На Клиниката за уво, нос и грло во нишкиот клинички центар завршена е првата фаза од испитувањата на слухот на пациенти заболени од КОВИД-19 и утврдено е дека вирусот сериозно го оштетува слухот.
Како што е утврдено во изминатите два и пол месеци на клиничкиот центар, покрај мирисот и вкусот, вирусот го загрозува и слухот кај заразените. Тоа е резултат на стручните анализи и контроли спроведени на Клиниката за уво, нос и грло, каде што се официјално соопштени резултатите од испитувањето на околу стотина пациенти со тешка и средно тешка клиничка слика.
Како што вели д-р Душан Милисављевиќ, директор на Клиниката за уво, нос и грло, стручниот тим на оваа здравствена установа прв во светот на средината на август годинава почнал со реализација на проектот за утврдување на негативните фекти на вирусот врз слухот на човекот.
После првата фаза од испитувањето, професорот Милисављевиќ вели дека нема сомнение оти овој проект не само што е единствен на планетата од почетокот на пандемијата досега, туку нишкото и српското здравство дале исклучително битен придонес во светската медицина во борбата против корона вирусот.
Последиците кои ги забележале кај пациентите се пад на слухот кај заболените кај високите фреквенции. Пациентите кај кои се утврдени промени на слухот се под постојан надзор без оглед на тоа дали се на болничко лечење или се лекуваат дома. Докторите веднаш ја почнале втората фаза за ефектите на корона вирусот врз слухот и се надеваат дека ќе ја пронајдат ефективната терапија за лекување и отстранување на проблемите.
(Bizlife)
(фото: Libre Shot)