Maja Коистра, Македонка која четири години живее и работи во Холандија, неодамна на холандскиот пазар пласираше тиквешка жолта ракија под брендот „Маја“. Размислувајќи за својот претприемачки поход, изборот на Маја застанал на традиционален македонски производ кој за странците е вистинско изненадување кое го прифаќаат со воодушевување. Таа ја однесе нашата ракија на трпезите во Холандија. Маја веќе четири години живее и работи во Холандија, а нејзиниот претприемачки дух го искористила да го донесе најдоброто од Македонија на овој пазар.
Разговараше- Верица Јорданова
Maja, кажете ни како се случи брендот тиквешка ракија „Маја“ да се „роди“ во Холандија?
Отсекогаш сум го сакала своето име. Но секако тоа не е единствената причина да ја брендираме жолтата ракија Маја. Кога правевме тестирање на пазарот, увидовме дека Ракија или Лозова Ракија не е опција од причина што луѓето ја поистоветуваат со грчката ракија чиј процес на производство е сосема различен. Граппа исто така не беше опција од исти причини. Во една прилика кога го тестиравме производот во еден локален бар еден човек ме праша како се викам и предложи да го користиме името Маја. Коинциденција е што моето име потекнува од Холандија. Додека мојот татко бил на студентска размена и престојувал во Амстердам, ја гледал познатата руска балерина Маја Плицескаја и бил воодушевен од нејзиниот перформанс. Одлучил ако има ќерка да се вика Маја. Интересно нели?
Каде се произведува и пакува ракијата? Колкави количини увезувате, планирате ли да се зголемуваат?
Станува збор за жолта ракија, која се произведува во „Тиквеш“. Бизнисот го регистриравме на 8 септември 2020 и до сега имаме направено еден увоз. Планираме континуиран увоз затоа што сакаме да бидеме присутни во сите поголеми градови во Бенелукс регионот. Веќе имаме состаноци со големи ланци на супермаркети кои имаат продавници на алкохол низ цел регион.
Како дојдовте на идеја токму ваков продукт да понудите на пазарот во Холандија?
Кога се преселив во Холандија на почетокот на оваа година бев многу среќна што сум тука зашто Холандија е една прекрасна земја. Луѓето се културни, убави и директни, нешто што многу ми се допаѓа од причина што знаете на што сте и нема скриени игри. Во Холандија буквално можете да најдете сè што ќе посакате. Но уште од првиот ден ми недостасуваше нашата жолта ракија и чувството да се замези пред вечерата со една чашка ракија. Не само на мене, туку и на мојот сопруг и на нашите пријатели кои имаа прилика да ја пробаат ракијата за време на нивните посети во Македонија. Ова за мене беше импулс да ги контактирам „Тиквеш“ и да ја испитам можноста за бизнис. Од менаџментот на Тиквеш со кој долго време претходно соработував добив информација дека до сега никој не увезол ракија за бизнис, што дополнително ни даде поттик. Нашата стратегија беше е да го избереме најдоброто од Македонија и да го донесеме македонскиот мит во овој регион.
Во Македонија ракијата секогаш е врзана со дружење и секогаш има своја приказна. Како Холанѓаните ја доживуваат приказната за ракијата? Дали за нов тоа е ново и уникатно доживување?
Нема човек кој ја пробал а да не му се бендисува. Значи апсолутен погодок. Пазарот реагира одлично. Кога пристапуваме до потенцијални купувачи секој од нив купува Маја. Како подарок им даваме традиционално чоканче. Убаво го објаснуваме процесот на производство и објаснуваме дека интензивната жолта боја, деликатната арома на даб и хармоничниот вкус е резултат на традиционалниот начин на производство на лозова ракија кој постои со векови и зреење во барели од даб каде што винскиот дестилат зрее минимум една година. Исто така советуваме дека „Маја“ е најдобра со мезе и со добро друштво. Нашата промоција е на основа дека „Маја“ connects the people. Ние и сами иницираме дружби на кои ја промовираме „Маја“, но секако сме лимитирани поради пандемијата. Но има време за се.
Развојот на брендови кај нас оди бавно, но сепак, тие што ги имаме се врзани со врвен квалитет, често со традиционална подготовка и со чисти и природни суровини. Кој е начинот нашата храна и пијалаци да стигнат до европските пазари и пошироко и да го добијат заслуженото место?
Се согласувам. Но, македонските производители заслужуваат да бидат присутни на европскиот пазар. Штета што долги години отсуствува добра економска политика и приватниот сектор е занемарен. Во Македонија имаме одлични производи кои слободно можат да им конкурираат на европските. Би сакала да ви откријам дека нашата визија е да го донесеме најдоброто од Македонија па и од регионот. Многу лесно е да се продава производ со врвен квалитет на пазар каде што не постои таков производ. Јас секојдневно добивам барања од регионот да оперирам како трговски агент, но внимателно размислувам за следните чекори.
Со сигурност следни производи ќе бидат македонските вина. Дефинитивно потребно е присуство на терен и добри партнери. Ништо не се случува случајно. Во нашата култура е да зборуваме, и да се објаснуваме и да губиме драгоцено време на долги разговори а трикот е всушност да се работи секојдневно, напорно и да се искористат сите можности. Знаете што, на наша страна е фактот што Холандија и воопшто Бенелукс регионот не е добро разработен од страна на бизнисите од Македонија, па и пошироко од Западен Балкан. Тоа за нас е можност. Освен преку директни контакти почнуваме полека и со промоција по социјалните медиуми за што имаме одлични идеи за модерен начин на промоција.
Вие долго време работевте во Европската банка за развој, на програма за поддршка и развој на мал бизнис. Денес сте претприемач. Како се чувствувате во оваа улога?
Пред да се преселам во Холандија работев за Европската банка за обнова и развој полни 18 години како Национален програмски менаџер на Програмата за поддршка на мали и средни бизниси. Менаџирав тим со кој заедно ги учевме бизнисите да растат и успеваат. Имав многу успешна кариера и го сакав тоа што го работам, но отсекогаш верував дека можам да бидам одличен претприемач. Во тоа време бев самохрана мајка и не се осмелував да ризикувам и да предизвикам турбуленции на себе и мојот син. Во новата улога се чувствувам одлично. Во бизнисот нема време за непродуктивни разговори, одлуките се донесуваат брзо и два плус два се четири. Го сакам таквиот начин на работа зашто одговара на мојот карактер. Јас сакам едноставни и моќни разговори. Жалам што не почнав мој бизнис порано, но околностите не ми го овозможуваа тоа.
Кои се генерално вашите планови за во иднина, планирате ли промоција на уште некој продукт на овие пазари?
Јас сум голем патриот. Мојот татко Брезовски Димитрија беше голем патриот. Во нашата семејна библиотека имаме преку двеста книги само за историјата на македонскиот народ. Го освојуваме пазарот полека и планираме да влеземе во најголемите супермаркети во регионот. Со влезот, доаѓа довербата и долгорочната соработка. Брендот „Маја“ ќе го аплицираме на што е можно повеќе производи. Планираме да организираме и трговски мисии и да ја продлабочиме соработката меѓу овој дел од светот и Западен Балкан. Јас лично развивам уште неколку проекти кои се веќе во напредна фаза. Станува збор за обезбедување на меѓународна индустриска експертиза за компаниите во Западен Балкан. Тоа што сум го работела долги години ќе го развијам дополнително. Веќе имам потпишано неколку договори за проекти со компании од Србија и Македонија. Станува збор за иновативни решенија за заштеда на трошоци, обновливи извори на енергија, развој на нови производи и развој на меѓународни брендови. За оваа активност ќе ве информирам подоцна. Дополнително, со мојот сопруг работиме на увоз на кујни кои ги брендираме како MajaKeukens (кујните на Маја). Да резимирам, сè што е со одличен квалитет е поле на наш интерес за увоз и продажба.
Вие ја увезувате жолтата ракија и ја продавате под брендот „Маја“, а вашата фирма се вика MaNa Trade. Дали името и го дадовте по вашето име?
МаНа Траде е името на нашата фирма и е кратенка на моето име и името на мојата партнерка Натали Отенхејм. МаНа има спиритуално значење и значи енергија и моќ. Тоа не отсликува зашто и двете сме енергични, вредни, и се стремиме кон прогрес и двете сме докажани и успешни во нашите професионални кариери.
Успехот ни е загарантиран зашто сме добар тим и имаме поддршка од нашите семејства. Јас добивам непроценлива поддршка и љубов од мојот сопруг Ханс Петер Кооистра и од мојот прекрасен син Наум Антески кои се воедно и моја мотивација. Знаете што велат старите-Слога куќа гради-Ние сме тим и такви ќе останеме. Само што со време тимот ќе се проширува со слични луѓе на нас. Ви посакувам да бидете здрави и живи и оваа моја приказна да ве поттикне да си ги остварите своите соништа. На здравје!