Сите ученици немале пристап до потребната технологија, средства и интернет за реализација на задачите што им ги задале наставниците, а не ја добивале на исто ниво ниту поддршката за совладување на материјалот во последното тримесечје, се вели во соопштението на Народниот правобранител упатено до Министерството за образование и наука.
Констатирано е дека тоа довело до нееднаквост и неможност сите ученици целосно да се вклучат во процесот на учење и совладување на знаењата, умеењата и вештините, поради состојбите предизвикани од пандемијата од Ковид-19.
Постапувајќи по предмети по сопствена иницијатива и следејќи ги извештаите од релевантни организации, Народниот правобранител заклучил дека образовните институции не биле целосно подготвени за далечинско учење, особено во почетокот на корона-кризата.
„Најпогодени се учениците, особено оние во руралните средини, учениците од социјално загрозените семејства и учениците со попреченост. Неоспорно е дека поради новонастанатата ситуација низ светот, па и кај нас, учењето од далечина стана исклучително актуелно во првата половина од 2020 година и се примени како единствено можна безбедна опција за здравјето на сите учесници во образовниот процес. Истовремено, кризата ги истакна проблемите, потребите и предизвиците во организирање на образованието од далечина, особено во отсуство на системски решенија“, се вели во соопштението на Омбудсманот.
Народниот правобранител, следејќи ја состојбата со образованието на децата, согледал дека за време на траењето на онлајн-наставата (од средината на март до крајот на учебната година) училиштата и наставниците не добиле унифициран систем, издржана платформа преку која секојдневно ќе комуницираат со учениците и ќе ја реализираат наставата.