SpaceX наскоро ќе почне со јавно тестирање на својот сателитски интернет Starlink, за кој, споед претходните информации, интерес покажале над 700.000 луѓе во САД. Изминатите неколку месеци беа спроведени затворени тестирања и сервисот се покажа исклучително ефикасен, со голема брзина и мала латентност. Целта на SpaceX е во вселената да испрати илјадници сателити со кои ќе ја покрие целата земјина топка и на луѓето од руралните и зафрлени делови од светот ќе им овозможи пристап до брз интернет.
Досега во вселената се испратени околу 900 сателити, кои можат да покријат дел од САД и Канада и токму во тие делови од светот ќе биде достапна услугата за тестирање. Веќе идната година со лансирањето на дополнителни сателити Starlink ќе може да покрие поголем дел од планетата и да стартува глобален вселенски, односно сателитски интернет.
Компанијата на Маск почна со испраќање имејлови до луѓето кои претходно се пријавиле за тестирање, а во нив конечно се споменува и цената на интернетот. Најпрвин има еднократен трошок од 500 долари, кој ќе вклучува посебен терминал за поврзување со сателитите, статив за вградување на терминалот и WiFi рутер. После тоа месечно ќе се плаќа по 99 долари за услугата, што не е евтино, но и пред тоа беше јасно дека цената на сателитскиот интернет достапен и во најоддалечените делови од светот ќе биде повисока во однос на класичните интернет услуги.
Но, таа цена сепак нема да важи за сите затоа што некои интернетот на Starlink ќе го добијат бесплатно. Имено, SpaceX потпиша договор за бесплатен интернет со рурален окриг во Тексас во текот на идната година. Бесплатен пристап до мрежата за почеток ќе имаат 45 семејства, а со тек на време ќе се прошири на уште 90 семејства во истиот округ кои моментално немаат пристап до брз интернет.
Што се однесува на почетокот на тестирањето, во имејловите испратени до луѓето кои се пријавиле за тестирање се наведува дека SpaceX се обидува да ги намали почетните очекувања и нагласуваат дека брзината на интернетот во наредните неколку месеци ќе варира од 50 до 150 Mbps, со латентност од 20 и 40 ms. Исто така, може да се очекуваат и кратки периоди во текот на кои воопшто нема да има пристап до интернет.
Иако почетните инвестиции на Маск во вселенскиот интернет се над 10 милијарди долари, таа услуга на компанијата на Маск може да и донесе приходи од дури 30 милијарди долари годишно.
(Dnevnik.hr)
(фото: Wikimedia)