Машина за призводство на кислород за медицинска и домашна употреба е најновата иновација која ја подготвува Димитрија Ангелков, професор и иноватор од Кавадарци. Тој е годинешниот победник на манифестацијата „Макинова 2020“, со неговата паметна респираторна машина, во категоријата патенти, каде наградите се доделуваат во соработка меѓу Заводот за заштита на индустриска сопственост, Народна Техника и Сојузот на пронаоѓачи и автори на технички унапредувања – СПАТУМ. Смарт респираторот е лесна, мала и лесно пренослива машина, изработена претежно од пластични делови, лесна и за одржување и целата може да се стерилизира со помош на гас за стерилизација. Една од најголемите предности на респираторот е што амбу маските, кои медицинскиот персонал ги користи рачно, во него се наоѓаат во комора во која протекува компримиран воздух однадвор. Тој создава притисок и ја пумпа маската и обезбедува кислород за пациентот. Она што е уникатно за овој респиратор и го прави различен од сите слични кои постојат во светот, е што користи погон на компримиран воздух, а не мотори, кои создаваат електромагнетно зрачење што им пречи на многу медицински апарати.
Иновацијата е што истиот притисок кој ја турка амбу маската ќе се користи и за производство на кислород.
Но, Ангелков не застанува само на овој изум. Желбата и инспирацијата да иновира не го напуштаат, а особено потребата со своето знаење да помогне во тешките моменти во кои нашиот здравствен систем се бори со пандемијата на Ковид 19. Ангелков по прогласувањето на победниците на „Макинова 2020“ апелираше до сите ентузијасти, иноватори, инженери и техничари да му се придружат и да иновираат машина за производство на кислород.
„Пред извесно време нарачав материјали, ги очекувам да стигнат и веднаш почнувам со конструирање на оваа машина. Секојдневно слушаме дека луѓе во нашите болници се борат за кислород, знаеме дека месечните трошоци за набавка се големи, а ние иноваторите можеме да помогнеме и да ја олесниме оваа борба“, вели Димитрија.
На неговиот апел веќе се јавил еден негов колега, иноватор, кој ги има и потребните дозволи за работа со садови под притисок. Останува да се конструира машината што побрзо и да се обезбедат потребните дозволи за употреба дома и во медицинските установи.
„Машината за производство на кислород е надградба на респираторната машина. Двете заедно можат да ги обезбедат не само болниците туку и сите амбуланти или возила за прва помош со неопходната апаратура, бидејќи цената на чинење им е ниска, а се целосно функционални. Институциите можат само да ни се обратат и ние ќе ги изработиме. Сепак, добро би било и општествено одговорните компании да се вклучат и да помогнат со обезбедување на финансиски средства“, вели Ангелков.
Иноваторството за овој професор по компјутерски науки во средното училиште „Киро Спанџов-Брко“ во Кавадарци не е новина. Тој е познат и по проектите за паметната интерактивна табла, филтрите за прочистувачи со стерилизатори за училишта, паметни канти за селекција на отпадот и тулите направени од собраната пластика, а во последниот период и по визир маските за заштита од коринавирусот и мобилната веб камера со сталак, наменета за олеснување на процесот на онлајн предавање и учење условено од корона кризата.
Како долгогодишен работник во образованието, речиси сите негови иновации се поврзани со олеснување на работата на неговите ученици и подобрување на образованието во земјава. Тој е автор на првата паметна интерактивна табла на Балканот, а дури и неговите паметни канти за отпад се дел од училиштата и процесот на образование. Преку нив децата учат како да селектираат отпад на правилен начин, бидејќи, кантата, која користи софистицирана вештачка интелигенција, не дозволува во неа да се фрли ништо друго освен ПЕТ пластика. Сепак, иновациите на Ангелков одат и на повисоко ниво, па така тој од собраната пластика од неговите канти започнал да произведува и тули за поплочување на тротоари.