Пишува – Марија Танасоска
Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем има за цел да помогне да се трансформира конкурентноста на микро, малите и средните компании во земјата преку зајакнување на деловните услуги, финансирањето и пазарните врски. Oвие фактори понатаму може да катализираат значителен пораст на продуктивност и да создаваат вработувања во овие компании. Еден сегмент од активностите на Проектот е насочен кон олеснување на пристапот до финансиски средства наменети за овие компании, како и развивање и промоција на нови или недоволно искористени финансиски инструменти.
На македонскиот финансиски пазар нема доволна понуда на диверзифицирани финансиски инструменти кои би им помогнале на компаниите полесно или поедноставно да ги формализираат деловните трансакции. Дури и во време на рапидна дигитализација на финансиските услуги, кај нас сè уште употребата на финансиските инструменти е поврзана со физичка комуникација помеѓу деловните субјекти и хартиена документација како основ за реализација на финансиските трансакции. Бидејќи информацијата е вистинскиот основ за реализација на трансакција, fintech потенцијалот на македонскиот пазар е огромен. Локалните софтверски компании одговараат на налозите на финансиските институции, но фокусот е насочен кон подобрување на интерните оперативни процеси отколку кон олеснување на пристапот на компаниите до инструментите кои се нудат.
Оттука, Проектот поддржува развивање на платформи кои овозможуваат компаниите полесно да дојдат до соодветни информации, полесно да воспостават контакт со инвеститорите или организациите кои нудат финансиска поддршка. Пример за тоа е дигиталната платформа на Стартап Македонија преку која иновативните претприемачи и стартапи стануваат видливи за инвеститорската заедница, но истовремено платформата претставува ресурс на расположливата понуда на услуги наменети за стартапите. Овој виртуелен простор има навигацијски потенцијал креативните решенија на стратапите да ги донесе до соодветни услуги кои ќе ги подигнат на следното ниво од нивниот развој. Бизнис ангелите и “seed capital” инвеститорите преку платформата можат да ги идентификуваат потребите на стартапите, а потоа да ги профилираат своите идни инвестиции во зависност од степенот на развиеност на стартапот и потенцијалот на идејата да се развие во високопрофитен бизнис модел.
Индивидуалното инвеститорство е предизвик само по себе. Во нашата земја тековно се работи на создавање услови за негово поттикнување. Стартап Македонија со поддршка на Проектот, во координација со бизнис ангелите и “seed capital” инвеститорите, започна иницијатива за воведување на конвертибилниот заем како алатка која ќе го олесни индивидуалното инвестирање и ќе им овозможи на компаниите во ран развој да пристапат до неопходните средства. Во соработка со Министерството за економија, оваа иницијатива прерасна во предлог за дополнување на законската регулатива со чие усвојување се очекува директно да се подобри деловната клима во окружувањето.
Ваквите иницијални капитални вложувања, за стартапите честопати претставуваат “smart money” бидејќи покрајготовина, компанијата добива менторска поддршка непходна во развивањето на организацискиот и пазарниот капацитет. Доминантниот инвеститор, понатаму, може многу да и помогне на компанијата во следниот инвестицијски чекор. Така на пример, глобалните шеми за колективно финансирање (“crowdfunding platforms”), иако се ценат за нестандарден извор на финансии, сепак, сè почесто се пристапува до нив. Платформата на Funderbeam која Македонската берза ја промовира со поддршка на Проектот, помага компаниите во ран развој и брзорастечките компании да добијат пристап до капитал од домашни и странски инвеститори, преку спроведување на посебни кампањи во кои ќе ги презентираат клучните информации за своето работење. Всушност, во овие кампањи, водечкиот инвеститор е промотор на репутацијата и кредибилитетот на компанијата, и помага во креирањето на кампањата за прибирање на капитал. Инвеститорите, понатаму преку оваа дигитална платформа добиваат пристап до секундарен пазар за понатамошно тргување со нивните инвестиции.
Од друга страна, пак, во услови на намалена економска активност, компаниите се соочуваат со проблеми поврзани со одржување на тековната и општата ликвидност. Недостигот на свежи финансиски средства од редовна наплата на побарувањата, компаниите го надминуваат со користење на краткорочни банкарски позајмици или безготовински финансиски инструменти. Изборот на финанасискиот производ е определен од неговата достапност, трошоците за неговата употреба и брзината на применливост. Намaлената ликвидност ја влошува кредитната состојба на компанијата, со што се отежнуваат предусловите за користење на банкарски позајмици и непречено вршење на дејността и остварување на приходи. Како резултат на тоа, безготовинските финансиски инструменти дозволуваат компанијата со соодветно финансиско управување на своите сметки да ја координира наплатата и позитивно да влијае врз одржувањето на ликвидността.
Со цел поддршка на деловното опкружување во насока на што поголема дигитализација и употреба на вештачката интелегенција во секојдневното финансико работење, Проектот воспостави соработка со компанијата Роллсофт РСМ со цел промоција на платформа кој нуди дигитализирано решение за мултилатерална безготовинска наплата на достасани побарувања помеѓу голем број на субјекти во платниот промет. Едноставниот пристап до платформата, можноста на компаниите за контрола и сигурност од обелоденетите информации, брзата информатичка трансакција и потребна документација, дозволуваат менаџерите да дојдат до брзи финансиски одлуки и директна контрола на паричните текови во компанијата.
Еластичността на компаниите честопати зависи од следењето на состојбите на пазарот и способноста за брзо прилагодување кон новонастанатите состојби. Во услови на пандемија, компаниите се соочија со предизвикот на брза трансформација кон е-трговијата и вклучување на дигитален маркетинг во своето работење. Асоцијацијата за електронска трговија на Македонија (АЕТМ) рапортира за неколкукратното зголемување на дигиталното купување во последните 6 месеци. Промената од физички кон онлајн продавници е процес кој веќе извесен период се случува во земјава, но со бавна и стихијна динамика. Со цел олеснување на е-трговијата и подобрување на условите за нејзин системски развој, Асоцијацијата разви дигитална платформа „E-commerce for All”, која се реализира со поддршка на Проектот. Компаниите преку платформата имаат пристап до потребните информации за започнување и водење на е-продавница фокусирајќи се на клучните аспекти во синџирот на е-трговијата: регулатива, испорака и плаќање.
Интенцијата и активностите на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем се во насока на подигнување на свеста во деловното опкружување од потребата за прифаќање на иновативни дигитални решенија и алатки, како и диверзификација на инструментите во пристапот на управувањето со финансиите на компаниите. Нашата мисија е да ги поттикнуваме локалните компании да развиваат fintech призводи и да помогнеме во нивната промоција и достапност до бизнис заедницата.