Генералниот директор на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) Васко Ковачевски оствари работна посета на РЕК Осломеј. Тој ја посети локацијата на која што треба да биде изградена фотоволтаичната централа, прва во сопственост на АД ЕСМ. Подготвителните работи за изградба на фотоволтаикот се во тек и полека пристигаат потребните материјали, информираат од ЕСМ.
Од компанијата велат дека реализацијата на овoј исклучително значаен проект за државните електрани продолжува и покрај предизвиците што ги наметна пандемијата со ковид-19 и политичките случувања во земјата.
„Според развојната стратегија на АД ЕСМ на површини во рудникот на РЕК Осломеј, предвидена е изградба на две фотоволтаични централи. Ист таков капацитет од обновливи извори на енергија ќе се гради и во РЕК Битола“, се вели во соопштението на ЕСМ.
Кон крајот на ноември минатата година, турската компанија „Гиришим електрик“ беше избрана за да ја изгради фотонапонската електрана со инсталирана моќност од 10 мегавати во кругот на кичевската термоелектрана.
Новиот енергетски капацитет ќе може да произведува електрична енергија за 2.000 домаќинства во Кичево, а со инвестицијата ќе се обезбеди не само транзиција во производството на струја од јаглен во зелени извори на енергија, туку и сигурно работно место за вработените во РЕК „Осломеј“.