Штипјанката Светлана Кордумова доби инвестиција од еден милион евра за cвојот софтвер за мода!

- Advertisement -

Купувањето онлајн зема се поголем дел од светскиот пазар, особено по пандемијата на Ковид 19. Купувачите се почесто пазаруваат во удобноста на својот дом, што, пак ги мотивира трговците искуството да им го направат максимално позитивно.

Македонската компанија Pixyle AI на Светлана Кордумова веќе четири години работи на усовршување софтвер што се базира на вештачка интелигенција за потребите на модната индустрија. Неодамна, компанијата доби инвестиција од еден милион евра од South Central Ventures, која што Кордумова вели дека ќе биде искористена за додавање нови понуди кои ќе бидат персонализирани за секој бизнис модел, како и за пробивање на пазарите низ Европа и САД.

- Advertisement -

Иновативност секогаш е прв во објавување на успешните иновативни бизнис приказни во земјава, така е и овојпат со ова екслузиво интервју со Кордумова сао неколку дена по објавување на оваа одлична вест!

Новинар – Сања Наумовска

- Advertisement -

Светлана, неодамна Pixyle AI доби инвестиција од еден милион евра од South Central Ventures. Како дојде до оваа соработка?

Врската со South Central Ventures се оствари кога се вратив во Македонија од Амстердам во 2018 година. Со препорака, отидов да разговарам со нив за да дознаам на кој начин соработуваат со стартапите. Како некој што само што завршил докторат, сакав да научам што е можно повеќе за тоа како функционираат инвестициите во Venture Capital светот. Оттогаш па се со 2021 не бевме во комуникација со SCV. Ние бевме тотално фокусирани на градењето на продуктот и растење на продажбата и бизнисот. Во 2021 јас презентирав на еден настан пред инвеститори на којшто присуствуваше и Јан од SCV, преставник од канецларијата во Белград. Се поврзавме, и од тогаш започна соработката и комуникацијата што доведе до оваа инвестиција. South Central Ventures во своето портфолио има голем број на успешни компании меѓу кои: Cognism, InPlayer, AdScanner, Agrivi, Orgnostic и многу други, и нас ни е чест да бидеме во истото портфолио со сите овие компании.

- Advertisement -

За какви проекти ќе биде искористена инвестицијата од 1 милион евра?

Pixyle AI планира да ја искористи оваа инвестиција за да ја подобри понудата на производи, да се прошири во САД и Европа и да премине во нови вертикали.

Сакаме да додадеме нови понуди кои ќе бидат персонализирани за секој сегмент, како и за секој бизнис модел, како што се генерирање опис на производи и откривање етикети со помош на технологијата OCR која ги препознава брендовите, составот на материјалот и големината. Исто така, ќе додадеме нови понуди, специфични за секој бизнис модел и начин на употреба, како што се „пробајте го изгледот“ и „мулти-модалното“ пребарување на производите за визуелно откривање. Во однос на вертикалите, планираме да се прошириме и во мебел и во домашен прибор до последниот квартал од 2023 година.

Pixyle AI повеќе години работи на развој на технологии за пребарување посветени на онлајн трговијата во модната индустрија. Кои се вашите досегашни постигнувања, а кои се целите кои кои се стремите?

Pixyle AI веќе четири години работи со повеќе од 20+ модни брендови ширум светот кои благодарение на визуелната технологија што ја користиме, го подобруваат пребарувањето на нивните потрошувачи, овозможувајќи им да ги најдат производите што сакале да ги најдат.

Технологијата со која што работиме е визуелна вештачка интелигенција. Еден од нашите најпопуларни продукти е автоматското тагирање. Тоа претставува автоматско генерирање на атрибути за облека за нашите клиенти, овој процес е целосно автоматизиран од нашта страна и моментално нашата таксономија брои повеќе од 20.000 различни атрибути, со цел да ги опфати сите прашања кои ги имаат потрошувачите за пребарување на облека.

Од нашето постоење, па се до денес, имаме генерирано атрибути за над 250 милиони слики, подобрувајќи ја релевантноста и точноста на атрибутите на производите со 95% точност и зголемувајќи ја стапката на конвертирање за 10%.

Нашата цел е да максимално и помогнеме на модната е-трговија да нуди секогаш подобри и персонализирани искуства за пребарување преку генерирање детални и точни атрибути на производот, овозможувајќи им на потрошувачите побрзо да стигнат до нивните посакувани парчиња на облека.

Како функционира визуелната вештачка интелигенција на Pixyle?

Визуелната вештачка интелигенција на Pixyle ја наоѓа локацијата на модните предмети во сликите, ја предвидува категоријата на предметот, на пример, фустан, патики итн., а потоа навлегува подлабоко во сликата, ги класифицира атрибутите, т.е. боја, дезен и слично на јазикот што го користат купувачите.

Овој вид на технологија ги подобрува податоците за производот и ја подобрува релевантноста во резултатите од пребарувањето за откривање на производот, што доведува до повисоки стапки на ковертирање. Атрибутите генерирани од Pixyle AI може лесно да се приспособат во постоечкиот процес на модните брендови или е-трговците, со што нивната платформа за пребарување и откривање ќе работи многу побрзо и ќе дава многу потточни резултати, дури и до 95% точност.

Каков е фидбекот од вашите клиенти, кои се бенефитите од користењето на висока технологија во продажбата?

Pixyle AI,  моментално соработува со 20+ модни брендови и онлајн продавници меѓу кои се и Tendam (Шпанија), Otrium (Холандија) и Miinto (Данска). Бенефитите од користењето на нашата технологија е пред се да им помага да го решат проблемот на пребарување и да се подобри корисничкото искуство на нивните купувачи. Во моментот тоа е отежнат процес, и кога купувачите не можат лесно да го најдат  производот што навистина го сакаат, бизнисите губат на продажба. Со користење на нашата технологија, стапката на подобрувањето на коверзија на продажба достигнува до 10%.

По пандемијата онлајн трговијата е во постојан раст. Кои се потенцијалите за вас како компанија и за вашата технологија во оваа реалност?

Да, онлајн трговијата е значително зголемена по глобалната пандемија, но и купувањето на облека е во подем и ќе продолжи да расте. Ние сме охрабрени и од растот на re-sale модната индустрија или искористената облека кој претставува огромна промена и можност Пиксајл да помогне. Имаме генерирано алгоритми специјално за слики направени од самите корисници, без употреба на професионална опрема или студио, овозможувајќи преку вештачката интелигенција  да се откриваат и препознаваат модни предмети, и со тоа да се генерираат атрибути, дури и од селфи слики.

Какви се вашите планови за во иднина, планирате ли да работите и на други проекти?

Секако да, планираме да ја искористиме оваа инвестиција за да ја подобриме понудата на пазарот, да се прошириме во САД и Европа и да преминеме во нови вертикали. Идејата ни е да додадеме додаде нови понуди на пазарот кои ќе бидат сегментирани, како што се генерирање опис на производи и откривање етикети со помош на технологијата OCR која ги препознава брендовите, составот на материјалот и големината. Исто така, ќе додадеме уште производи како, „пробајте го изгледот“ и „мулти-модалното“ пребарување на својот производ за визуелно откривање. За вертикалите, имаме план да се прошириме и кон елементи за дома и мебел до последниот квартал од 2023 година.

Кажете ни нешто повеќе за вашиот тим.

Нашиот тим моментално брои повеќе од 30 посветени вработени кои го претставуваат нашиот бренд, повеќето дел од Pixyle.ai уште од своето основање. Се грижиме за средината во која сите работиме, но и за културата во компанијата, каде работата е забавна, луѓето се посветени, секој ги дава своите 100% и има отворена комуникација измеѓу вработените.

Можам да кажам дека сме единствена компанија каде тимската работа е во срцето на целиот наш тим, и на се она што го правиме. Со оваа инвестиција имаме цел да го зголемиме тимот, во моментов имаме повеќе отворени позиции, почнувајќи од Data Scientist, Product Owner, Copywriter, Account Executive и многу други.

Ги охрабруваме сите индивидуалци кои сакаат да бидат дел од компанија каде сите сме различни, но на крајот сепак исти, каде учиме од нашите неуспеси исто колку што и учиме од нашите успеси, каде што сите се секогаш почитувани и ценети, да аплицираат на https://www.pixyle.ai/careers/ .

Сподели!
- Advertisement -