Откако цела 2020 година научниците од целиот свет работеа на пронаоѓање вакцина против КОВИД-19 за да го стопираат ширењето на пандемијата, сега се свртеа кон пронаоѓање лек за вирусот.
Претходно веќе пишувавме за британска студија која работи на потврдување на ефикасноста на лек за КОВИД-19, а сега по истиот пат тргнаа и руски научници. Имено, Федералната биомедицинска агенција доби одобрение од руското Министерство за здравство да почне со клинички тестирања на лек за КОВИД-19.
Како што појаснуваат на веб-страницата на Агенцијата, станува збор за лек кој го развиле научници од Институтот за имунологија FMBA. Во првиот круг од клиничките испитувања ќе се проверува безбедноста и толеранција на лекот кај здрави доброволци.
Ако клиничките испитувања ја потврдат ефикасноста на лекот, тоа ќе биде првиот безбеден, ефикасен и прецизен антивирусен лек во светот, истакна шефицата на FMBA, Вероника Скворцова. Таа додаде дека прелиминарните испитувања покажале дека лекот е безбеден затоа што не влијае на телото и имунитетот кај луѓето, а се покажал дека е 99% ефикасен.
Како што велат од FMFA, нивните научници развиле и патентирале лек кој е комбинација од miRNA, односно мали некодирачки молекули на рибонуклеинската киселина, чија улога е пригушување на РНК и послетранскрипциско регулирање на генетскиот материјал, која се врзува за геномската РНК на вирусот САРС-КоВ-2. Тоа резултира со уништување на геномите и нуклеопротеините на Н генот на вирусот и има за последица стопирање на размножувањето и уништување на самиот вирус.
(Zimo)
(фото: Pixy.org)