Поттикнат од овој проблем, младиот Давор Давидовиќ пред речиси седум месеци започнал да работи на мобилна апликација која треба да им олесни на возачите во Скопје да се снајдат со градските паркинг зони. Според него, најголем проблем е системот на плаќање.
„Не сум возач, но сите мои пријатели барем еднаш имале проблем со плаќање преку порака“, вели тој за Радио МОФ.
Зоните за паркирање во Скопје се поделени помеѓу Град Скопје и Општина Центар. Но, според Давидовиќ, тие се распространети без план, па граѓани прават грешки кога ја испраќаат пораката и за тоа добиваат казна. Со „Паркирај“, пораката сама се генерира и праќа, објаснува тој.
Градските власти изминативе години имаа неколку обиди да направат апликации кои ќе го регулираат овој проблем, но дел беа повлечени, а останатите се покажаа нефункционални. Давидовиќ го забележал отсуството на ваква апликација, па решил да искористи нова технологија на Гугл за да направи своја.

Изглед на апликацијата

- Advertisement -

„Сам ја правев апликацијата. Освен да се реши проблемот, целта беше да ја научам flutter технологијата, која користи еден код за да се прави апликација за Андроис и Иос“, појасни тој иако засега таа е достапна само за Андроид уредите.
Апликацијата има опција и за офлајн користење, а ги меморира и внесените регистарски таблички и покажува паркинг зони во близина.
Прибирањето податоци е најтешкиот дел
Давидовиќ ја изработувал апликацијата во Холандија, каде студирал и работи. Вели најтешкиот дел од целиот процес било прибирањето на податоците за паркинг зоните.
„Беше голем предизвик да се земат податоци од институциите кои се сопственици на паркинзите”, забележа тој.
Од Град Скопје успеал да ги добие потребните податоци бидејќи како што вели, имал среќа да познава личност оттаму. Но, ја немал истата среќа и за во Општина Центар од каде не добил одговор. Бил принуден сам да ги собира податоците. Тоа, посочи Давидовиќ, може да се одрази на вродостојностана податоците што ги дава апликацијата бидејќи не може да се ажурираат постојано.
„Изненадувачки е што околу крајот на август ја имавме Бета верзијата и веќе имавме околу 300 корисници“, вели тој прашан за интересот меѓу граѓаните.
Во иднина апликацијата треба да овозможи користење на албански јазик, да дава преглед на изминати паркирања и трошоци, како и да предупредува на изминато време при паркирање.
(RadioMOF.mk)