Приказна за „Шумски Фенери“, магично место на Пелистер за романтични души и адреналински спортови

- Advertisement -

Патот кон селото Трново, во тој сив и маглив декемвриски ден, страшно ме потсети на таа придушена, мистична, меланхолична, но истовремено и прекрасна атмосфера од книгата на норвешкиот писател и новинар Тригве Гулбрансен „И вечно пеат шумите“.

И додека моите мисли ги следат кривините по тесниот пат кој води кон најстариот национален парк Пелистер, некогаш прогласен во Југославија, пат по кој едвај се разминуваш со возилата кои се спуштаат од горе и размислуваш што треба некој да направи за да има пристоен пат кон убавецот Пелистер … Жалам што нема декемврски снег, за оваа приказна која ќе ви ја раскажам да има вистински амбиент.

- Advertisement -

Но, возејќи знам дека пристигнувањето во хотелот „Шумски фенери“ и средбата со братот и сестрата Мушуланови, ќе ја роди сторијата која ќе раскаже како може да се зачува семејниот бизнис кој е еден од пионерите на планинскиот туризам во Македонија, но и поважно – како може да се стави во контекстот на новото време со ажурирање на целата приказна низ призмата на адреналински зимски спортови.

Новинар: Љубица Ангелкова

- Advertisement -

Љубица Мушуланова Ристевска беше предодредена за книжевност.

Веројатно ќе беше професорка по македонски јазик. Но од таа љубов и остана само љубовта кон читањето на книги, а по формално образование е дипломиран менаџер по царина и шпедиција, факултет кој го заврши по препораки на нејзиниот татко. Тој можеби не размислуваше дека неговата ќерка, заедно со синот Коче Мушуланов, ќе го наследат семејниот бизнис, а тоа беше водењето на малиот хотел и ресторан Шумски фенери лоциран во пелистерското село Трново.

- Advertisement -

Како започна таа семејна приказна со планинскиот туризам?

Семејната приказна на планински туризам започна во далечната 1988 година кога мојот татко си го оствари својот најголем сон, да има сопствен ресторан во кој ќе биде самиот готвач. Сега од оваа перспектива кога гледам колку тој малку посакувал, а до каде сме дошле.

80-тите години од минатиот век се период кога Југославија се распаѓаше како концепт, а Македонија како нејзин составен дел имаше многу малку приватни бизнис. Какви предизвици требаше тогаш да помине Вашиот татко за да опстои?

Во 1988 година ние бевме еден од ретките приватни бизниси не само тука, туку пошироко. Никој не веруваше дека ќе успее. Сите го разубедувале во неговите намери.

Татко ми потекнува од многу сиромашно влашко семејство од Село Маловиште. Во животот многу ризикувал, бил навикнат на малку, така што немал сон да создаде богатство, туку да покаже дека верува во својот сон. Честопати денес со мојата мајка се потсетуваат во какви ризици влегувал, за кои често не и кажувал и неа, за да не го разубедува. Но, секој ризик кој го превзел, се исплатил.

Љубица Мушуланова Ристевска

Веројатно станува збор за вродена упорност и посветеност. Тој е премногу вреден човек, а веројатно таквите луѓе нема кој да ги спречи да не го остварат сонот. Она што е наша предност е што неговиот бизнис го добивме поставен на многу чесни и здрави односи и со огромна семејна слога излегувавме и тогаш, а и денес на крај со секој предизвик.

Кога го направивте трансферот на менаџирањето за да го преземе младата генерација? И кои беа првите работи кои ги променивте?

Официјално, јас станав управител во 2003 година. Бев многу млада. Имав обврски со учењето и реално бев под многу голема сенка на татко ми. Бев и несигурна. Татко ми беше веќе етаблиран, со име и презиме и тој беше човекот со кој сите сакаа да работат.

Некаде 2006/07 јас и брат ми формиравме семејства и тогаш почнуваат и промените кои стануваат видливи. Промени на трансфер, со мали и сигурни чекори. Прво го редефиниравме пазарот, таргетиравме друга група на гости и посетители, учевме кои се новите предизвици на хотелиерството и туризмот воопшто, работевме со помош на моите родители на ново мени, зошто старото траеше со децении, а сепак сакавме да ги зачуваме традиционалните јадења по кои сме познати. Сакавме да направиме промени, а притоа да внимаваме на традицијата.

Тешко е тоа. Паралелно работевме и на ентериерот прво на ресторанот, а потоа и на хотелот, кои сега се претворени во вистинска планинска приказна.

Какви стандарди поседува вашиот хотел и ресторан?

Најпрво го сертифициравме објектот со задолжителниот ХАСАП. Иако пред тоа ги имавме ЈУС стандардите кои се далеку покомплицирани од денешниот ХАСАП. Така што тој реално беше променет. Објектот го трансформиравме да биде енергетски ефикасен и на тој концепт сè уште работиме посветено. Се грижиме за околината, сакаме Шумски фенери да се одржлива бизнис приказна.

Како дојдовте на идеја да вклучите дополнителни услуги кои се насочени кон адреналински спортови и откривања на планината на поинаков начин?

Мојот брат Коче (со кој сме заедно косопственици во бизнисот) и мојот сопруг се големи вљубеници во сноубордингот и поминуваа по речиси 100 дена на планина. За да си ја продолжат зимската сезона, решија да направат нешто. Првиот ратрак кој го купивме беше повеќе желба и љубов на брат ми, а потоа следуваа уште неколку.

Исто така голема причина за влез во оваа авантура беше недостатокот на странски гости во зимскиот период. Размислуваме што може да направиме за да привлечеме туристи. Имаме прекрасна планина која е убава 365 денови во годината. Но, во зима Пелистер е посебно убав.

Ние зимите ги користевме за реновирање и реализирање на плановите за развој. И имавме слободно време за да уживаме во планината. Но, идејата хобито да го споиме со бизнис беше совршен клик. Гостите доаѓаа најмногу два дена и си заминуваа, зошто немаше што да прават. Реално Пелистер не се разви во сериозен скијачки центар, а има фантастичен потенцијал. И така се роди понудата Freeride-SF Freeride. Во светот тоа не е нешто ново, ние не измисливме топла вода. И тука блиску до нас, на Попова Шапка има луѓе кои со лични инвестиции го развиваат зимскиот адреналински поинаков туризам. Тие се пионери во оваа работа, а ние тој пример го следевме.

Freeride-от и адреналинските спортови земаат многу голем замав во последните 10 години и секогаш е огромно задоволство да се скија на недопрени терени. Адреналинскиот туризам е број еден во последната деценија во светот и нешто што дефинитивно треба да го размислува Македонија, доколку сака да биде ставена на таа мапа, зошто има потенцијал. Класичните патувања со разгледување на знаменитости или зимувања со скијање во метеж во скијачките центри се заменуваат за адреналински активности со висок ризик, како качување на карпи, параглајдингот, џип тури, downhill и неизбежниот freeride. Во конекција со природата интеракција со културата и физичката активност, Македонија има многу добра подлога за развој на адреналински туризам.

Ние сме меѓу првите кои виделе потенцијал во една таква туристичка гранка.

Како го афирмирате она што го нудите на Пелистер од сферата на авантура, адреналински спортови и уживање во природа? Како допревте до таргетирани потенцијални клиенти?

Па тоа е нова страница од нашиот бизнис и секој ден учиме како да допреме до нови клиенти. Убавиот збор многу бргу се шири и препораките носат нови гости. Февруари 2020 беше најуспешниот месец досега. Не посетија многу гости, а испративме пријатели. Работиме со партнери кои продаваат адреналински туризам во текот на целата година. Имаме многу добар партнер во Словенија, два нови партнери од Полска и Чешка, Швајцарија и Германија. Од минатата година се продаваме и на големиот powderhunds, платформа за продажба на freeride. На неа и се водиме како најдобриот оператор за freeride на Балканот. Сепак имаме уште многу за учење и за откривање на нови пазари и нови можности.

Кои беа Вашите гости пред да започне здравствената криза со Covid-19?

Пред пандемијата, 80% од нашите гости беа странци. Не можам да ви го опишам воодушевувањето на сите нив од нашата планина. Но исто така беа вчудовидени од нашата апсолутна негрижа кон природата. Посебно од ѓубрето кое го има насекаде. Нашите гости не доаѓаа само еднаш. Тие се враќаа, без разлика од крај на светот патувале. И денес мислам дека тие повеќе беа свесни за нашите убавини и за потенцијалот кој го имаме, од нас самите. Тажно е тоа. Исто така, жалам што ги немаме сега.

Кои гости ги имате сега?

Веќе шест месеци работиме исклучиво со домашни гости. И за разлика од многуте критичари дека не нèбидува за туристи, не е точна. Барем зборувам за нашите гости, во Шумски фенери. Во овие 6 месеци пречекавме и испративме илјадници гости. Културни, добри, фини, љубезни и презадоволни луѓе. На сите им кажувам дека онаа слика која се прикажува на социјалните мрежи дека не чиниме како народ е комплетно погрешна. Ова ви го тврдам од она што го гледам секој ден. Нашите гости се добри туристи.

Коче Мушуланов

Но, треба да учиме … што треба да учи македонскиот турист?

Единствено нешто што мора сите да научат е да не се фрла ѓубре кај ќе се стигне. Треба со почит да се однесуваме кон природата. Како нејзини гости. Како генерации кои треба да оставиме чиста планета за следните генерации.

Во моментот, нештата во туризмот се закочени. Но, вие упорно наоѓате простор во кој функционирате?

Мотото на нашиот бизнис е да се изнајдат сите можни начини да бидеме привлечни во текот на целата година. Во пролет и лето сме украсени со многу цвеќе, во есен правиме есенска декоративна приказна од она што природата ни го нуди, а во овој период од годината со нашата препознатлива божиќна декорација, Шумски фенери ги претвораме во празнична бајка. Луѓето доаѓаат специјално, како што се оди на божикните маркети по плоштадите по светот или во забавните паркови кои се отвараат пред празниците. Објектот е максимално привлечен, луѓето бараат нешто поинакво.

Во овој момент нудиме малку шаренило и магија во цело ова сивило од пандемијата.

Кои услови ви се потребни за да кажете дека ова е бизнис кој со задоволство се работи?

Ние поминуваме многу саати на работа и ако во истата не уживаме, сè ќе биде залудно. Внесуваме новини секојдневно, само така создавате задоволни гости од верните посетители, а тие ви носат нови гости. Тоа е тој волшебен круг. Треба и подобра бизнис клима, повисок стандард кај населението … но во време на пандемија, за ова е нереално да се зборува.

Постојано се едуцирате. Од кого најмногу сте учеле?

Учам од секој нов гостин, од секој нов предизвик, но и од грешките кои ги правиме. Учам и од секој нов проект на кој работам, аплицирам и на нови проекти, ги следам сите економски текови. Тој бекграунд како образование го имам. Можеби татко ми имаше право што ме насочи кон економијата како избор за студирање, отколку кон книжевноста која ми беше најголема љубов … хаха.

Исто така сум и „најголем експерт“ кој си ја чука главата како никој не ја предвиде 2020 и крахот кој ќе следи после оваа година.

Уште еден сегмент кој бара многу учење и вложување за мене се можностите на дигиталниот маркетинг. Социјалните мрежи се најголемиот двигател на денешницата, најголемиот предизвик и учам секој ден како се користат новите алатки за маркетинг и продажба на нашиот бизнис. Без Фејсбук и инстаграм незамисливо е постоењето на еден успешен бизнис денес. Но исто така ми пречи и фактот на совршен розов живот кој се продава на нив, а во суштина не е баш така.

Кои се перспективите на бизнис како вашиот?

Искрено сакам да останеме долго, да траеме, да се развиваме. Можеби некое од децата ќе сака да продолжи и да воведе новитети кои ќе ги донесе новото време. Можностите во туристичкиот сектор се огромни. Сакам да ја видам планината развиена, но не уништена од развој. Сакам да биде препознатлива дестинација и лето и зима. Со планината и нашите можности и потенцијал ќе бидат огромни.

Кој е следен проект на кој работите?

Сега се обидуваме да го разработиме адреналинскиот freeride, да имаме повеќе туристи на зима, овој пат домашни, но исто се спремаме и за летна адреналинска варијанта со што ќе ја зголемиме понудата на Пелистер на лето. Во секој случај не мируваме и размислуваме за нови можности и перспективи/

Сподели!
- Advertisement -