Интервју со Данчо Димков, сопственик на BizzBee Solutions, македонска start-up консултантска агенција
Кажете ни кој е/ што е BizzBee Solutions? По што се разликувате од другите консултантски куќи на македонскиот пазар?
BizzBee Solutions е македонска start-up консултантска агенција, која се стреми кон постојано проширување на своите хоризонти. Нашата главна движечка сила е растот. BizzBee Solutions е основана во 2015 година, без никаква дополнителна помош од државни или странски грантови. Од 2015 година до денес, имаме соработувано со повеќе од 350 агенции, компании и консултанти од различни делови на светот. Нашата приказна ја започнавме со услуга за истражување на пазарот, неколку практиканти и голема желба да успееме и да го пронајдеме своето место под сонцето. Нашиот бренд e лесно претпознатлив. Пчелата е наш заштитен знак и инспирација. Тоа што не разликува од другите консултантски куќи на македонскиот пазар е тоа што сме предводени од работливата и упорната природа на пчелката. Доколку не успеевме како консултантска агенција, сигурно би се вброиле меѓу најпознатите македонски производители на мед. (се смее)
Велите дека главна движечка сила ви е растот. Како им помагате на вашите клиенти да пораснат? Наведете ни некои примери со конкретни фирми за да го илустрираме тоа?
Навистина е така. Нашата движечка сила е растот. Професионален раст и развој. Раст на одлично завршени проекти. Раст на успешни приказни. Раст на среќни и задоволни вработени. Нашата примарна цел е да изнудиме што поголем број на насмевки и задоволни клиенти, но и да им обезбедиме безбедна работна позиција, пријателска атмосфера, професионален и личен развој на своите вработени. На крајот од денот, тие секојдневно допринесуваат за понатамошниот успех на BizzBee Solutions. Навистина е тешко да издвојам некој конкретен пример, со оглед на тоа што сум горд на голем дел од резултатите што ги имаме постигнато за нашите клиенти. Сепак ако морам, би ги издвоил Gelato, софтверска компанија. Нашата цел беше да го оптимизираме работниот процес на Gelato, да ги подобриме нивните активности во каналите за продажба и маркетинг. Како успеавме да го постигнеме сето тоа? Методите кои ги користевме беа следните:
– Постојано истражување на релевантни настани и трговски изложби;
– Филитрирање на листите на изложувачите со високо-квалитетни профили;
-Поддржување на CRM (Customer Relationship Management) активностите, по завршувањето на настаните.
Каков резултат добивме? За време на нашата соработка од повеќе од 3 години, ние обработивме повеќе од 100 трговски изложби. Со наша помош, Gelato стекна повеќе од 90 можности за соработка, од кои полoвина беа успешни. Дадовме значителен придонес за проширување на нивните бази на податоци, со компании во специфични целни сегменти. Во 2018та, Gelato добија финансиска поддршка од 20 милиони долари. Сакам да мислам дека индиректно и ние помогнавме во растот на Gelato.
Можеме да се пофалиме со уште многу вакви успешни проекти како Gelato и на тоа сме особено горди. Токму ваквите успешни приказни не мотивираат и инспирираат да продолжиме понатаму, со поголема брзина и да не се задоволуваме со малку. Секогаш да бидеме желни за повеќе, бидејќи секогаш можеме повеќе.
Дали вашиот пазар е претежно Македонија или со вашата понуда работите и на други пазари?
Вратите на BizzBee Solutions за секого се постојано отворени. Без разлика на локацијата или пак националноста. До сега, најголемиот број на клиенти се наоѓале надвор од границите на Македонија, најчесто во Европа и Соеднинетите Американски Држави. Сме имале можност да соработуваме и со компании, агенции и консултанти од Македонија, но за жал нивниот број е помал. BizzBee е отворен за соработка со секого, нашето контакт инфо е лесно достапно и можам да кажам дека максимално професионално пристапуваме кон секој што ни се доверува со конкретен проблем или прашање.
Како во моментов ја оценувате македонската претприемничка сцена од аспект на идеи и од аспект на можности за раст и развој?
Особено ме радува тоа што македонската претприемничка сцена носи во себе огромен потенцијал. Имав повеќе можности и ми беше големо задоволство да запознаам македонски претприемачи, кои веќе се долги години активни во бизнисот. Тие се вртоглаво успешни, мудри и претприемачи кои можат да се пофалат со голема доза на искуство. Но, исто така, запознав и млади луѓе, кои во себе ги имаат идеите кои би го промениле светот. Македонската сцена од апсект на идеи блика со огромен потенцијал. Потребно е да ги поддржиме младите луѓе – идни претприемачи и колку што можеме повеќе да им пренесеме знаење и вештини. Тие се нашата иднина. Тие се оние кои ќе го донесат светот во Македонија. Но, им е потребна нашата поддршка и поткрепа. Од аспект на можности за раст и развој, се соочуваме со доволен простор за експанзија и развивање. Сметам дека имаме голема желба и амбиција за развивање на претприемачката култура, да се стимулираат иновациите и да се поттикнат фондовите, кои ќе овозможат успех на глобално ниво. Но, ништо не можеме да направиме сами. Мораме да бидеме сплотени за да се избориме за место под глобалното претприемничко небо.
Со оглед на глобалната пандемија која ја живееме, дали и како се менуваат вашите бизнис планови и оние на вашите клиенти? Дали Ковид е закана или можност?
Ковид-19 е доказ дека непредвидливи нешта се случуваат. Нешта кои не би можеле да ги вметнеме во своите бизнис планови. Секако, бизнис плановите се неопходни и од голема важност, но, како би се соочиле со ненадејна глобална пандемија, која резултира со затворање на бизниси, губење на работни места и слично? Јас гарантирам дека никој не го вметнал Ковид-19 во својот бизнис план за 2020 година. А сепак се случи, сеуште трае и ќе треба да се соочиме со поголеми и подрастични последици од Ковид-19 пандемијата. Веќе извесно време целиот тим на BizzBee Solutions работи од дома. Нешто што не би го искусиле доколку не се соочивме со глобалната пандемија. Се прилагодивме за работа од дома, секој вработен навистина допринесе да не ја изгуби својата продуктивност, начин на работа и навремено извршување на задачите. Функционираме преку Skype, Zoom или Microsoft Teams. Таму комуницираме и се договараме за работните задачи и активности, го пиеме кафето, си ги споделуваме маките. Заклучивме дека можеме и вака беспрекорно да функционираме. Недостасува кафето на пауза и дружењето после работа. Но, пред се треба да се заштититме и да останеме безбедни. Сепак, удобноста и здравјето на вработените се клучна работа за успешен бизнис. Ковид-19 е неспорно една голема закана, но можеме да се сложиме дека е и можност. Македонија, на еден начин беше принудена да се дигитализира, а тоа е голем чекор напред