои приготвува слатка, сокови и компоти од диви плодови, рачно  прави шарена сол, приготвува традиционални јадења што ги приготвувале бабите, за да ја продолжи традицијата, но и да придонесе за здрав живот на денешните генерации, кои ја посетуваат.

- Advertisement -

Постои голем интерес за посета на ваков концепт на рурален туризам, во селско домаќинство, зашто се е автентично, старо, навраќа на традиционалниот начин на живот на овие простори, вели Весна. Таа е задоволна од посетеноста и интересот, вели дека „Етно Лесново“ го посетиле туристи од целиот свет, а нејзини гости биле и многу дипломати, странски делегации, многу групи на странски туристи. Сите тие, едногласно ја пофалиле домашната традиционална храна на кујната на тетка Весна и ветиле дека ќе се вратат повторно. Тие сакале да ги видат животните, децата да го јаваат магарето, да се сликаат со патките и кокошките. Се она што не можат да го искусат во урбаното живеење.

Со поголема поддршка може да се очекува развој

За развој на руралниот туризам, според зборовите на сопственичката на „Етно Лесново“, потребна е поголема поддршка. Вели дека има голем потенцијал во овој крај, за развој на руралниот туризам. Местоположбата, манастирот, вулканските карпи и пештери ги привлекуваат посетителите, останува да се помогне во неговата промоција, бидејќи тие немаат финансиски средства сами да го прават тоа. Нивната најголема промоција се задоволните гости, кои секогаш носат некои свои луѓе или препорачуваат да ги посетат. Вели дека редовно посетува обуки, членува во здруженија, со цел да стекне нови искуства, знаења, да стекне нови пријателства. Нејзините деца, и синот и ќерката одлучиле да се едуцираат токму за рурален туризам и преку проекти се обидуваат да добијат финасиска поддршка. Целта им е да изградат сместувачки капацитет, зошто имаат многу побарувања од гостите.

 Сопствениците велат дека ситуацијата со пандемијата ги запрела во работата, но сега се надеваат дека ќе имаат многу повеќе посети. Кампањата за посета на домашните туристички дестинации ја поздравуваат и сметаат дека тоа треба да биде традиција, домашните туристи да се запознаат со убавините на својата држава, а потоа да одат во странство. Да ги прошетаат своите деца, да им ја покажат државата во која живеат и нејзините убавини, за да знаат какви природни и културно-историски убавини има. Само така ќе може да се гради колективна свест за нашите природни и културно-историски вредности.

Според зборовите на сопствениците Петрови, целото село Лесново може да живее од рурален туризам, ако добие поголема институционална поддршка и се вложи во неговиот развој и промоција. Низ годините тука се реализирале проекти во насока на обновување на некои културни обележја, реновирање на училиштето, музеј, ноќевалиште,и ма и неколку етно  меани,како едно надополнување на автентичноста на овој крај, но треба уште многу да се работи на ова поле. Младите немаат голем интерес да останат тука, иако може да се создадат услови за убав живот и заработувачка од селски  туризам. Потребни се програми за мотивација на младите да останат во руралните предели и да гледаат поголема перспектива во живеењето и работењето тука. Велат дека има перспектива успешно да работат сите жители на еден ваков селски крај, кои најчество се невработени, со тоа што ќе се вклучат во одгледување на градинарски производи и во приготвување на традиционална храна, кои најчести ги бараат туристите. Институционалната поддршка е клучна, зошто сега се е сведено на лична иницијатива на локалното население, но тоа се иселува и не е мотивирано многу да вложува и да остане тука.

Целиот крај со голем потенцијал за туризам

Зошто да се развива туризам во Лесновскиот крај и зошто е убав за посета? Можеби е познато, можеби многу пати и досега е напишано, но заслужува да се повтори. Малку историја, географија и факти од црковно-просветителството, за овие убавини, кои ќе ја заокружат сликата заедно со приказната за селскиот туризам. Сознанието дека географијата тука го поставила Лесновскиот кратер, кој го споредуваат со ист таков на италијанскиот вулкан Етна,треба да не прави среќни што го имаме овој геолошки раритет, кој е прогласен за заштитен споменик на природата. Лесново,пак, е уникатно и по фактот што е единствено македонско село, кое лежи на вулканскиот кратер на изгаснат вулкан. Овие природни мајстории, ја исцртале целата околина со вулкански ридови, полни со импресивни камени фигури и пештерски каменоломи. Овие вулкански карпи за нив значеле живот и единствен извор на егзистенција, затоа што од нив се изработувале надалеку познатите лесновски воденички камења. А, патеките до пештерските отвори, денес се сведок на тоа далечно време.

Во Лесново се наоѓало и најстарото училиште во Македонија од 11 век, наречено „Скрипториум“, како расадник на писменоста и книжевната дејност. Секако, централно место има манастирот Св.Гаврил Лесновски кој се вбројува меѓу најголемите духовни светилишта на Балканот, каде се наоѓала и најголемата библиотека на Балканот. Во близина се и неколку пештерскии цркви. Лесново и целиот овој регион имаа одлични предуслови за развој на туризмот. Информациите говорат дека има голем интерес од домашни и странски туристи, но потребно е да се инвестира во изградба на сместувачки капацитети, да се обезбедат финансиски средства за одржување и организирање на туристичката понуда и да се даде поддршка на локалните жители кои се охрабриле и развиваат селски туризам.

Секоја посета на овој крај ве остава без зборови, само со полна душа убавини. Оттука заминувате со помислата дека не е случајна  изреката, „Дома си е дома“. Да, зошто во Лесново навистина чувството е како дома.

пишува Марија Георгиевска

Сподели!
- Advertisement -