Македонските фармери користат иновативен скенер за балансирана исхрана на кравите и подобар квалитет на млекото

- Advertisement -

Новите технологии не го заобиколуваат ниту фармерството и одгледувањето на добиток и производството на млеко. Подготовката на балансирана исхрана според реалната потреба на животните е од непроценлива важност за зголемување на производството на млеко и месо, без да се наруши здравјето на кравите. Тоа е овозможено и кај нас преку употребата на NIR (near-infrared spectroscopy) скенерот за анализа на сточната храна. Со NIR скенерот се овозможува идеален баланс на сите хранливи состојки потребни за животните.

Во интервју за „Иновативност“, Паоло Берзаги (Paolo Berzaghi), професор на Универзитетот за земјоделски науки и ветеринарна медицина во Падова, Италија ги открива иновациите во унапредувањето на исхраната на добитокот. Дел од нив веќе се користат и во земјава, преку поддршката која Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем им ја нуди на млекопроизводителите во партнерство со млекарите. Последната иновација овозможува увид во здравјето на кравите преку анализа на млекото, што многукратно го поедноставува и забрзува процесот на грижа за животните.

- Advertisement -

Проф. Берзаги, може ли да ни кажете нешто повеќе за себе и вашето професионално искуство?

Роден сум во Италија, а израснав на семејната фарма. Дипломирав земјоделски науки на Универзитетот во Падова, по што се преселив во САД и бев дел од Мастер програмата за млечна исхрана на Вирџинија тек (Virginia Tech). Во изминативе години работам на Универзитетот во Падова, на Ветеринарниот факултет. Покрај тоа што професионално ја истражувам исхраната на сточните животни, истовремено многу се интересирам и за новите технологии и начинот на кои тие можат да ни помогнат во унапредување на исхраната на кравите. Еден од резултатите на мојата работа е и NIR скенерот и софтвер, инструмент за анализа на сточната храна, со кој се овозможува одредување на идеален баланс на сите хранливи материи потребни за животните.

- Advertisement -

Во Македонија веќе правевте обука за користење на овој скенер. Која е причината што сте повторно во Македонија?

Првиот пат кога дојдов во Македонија, на покана на УСАИД, одржав тренинзи за употреба на иновативната технологија, како се употребува инструментот и истовремено како да се користат резултатите од мерењата за да се нахранат животните и да се подобри нивната состојба и продуктивност. Голем број од ветеринарите кои присуствуваа тренинзите ги оценија како многу успешни и од таа причина УСАИД повторно ме покани, за да ја продолжиме успешната работа со нови обуки.

- Advertisement -

Ветеринарите во земјава кои го користат инструментот веќе имаат почетни резултати, бидејќи, секако потребно е подолго време за целиот процес. Секогаш кога се промовира нешто ново, потребно е време за да го прифатат што повеќе луѓе. Тоа најчесто се случува кога ќе се видат првите позитивни продобивки, тогаш интересот и употребата навистина почнува да се шири.

Може ли да ни објасните нешто подетално за вашите иновации во поглед на исхраната на сточните животни?

Јас го развив NIR инструментот, а го лансиравме преку спин-оф компанија на Универзитетот во Падова. Со оваа компанија развивме апликација за млекопроизводство и инструмент кој е пренослив и може да се користи од фарма на фарма, со цел анализа на содржината на сточната храна. Развивме и софтвер во кој можат да се префрлат податоците од инструментот и да се анализираат и да се формулира балансирана исхрана, во зависност од потребите и видот на животното. Два од овие инструменти се на располагање на македонските фармери и тие ги користат веќе некое време.

Дали сте во тек со состојбите во фармерството во Северна  Македонија. Дали домашните фармери се подготвени да воведат иновации во својата работа?

Од разговори со луѓето во текот на мојата прва посета во јуни и сега, млечното производството има многу потреби. Една технолошка алатка нема да ги реши проблемите. Фармерите мора да ги менуваат навиките, особено помалите фармери, бидејќи е невозможно да работат по истите принципи како пред педесетина години. Секогаш постои подобар начин за да се заврши една работа, а тие треба да се обидат да го откријат. Секогаш ќе постојат фармери кои ќе се противат на промените, но нашата цел е да ги најдеме фармерите со желба за иновации и напредок, да се фокусираме на нив, да им помогнеме да ги имплементираат новите технологии и да ги следиме нивните резултати. NIR инструментот е наменет за проверка на квалитетот на храната за стоката и овозможува фармерите исправно да ја формулираат количината и составот на добиточната храна и фуражните растенија кои се исхрана за добитокот.

Исто така, работиме со приватни компании на анализа на млекото. Тоа е една од иновациите кои ги презентирав сега за време на втората посета во Скопје. Покрај податоците за протеини и маснотии, сега од млекото можеме да извлечеме информации и за здравјето на кравата. Тоа се прави без да се земе примерок од крв, што значи дека рутински преглед на животното може да имаме со секој примерок од млеко. Тоа е нешто ново што го работиме веќе некое време. Имаме и инструменти кои ги вршат овие анализи, на кои преку собирање на примероци од млеко од повеќе фарми може да се менаџира состојбата во целата индустрија. Разговаравме и за можноста да обезбедиме средства за да купиме два вакви инструменти и да обучиме двајца лабораториски техничари. Тие можат да анализираат стотици примероци секој ден и да ја опфатат целата земја. Оваа технологија е лесно пренослива и не е компликувана за употреба.

Вие сте универзитетски професор, но исто така работите со компании и имате практично искуство. Каква треба да биде соработката меѓу научната заедница и компаниите за да се спроведат иновациите во земјоделството?

Сакам да работам со компании бидејќи секогаш имаат добри идеи, имаат големи барања и цели, што за мене е предизвик и мотивација. И во Италија во јавниот сектор нема инвестиции, но доколку презентирате нешто што вреди пред некоја компанија, тие секогаш се заинтересирани и сакаат да инвестираат. Прогресот во приватниот сектор е многу динамичен, а позитивна работа е што  се свесни дека науката и нивните достигнувања им се потребни. Комбинацијата е одлична.

Има ли начин на кој во Италија универзитетите привлекуваат приватни компании и ги користат како извор на иновации? Дали е востановена некоја мрежа или програма на соработка?

Проблемот на нашите универзитети е што немаат средства за истражувања, па соработката се воспоставува врз основа на размена на нашето знаење за нивните буџети за истражувања. Потпишуваме договори и компанијата му плаќа на универзитетот за одредено истражување, а за возврат компанијата добива конкретни резултати, иновативни технологии, алатки, апликации или инструменти и даночни олеснувања заради инвестициите во истражувачки цели.

Сподели!
- Advertisement -