Градовите ширум светот на различен начин ги адаптираа своите економии на кризата предизвикана од пандемијата со корона вирусот. Таа предизвика неочекуван пад на економските и на социјалните активности, од коишто пазарите на државите во светот сè уште закрепнуваат, пренесува Мета.
Според анализите на најголемите советодавни компании за промет со недвижности на светот – ЦБРЕ, економското стабилизирање во Виена се очекува да следи побрзо отколку во останатите градови. Со цел што подобро да се анализираат пазарите, истражувачите на водечкиот експерт за промет со недвижности, ЦБРЕ, креираа индекс на заздравување на градовите. Индексот опфаќа 12 клучни параметри од областа на економијата, мобилноста, туризмот, отвoрање на канцелариите, како и заздравувањето во малопродажбата и во индустријата за забава.
Притоа, секој град беше оценет со оценка од 1 до 5, а целта е што подобро да се прикаже заздравувањето во однос на нивото од 2019 година. Според индексот на заздравувањето на ЦБРЕ, Виена доби вкупна оценка 4, со што се позиционира на врвот на скалилото, а по неа следи Шангај со оценка 3,8 и Париз со оценка 3,75.
„Во поглед на економските активности, Виена предводи во светот со оценка 5, додека малопродажбата, мобилноста и работните места се оценети со 4 до 4,5. Што се однесува на туризмот, главниот град на Австрија се наоѓа во глобален просек со оценка 2″, изјави Андреас Ридер, генерален директор на ЦБРЕ, Австрија и ЦЕЕ.
„Претпоставуваме дека Виена во однос на другите градови побрзо ќе заздрави, што во најголем дел е последица на стабилната економска ситуација што владее во овој град веќе со децении”, додава Ридер.
Експертите оценуваат дека од сите стопански гранки, туризмот најбавно ќе заздрави. Само Лондон во тој поглед доби оценка 3, додека сите останати градови се многу пониско позиционирани. Во Торонто, Сан Франциско и Њу Делхи изгледите за заздравување од кризата предизвикана од корона вирусот се најлоши.